За безобѕирноста, авторитарната личност и недемократскиот светоглед: социолошка, философска и психолошка скица на македонските манифестации на хомофобијата (1)

За безобѕирноста, авторитарната личност и недемократскиот светоглед: социолошка, философска и психолошка скица на македонските манифестации на хомофобијата (1)

Автор: Александар Ламбевски

 

Преземено од Окно.мк

 

 

Конформизмот кон популарната (популистичката) верзија на она што е вистинско и возможно го заслепува мнозинството индивидуи од сопствените внатрешни визии. Само таа личност чие само-почитување е толку високо што може да го издржи општественото негирање ќе биде во можност да предложи нови решенија за нови проблеми.
Томас Шеф (Thomas Scheff) повикувајќи се на Ралф Валдо Емерсон (Ralph Waldo Emerson) (Microsociology: Discourse, Emotion, and Social Structure, 1990, стр.162, превод на А.Л; во текстот сите преводи од англиски се на авторот)

 

 

Кога неколку колеги ме замолија за реакција во врска со пропагандната анти-геј кампања започната од владата, владините медиуми, експертски и синдикални здруженија блиски на владата, кои го наметнаа прашањето за геј бракови и посвојување на деца во такви бракови (што никој од македонската ЛГБТ заедницата не го бара ниту некогаш го побарал како врвен политички приоритет), бев растргнат од дилеми и емоции. Не од дилемата дека како независен геј интелектуалец треба или морам да интервенирам во оваа тн. “дебата” за геј бракови во која таблоидот “Вечер” ја игра неславната улога на главен инквизитор, туку од дилемите за тоа каков критички пристап, емоционален тон и јазик се соодветни за крајните подлости и простаклуци со кои гласноговорниците на режимот на Груевски се служат во “дебатава” за геј бракови? За кого овде ќе пишувам и кому е гајле за она што овде имам да го кажам?

 

 

Првично, размислував за жестока полемика со наредбодавците и извршителите на континуираната анти-геј кампања што сега се води во Македонија, исполнета со голема доза сарказам и иронија, ама од причини кои ги наведувам во текстов се откажав од сизифовската идеја. Има ли фајде да им се обраќам на ултрадесничарите во нивната закоравена хомофобија, мизогинија, ксенофобија, расизам и клеронационализам, на чии сосема херметички затворени политички светогледи “Вечер” им сервира дневна доза на она, што следејќи ја Арент (Arendt), го нарекувам злобна безобѕирност и жртвени јагниња на жртвеникот на омразата. Се создава атмосфера каде што тие сметаат дека можат да кажат апсолутно што сакаат за било кого без никаква граѓанска одговорност кон оние нивни сограѓани кои секојдневно ги третираат како ѓубре, а во исто време лицемерно и недемократски бараат да ги замолчат засекогаш сите оние што ќе се осмелат да го критикуваат истиот тој светоглед со повикување на граѓанска одговорност на јавно изречениот збор со нивниот нов инквизициски закон за клевета.

 

И ако има фајде од реакција, каков јазик и пристап ултрадесничарот разбира? Сигурно не апелирање на неговата совест и барање на неговата симпатија зашто, како што Адорно (Adorno) укажува, ултрадесничарот, за жал, ги разбира само стравот и покорноста (The Authoritarian Personality, втор том, 1964, стр. 816). Затоа, за жал и парадоксално, секоја демократска, прогресивна критика на ултрадесничарскиот дискурс мора да игра на таа карта. Ултрадесничарот мора да сфати дека против неговото отворено и јавно изразување на предрасуди и омрази стои силата на законот, огромниот број луѓе на кои демократијата, меѓусебното разбирање и почитување навистина им се при срце, бројни општествени авторитети од дома и светот и престижни фигури од културниот, научниот, и интелектуалниот свет. Во услови на речиси целосно суспендирање на правната држава, селективна примена на постојните закони и немање закон кој ги штити ЛГБТ лицата од дискриминација и говор на омраза, и кога “законот” е сè уште на страната на оној што сее омраза и предрасуди, овде им се обраќам на сите оние на кои демократските вредности им се навистина важни, за да ја сфатат моќта на сопствената јавна акција и мисла и на тој начин да ја зауздаат забревтаната коњица на омразата.

