05 Nov Австралиско-македонскиот комитет за човекови права ги осудува хомофобичните изјави на кандидатот за советник во Даребин
Австралиско-македонскиот комитет за човекови права е длабоко загрижен поради Фејсбук коментарите на кандидатот со македонско потекло дадени во период пред локалните избори во Даребин.
На 24-то октомври, локалниот весник „Престон лидер“ објави дека Ананија Ананиевски, во комнетар објавен на македонски јазик, изјавил дека доколку тој победи на изборите ќе ја спаси земајта од „глупостите“ какви што се хомосексуалните паради. Тој, исто така, рекол дека не се плаши од хомосексуалците и дека секоја нормална личност треба да знае дека нормалниот, здрав брак може да биде само помеѓу маж и жена.
Додека Австралиско-македонскиот комитет за човекови права го почитува и го брани правото на слободата на говор, во ниту еден случај не подржува изблици на хомофобија и длабоко жали поради тоа што г-динот Ананиевски избрал да го објави овој коментар на македонски јазик затоа што тоа може да биде сфатено како еден поширок став на македонската заедница кон ЛГБТ заедницата.
Австралиско-македонскиот комитет за човекови права направи неколку напори да стапи во контакт со г-динот Ананиевски и да му овозмоќи простор да ги објасни своите коментари, меѓутоа, до овој момент, немаше никаков повратен одговор.
Изразувањето на хомофобија и нетолерантност е неприфатливо во рамките на австралиското општество.