06 Nov Македонските манифестации на хомофобија (2)
Автор: Александар Ламбевски
Преземено од Окно.мк
Машката хетеросексуална моќ како недопирливост, стравот од геј секс, социо-психолошките корени на хомофобијата и фашистичкиот светоглед
Доминантната идеологија во Македонија сега е мешавина од патријархална традиција со православно педигре и мачо клеро-етно-национализам кој веќе преминува во неофашизам, при што главниот акцент на макросоциолошко ниво е репродуцирањето на слепата послушност кон Авторитетот (кон Лидерот, Партијата, Црквата, Нацијата и Традицијата), а на микросоциолошко ниво е репродуцирањето на хиерархиски, родово асиметрични, експлоатaторски односи во традиционалното, патријархално хетеросексуално семејство и на работното место каде што позицијата на Авторитетот ја зазема мажот-татко, или вообичаено мажот-шеф-менаџер-директор-декан-сопственик на фирма, итн. Ваквата идеологија во услови на крајна сиромаштија и огромна стапка на невработеност, економска зависност на мнозинското население, корумпиран политички и економски систем, правна несигурност, активно рушење на независното граѓанско општество од страна на државата-влада, замолчување на критичката интелигенција и зауздување на слободата на говорот преку новиот закон за клевета и фрустрирање на животните шанси и желби на генерации македонски државјани, станува многу погодно тло за ширење на авторитарната личност. Главни атрибути на оваа личност, според една многу опсежна емпириска социо-психолошка студија за општествените предрасуди на Адорно и неговите колеги, се манифестираа како едно сè-ориентирање кон моќта, експлоататорски однос кон својата брачна или интимна партнерка, во којшто таа е само потчинета домаќинка, машина за раѓање деца и сексуален објект. Овој експлоататорски однос е измешан со потполна домаќинска зависност од својата брачна или интимна партнерка, како и слепа врзаност за својата етно-национална група и својот Бог, кој „кулминира во една политичка философија и општествен светоглед во коишто нема ама баш никакво место за ништо друго освен очајното држење за она што изгледа моќно и одбивање, исполнето со презир, на сето она што е принудно сместено на долните скалила на општествената хиерархија“ (Adorno, T. Frenkel-Brunswik, E. Levinson, D. Sanford, N. The Authoritarian Personality, том II, 1964, стр. 971).
Во ваков општествено-политички амбиент, моќта се концпира како апсолутна. Многу одамна, Ѓорѓе Марјановиќ луцидно ги опиша машките ни семоќници како недопирливи по дефиниција, „ако можат да те „допрат“ (да те направат одговорен), тогаш не си веродостојна моќ“ (изјава дадена за Меѓународната кризна група, Macedonia’s Public Secret: How Corruption Drags the Country Down, 2002, стр 14). Недопирливоста, неранливоста, агресивноста, препотентноста и (верувањето во илузијата за) неможноста „да бидеш заебан“ се главни атрибути на ваквото крајно маскулинизирано поимање на моќта, чиј симболички израз се наоѓа токму во фалусот (што е нешто либидинално-телесно поврзано со пенисот, ама не во буквална смисла). Опачината на ваквото поимање на моќта е токму постојаната параноја дека сепак некаде некој некогаш ќе може „да ти го пикне“ во метафорична, ама и во буквална смисла, бидејќи секој има дупка. За практикувачите на ова фалоцентрично поимање на моќта, ранливоста на машкиот анус, буквално олицетворена преку аналниот секс помеѓу мажи, претставува предавство на фаличните мачо привилегии кои мажите-авторитети ги уживаат, крајно понижување, исчезнување на границите на машката хетеросексуална самоконструкција и причина за нивен неверојатен страв, што тие се обидуваат да го прикријат со немилосрдна агресија и омраза кон хомосексуалните мажи.
За Редман, (Redman, P. „Tarred with the Same Brush“:„Homophobia“ and the Roles of the Unconsious in School-Based Cultures of Masculinity, во Sexualities, бр. 3, 2000, стр. 438-99), фалоцентричноста не е само негирање на машката моќ и вредноста на жените, ама токму во негирањето на женственото, на ранливото, на нежното, фалоцентричноста означува „негирање на вредноста на немоќта…радикална дезинтеграција и понижување на егото“ (Bersani, L. Is the Rectum a Grave?, во AIDS: Cultural Analysis, Cultural Activism, 1988, стр. 217). За многу хетеросексуални мажи, според Редман, машкиот геј секс имплицитно сугерира губење на машката моќ, лишување од привилегиите на фалусот и славење на губењето на овие привилегии. Со одбивањето на привилегиите од поседувањето на фалусот, според Редман, машкиот геј секс за многу хетеросексуални мажи станува вистинска закана, на којашто тие одговараат со „убиствен, нарцисистички бес“ (Redman, P. „Tarred with the Same Brush“:„Homophobia“ and the Roles of the Unconsious in School-Based Cultures of Masculinity, во Sexualities, бр. 3, 2000, стр. 492). Не случајно само аналниот секс помеѓу мажи беше кривично дело како „противприроден блуд“ во кривичниот законик на Социјалистичка Република Македонија, и не случајно сега гледаме порнографски сцени од машки геј секс како „клучен аргумент“ во хомофобната анти-геј кампања на насловните на Вечер и други владини медиуми, чија единствена цел е токму јавното и масовно мобилизирање на тој убиствен, нарцисистички бес.
Ова се, во многу кратки црти, социо-психолошките корени на хомофобијата. Литературата за причините и манифестациите на хомофобијата е огромна. Како што укажува Енда МекКафри, терминот е погрешен, бидејќи фобиите генерално се манифестираат како патолошки страв и опсесивно бегање од она што го предизвикува овој страв, а не како конфронтирање и насилство кон предметот што предизвикува страв (McCaffrey, E. The Gay Republic: Sexuality, Citizenship and Subversion in France, 2005, стр. 204). Затоа има психолози кои го преферираат терминот „хомопредрасуди“. И покрај проблемите со терминот „хомофобија“, јас ќе продолжам да го користам овде, бидејќи тој е веќе длабоко навлезен во македонскиот јавен дискурс. Следејќи ја МекКафри, мојата работна дефиниција за хомофобијата е „било која форма на дискриминација, предрасуда или агресивност (вклучувајќи физичко насилство и општествена стигма) кон лезбејки и геј мажи (McCaffrey, E. The Gay Republic: Sexuality, Citizenship and Subversion in France, 2005 стр. 204)“. Исто така, хомофобијата ја дефинирам како еден нормативен репресивен емоционален режим кој има за цел ориентирање на мислите, зборовите, чуствата и телесните акции и на хомофобите и на хомосексуалците, со кои хомофобите се „прочистуваат“ од своите сопствени потајни хомосексуални желби преку малтретирање, омраза и презир за сите оние што и на најмал начин ќе ги потсетат на тие скриени, репресирани желби, а хомосексуалците се присилуваат да се кријат во една длабока илегала и да се прикажуваат во јавноста како она што не се. Дефиницијава ни оддалеку не ја дава целосната слика за тоа „како функционира хомофобниот ум како психолошки и социјален феномен“ (McCaffrey, E. The Gay Republic: Sexuality, Citizenship and Subversion in France, 2005, стр. 204). Интернализирањето на овие хомофобни омрази и предрасуди на општеството од страна на многу хомосексуалци е познато како интернализирана хомофобија, во која предметот на убиствениот, нарцисистички бес не се само други хомосексуалци, туку и самите себе.
Патем речено, Адорно и неговите колеги, во веќе цитираната опсежна емпириска студија, во делот посветен на фашистите, кој е сместен во поглавјето „Криминалот и антидемократските трендови: студија на затвореници“ (Adorno, T. Frenkel-Brunswik, E. Levinson, D. Sanford, N. The Authoritarian Personality, том II, 1964, стр. 880-884 и стр. 817-890) убедливо ја покажува поврзаноста на растењето на силно хомофобните хетеросексуални мажи во репресивни фамилии, посебно во оние со строго авторитарен татко-сопруг, стравот од и апсолутната послушност кон таткото, хомофобијата и фашистичкиот светоглед. За Адорно, плашливата покорност на овие синови кон нивните татковци е резултат на „хомосексуалните аспекти кои се едвај прикриени“. Адорно е очигледен следбеник на психоаналитичките, фројдовски, едиповски теории за хомосексуалноста и хомофобијата. Според овие теории, идентификацијата и сексуалната желба за таткото во предедиповската фаза продолжува и во едиповската фаза, што значи дека сексуалната желба на мажи за други мажи продолжува како и потребата за нејзиното постојано негирање. За Адорно и многу други следбеници, хомофобијата е постојана, никогаш наполно ефикасна, одбранбена стратегија што машкиот хетеросекуален субјект ја користи против сопственото предедиповско идентификување и сексуалните желби.
Филмот Источни ветувања (Eastern Promises) на Дејвид Кроненберг, како една приказна за случајното вовлекување на една медицинска сестра Ана (која ја игра Наоми Вотс) во подземното секојдневие на руската мафија во Лондон во 2007 година, е одлична современа илустрација за врските помеѓу криминалот, хомофобијата, фашистичкиот светоглед во православна облека, патријархатот, авторитарната личност и слепата послушност на синот кон таткото. За оние кои ниту имаат време ниту желба да ги читаат сите 1000 страници на Авторитарната личност, овој филм, посебно односот помеѓу хетеросекуалниот мачо татко-шеф на руската лондонска мафија Семјон, чија улога Армин Милер Штал ја игра со таква контролирана убедливост, и неговиот син, прикриен хомосексуалец кој пати од интернализирана хомофобија, Кирил, кој го игра Винсент Касел, е одлична кратка студија на авторитарната личност. Секаква сличност помеѓу типовите што ги гледаме во филмот и типовите од македонското подземје кои ги полнат „спонтано насобраните“ толпи што редовно тепаат демонстранти, „педери, комуњари, курви, проститутки, Турци, Шиптари, цигани, итн.“ во денешно Скопје не ниту малку случајна.
Од денешна перспектива, теоретизирање на Адорно за фашизмот како еден вид потисната хомосексуалност или интернализирана хомофобија е оправдано проблематизирано од многу интелектуалци заради неговиот редукционизам и суптилното провлекување на уште еден хомофобен аргумент на старата левица, дека ете хомосекуалноста, па макар и во потисната форма, е сега виновна, во либидинална смисла, и за фашизмот, и покрај тоа што денеска многу убаво го знаеме убиствениот нацистички бес чиишто жртви беа десетици илјади хомосексуалци во Третиот рајх. Сепак, и покрај перспективата низ малку покритички очила, Авторитарната личност на Адорно и неговите колеги не престанува да биде една крајно фасцинантна, корисна и отрезнувачка студија за предрасудите (во прва рака за антисемитизмот, ама и за расизмот, ксенофобијата, хомофобијата, мисогинијата и многу други). Она што е посебно корисно кај Адорно е токму длабинската психологија на слепата или патолошка послушност на авторитарната личност и неможноста на оваа личност да го соочи сопственото размислување со мислењата и искуствата на кој било друг освен сопствените, коишто и онака, како што ќе споменам подолу, не се нејзини.
Арент, современичка на Адорно, детално ги опишува врските помеѓу саморазмислувањето (selbstdenken) на авторитарната личност и тоталитарната безобѕирност (thoughtlessness) на ектремно десничарските идеологии, во којашто сега несомнено припаѓа и груевизмот како македонска верзија на слични идеологии распространети низ цела постсоцијалистичка Европа. Арент во Ајхман во Ерусалим: Извештај за баналноста на злото (Arendt, H. Eichmann in Jerusalem: A Report on the Banality of Evil, 1963) ја одредува безобѕирноста како заблудена надворешно проектирана интроспективност на луѓе кои очајнички избегнуваат да се соочат со мислењата, желбите и искуствата на други човечки суштества, бидејќи токму во преставата на другите тие можат да го препознаат ликот-сенка токму на оној што тие го презираат и невозможно и очајнички се обидуваат да го прогонат од себе. Звучи слично на погоре споменатата дефиниција за хомофобијата, нели?
Сличноста не е случајна, бидејќи хомофобијата и безобѕирноста произлегуваат од истата социјално-психолошка матрица. Арент ја дефинира безобѕирноста како логикалност (logicality), размислување на рајата-стадото (herd thinking) што е нешто сосема поинакво од логика и логичноста. Оваа логикалност е „речиси потполна неможност кога било и каде било да се види што било од гледиштето на другиот“ (Arendt, H. Eichmann in Jerusalem: A Report on the Banality of Evil, 1963, стр. 47-48, прев. А. Л.). Арент го дефинира тоталитаризмот како „обид за (потполно) бришење на капацитетот за размислување (што за Арент, по дефиниција, подразбира размислување и од гледиштето на другиот), што станува посебно тешко во услови на модерно отуѓување и осаменост во индустријализираните општества“ (Nelson, D. The Scandal of Tone in Eichmann in Jerusalem, во Compassion: The Culture and Politics of an Emotion, 2004, стр. 237). Безобѕирноста се карактерира со целосна крутост кон ставовите, искуствата и емоциите на другиот. Она што го нарекувам овде „непромисленост“ е заблудено бегање и страв од соочување со безобѕирноста на другиот и илузорно верување дека безобѕирноста на другиот не се однесува на мене.
Терор врз секој оној кој размислува и живее поинаку, како оној на кој сега Македонија е изложена, се користи во име на аптракции како Бог, Здрава Раса, Нација, Природа, Традиција, за да се „мобилизира самопринудувачката (автоцензурирачката) сила на логикалноста (мисла која навидум изгледа како своја, но суштински и реално таа не е своја) за да не почне некој да размислува со своја глава токму за конкретно постоечки членови на омилени групи за мразење кои се крајно стеротипизирани и демонизирани, спакувани на таков начин од идеолошките апарати на државата, за да бидат лесен плен за омразата“ (Arendt, H. The Origins of Totalitarianism, 1951, стр. 171). Новиот закон за клевета сега само ја озаконува логикалноста и ја поттиткнува безобѕирноста на власта. За секој оној што ќе се осмели да каже нешто критичко за горенаведените апстракции, поборниците на логикалноста сега можат веднаш да се пожалат дека биле „навредени“ и да бараат законска санкција за критичарите.
Во една посебно интересна студија od 1956 година за врските помеѓу срамот и послушноста (конформизмот) на Аш (Asch, S. Studies of Independence and Conformity: 1. A Minority of One against a Unanimous Majority, во Psychological Monographs, бр 70, 1956, стр. 1-70), која уште повеќе емпириски ги потврдува и надградува тезите на Арент за групното (не)мислење како еден од изворите на тоталитарното општество и вовед во тиранијата на мнозинството, што многумина кај нас го поистоветуваат со „демократија“. Во оваа сега веќе класична лабораториска студија, Аш и неговиот тим ги изложиле своите истражувачки субјекти на една серија експерименти. Во овие екперименти осамени испитаници биле соочени со она што им изгледало како едногласно и едноумно мнозинство. Овие што ја играле улогата на мнозинството биле соработници на Аш. Аш им давал упатства на неговите соработници со еден глас да даваат погрешни одговори и за најлесни прашања, како на пример, која од 4 прави линии нацртани на подот е најдолга, и да видат како осамените испитаници одговарале на овие исти прашања откако ќе го слушнеле одоговорот на мнозинството. Големото мнозинство на осамени испитаници одговориле исто како и „мнозинството“ во лабораториските тестови, иако знаеле дека одговорот им бил погрешен. Она што оваа студија го потврдува е дека на мнозинството осамени испитаници групните стандарди им се принудно убедливи, иако тие доаѓаат однадвор и се сосема противречни на нивните сопствени стандарди, знаења и искуства.
Шеф ги интерпретира овие резултати на оние испитаници кои потклекнале на групното мислење како нивна желба да избегнат да се посрамотат „како различни“ од групата. Оние малцински испитаници, пак, кои одговориле точно на прашањата, покажуваат апсолутна доверба во сопствените стандарди и знаења, и покрај можноста од евентуално „посрамотување“ пред „едногласното мнозинство“, сепак го избираат точниот одговор (Scheff, T. Microsociology: Discourse, Emotion and Social Structure, 1990, стр. 89-95). Им оставам на читателите сами да си извлечат заклучоци од цитиранава студија во однос на тоа какво општество и политика ни се случуваат во Македонија, посебно кога се работи за мнозинскиот начин на размислување за сексуално и родово различните лица.
Колажи: Свирачиња