 

Потоа размислував за едно систематско и сериозно разобличување на нелогиката на диксурсот на омраза на владината пропагандна машинерија удобно сместена во прегратките на апсолутното хетеронорматизирање на јавните простори, и за епистемолошките привилегии со кои хетеросексуалноста се конституира, како што Дејвид Халперин (David Halperin) ќе укаже во Saint Foucault, како апсолутно привилегирано гледиште на субјективитетот, како предуслов за “знаењето”, со помош на што таа избегнува да стане предмет на критичко опсервирање (1995, стр. 47). На овој начин хетеросекуалноста и хомофобијата како дискурс и пракса на дискриминација која произлегува од нејзините епистемолошки привилегии, станува складиште за секаков тип на сосема противречни идеи за хомосексуалноста и хомосексуалците во кои тие во исто време невозможно се: 1. социјално неадаптирани луѓе, 2. неприродни монструми, 3. морални отпадоци, и 4. сексуални, болни перверти. Како што Халперин укажува, во еден посткантовски систем на етика не може во исто време ист човек да биде болен и да биде морално виновен за својата болест (Saint Foucault, 1995, стр. 46)

 

Иако овие атрибути на хомосексуалците кои сега им се припишуваат во хомофобната војна што владата ја води против нив немаат никаква врска со логика, тие очигледно се сосема ефикасни во политичка смисла: јавноста се де-фокусира од нејзините вистински секојдневни проблеми со цел да се канализираат нејзините фрустрации од сегашнава катастрофална општествена и политичка ситуација во Македонија, кои во исто време се празнат врз плеќите на крајно ранливи групи на луѓе, во овој случај хомосексуалците. Во пракса овие нелогичности не само што не се поништуваат една со друга во нашето хомофобно секојдневие, туку напротив, тие меѓусебно се зајакнувааат и работат заедно за систематски да го произведат истиот ефект: прогон и презир на “хомосексуалецот” (Халперин, Saint Foucult, 995, стр. 46) во име на креирање на “здравата” и “чиста” нација.

 

За нелогичноста на македонскиот хомофобен десничарски националистички дискурс да биде уште поголема, две личности од античката македонска историја за кои постојат сериозни сомневања – зад кои стојат светски етаблирани историчари – дека биле практикувачи на хомоеротиката, се воздигнати во прататковци на “здравата” модерна македонска нација, а нивните милитантни скулптурални гигантски престави, кои дефинитивно имаат и хомоеротски конотации, сега ги “красат” главните скопски плоштади и плоштадите на многу други македонски градови. Самото идеолошко прочистување на митот за “татковците” на модерната македонска нација од хомоеротските конотации оди токму преку интензивирањето на јавната хајка против хомосекуалноста, а цената за “чистиот” мит во кој мачо милитантниот хомофобен националист толку сака да верува сега ја плаќаат токму конкретни хомосексуалци во денешна Македонија.

 

Намерно го употребувам зборот “хомосексуалец” во наводници за да укажам на тоа дека значењето на тој збор не е ништо друго освен една хомофобна проекција, концептуална и семиотичка депонија за фрлање на сè, на секакви меѓусебно неспојливи и логично противречни мисли (Халперин, Saint Foucault, 1995, стр. 46), како оние што имаме можност редовно да ги читаме во “Вечер”, за да може хетеросексуалецот-хомофоб да си честита самиот себеси за тоа колку “добар и нормален” е и да го избегне немилосрдното психологизирање и патологизирање на кои постојано ги изложува не-хетеросексуалците, психологизирање кое овде имам намера да го пренасочам од “хомосексуалецот” кон хомофобот, посебно кон неговиот патолошки страв од машкиот геј секс.

 

Следејќи си го возот на мислата за нелогичноста на хомофобијата во која хомосексуалецот е исконструиран како фатално противречно суштество, и со оглед на сè поочигледното општествено-политичко екстремно десничарско свртување на Македонија и на сеприсутноста во неа на она што Адорно го нарекува авторитарна личност, на крај се одлучив овде да пишувам за хомофобијата како одличен пример на авторитарна практична философија и тоталитарен дискурс, “неразмислување [неразум] што изгледа како мисла” (Нелсон, Deborah Nelson, “The Scandal of Tone in Eichmann in Jerusalem”, во Compassion: The Culture and Politics of an Emotion, 2004: 237 ), или како пример на она што Арент го нарекува, не со мала доза на иронија, supersense, или супер-резон. Самиот термин ја означува апсолутната епистемолошка привилегираност на мнозинскиот, хетеронормативен начин на резонирање. Во еден таков систем на супер-резон може да кажете ама баш што сакате за “хомосексуалецот” и да бидете во “право” и да ја кажете “вистината”. Што и да каже “хомосексуалецот” во своја одбрана, хомофобот, затворен во еден таков противречен и супер-резонски дискурс, секогаш ќе најде начин да го дискредитира “хомосексуалецот”.

 

Каква е таа личност исполнета со еден куп предрасуди и омрази?

Овде сакам да прашам каков тип личност е онаа која е исполнета со цел куп предрасуди и омрази, вклучувајќи ги и хомофобните, и каков тип личност е отпадникот којодбива да се соочи со непријатните факти за постењето на општествени предрасуди кои го прават отпадник? Одговорот бара ицсрпна студија, за што овде немам ни време ни простор. Сепак, и обидот овде да дадам нешто како одговор бара повеќе простор и време од она што е вообичаено за една просечна новинарска колумна наменета за “просечните образувани читатели”. Од една страна, одговорот овде ќе го барам во врските помеѓу авторитарната личност, авторитарната практична философија, неплуралното затворено саморазмислување кои се својствени за овој тип на личност, и хомофобијата и безобѕирноста на (умерените и екстремните) десничари. Од друга страна, под критичка лупа сакам да ја ставам и непромисленоста на мнозинството хетеросексуални левичарски интелектуалци, политичари, новинари и обични гласачи, кои си стојат на страна и гледаат сеир во хајката што се води против сексуалните и родови малцинства во Македонија, како и непромисленоста на самите членови на овие малцинства кои во огромен број, и покрај сега драстично зголемената репресија од идеолошките апарати на државата преку јавното разгорување на говорот на омраза со кој се легитимизира продолжувањето на сеопштата дискриминација и мобилизира вербално и физичко насилство против нив, одбиваат да се политизираат. Еве да дадам неколку работни дефиниции за главните аналитички концепти овде.

Под “личност”, следејќи го Рандал Колинс (Randall Collins), подразбирам еден “квази-долготраен, квази-минлив флукс во време и простор” (Interaction Ritual Chains, 2004, стр. 4), производ на долг ланец искуства стекнати во различни општествени ситуации во родителскиот дом, училиштето, работното место, со другарите, интимните партнери, итн., кои се врамени и под директно влијание на дискурсите, физичката сила и економската присила, како што Алтисер (Althusser, Essays on Ideology, 1984) покажува, на идеолошките апарати на државата (семејството, училиштето, медиумите, црквата, итн.) и нејзините репресивни апарати (полицијата, судството, итн). Улогата на овие апарати на државата е да ја дисциплинира популацијата во една послушна маса преку репродуцирање на доминантната идеологија, всушност идеологијата на најдоминантниот слој на едно општество, што во македонски услови значи маскулинизираната олигархија – мал број на машки семоќници кои ги држат сите дизгини на економската, политичката, информативната, и религиозно-духовната моќ.
(продолжува утре)