12 Nov Стоп за женофобијата, стоп за хомофобијата, стоп за трансфобијата.
По повод Mеѓународниот ден на толеранцијата, 16-ти ноември, Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 17-ти Ноември, по четврти пат ќе го организира Маршот на толеранција. Mеѓународниот ден на толеранцијата (Резолуција 51/95 на ОН) претставува можност за секој граѓанин, организација или институција, да излезат и јавно да ја искажат својата заложба во борбата против дискриминацијата по која било основа и градење на општество во кое почитувањето на човековите права е приоритет.
Со оглед на тоа, Ве охрабруваме да излезете со нас и заедно да покажеме дека македонското општество може да ги разбере и прифати различностите и дека ќе се спротивстави на постоечките предрасуди и форми на дискриминација присутни во нашето општество.
Оваа година маршот го посветуваме на ЛГБТИ популацијата во Македонија поради хомофобичната кампања која трае веќе подолго време и е уште повеќе потенцирана во последниов месец. Воедно, овој марш ќе ја искаже својата поддршка на правата на жените кои исто така беа погодени од говорот на омраза кој што произлезе од оваа кампања.
Кампањата артикулираше исклучување на сите различности, а во нејзиниот фокус се најдоа и жените чии приоритети отскокнуваат од традиционално воспоставената улога на жената. На удар се самохраните родители, мажите кои своите деца не ги воспитуваат со сопруга и на удар се сите оние семејства кои не се вклопуваат во дефиницијата на семејство како алатка за производство на “здрава нација”. Овој марш има за цел да потсети на правото на живот, правото на избор и на правото да се биде различен!
Оттука, овој марш ќе претставува и Апел до Владата на Република Македонија за почитување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и негова соодветна имплементација во реалноста! Овој марш исто така ќе претставува и апел за надополнување на овој закон со сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за спречување и заштита од дискриминација.
Придружете ни се на овој марш, да дадеме свој придонес во градењето на толерантно општество кое силно ќе се залага за борбата против дискриминација и почитувањето на човековите права.
Маршот ќе се одржи на 17-ти Ноември со почеток во 13 часот пред Музејот на град Скопје и ќе заврши на плоштадот Македонија, во центарот на Скопје.
Со почит,
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија