Нова Македонија: Разведени лезбијки делат имот во Македонија

Нова Македонија: Разведени лезбијки делат имот во Македонија

Автор: Кристина Мачкиќ

Фотографија: Дарко Андоновски

 

Преземено од Нова Македонија

 

Македонски државјанки поседуваат имот во државава, кој го купиле додека биле во истополов брак во Белгија, а сега ќе го делат како содружници

 

ПРАВЕН ПРЕДИЗВИК ЗА СУДИИТЕ

Уникатен судски предмет деновиве се врти по скопските и уште два други суда во државава. Според списите од предметот, две жени треба да поделат имот. Но не се работи ниту за сестри ниту за роднини, туку за жени што биле во брак. Судот треба да подели имот на разведени македонски државјанки, кои биле во истополов брак во Белгија.

Необичната приказна започнала пред неколку години. Едната жена, која живее и работи подолго време во Белгија, била венчана за имотен маж. Но сопругот починал и таа го наследила целиот имот. По извесно време истата жена, која е по потекло од Македонија, стапила во нов брак, но овој пат со жена. Втората брачна врска е со жена од државава, која престојувала во Белгија.

Жените живееле убав брак три и пол години. Шетале низ светот, но и во родната Македонија, каде што си купиле поголем имот. Сега поседуваат недвижнини во Скопје, Охрид и во Крушево. Имот е на име на вториот брачен другар на македонската државјанка од Белгија. Бидејќи купувањето и поседувањето имот за странски државјани во државава се регулирани со закон, кој тоа не го дозволува, имотот иако бил платен од богата Белгијка, бил впишан на име на македонската државјанка.

КОЛИЗИЈА НА ЗАКОНИ

Но жените по неколку години решиле да го растурат истополовиот бракот. Се развеле. Останал проблемот како ќе го поделат имотот што го купиле и скапо го платиле во Македонија. Во државава, по развод, според законските прописи, имотот стекнат во брак најчесто се дели на еднакви делови. Македонскиот закон за брак и семејство признава брак само меѓу маж и жена. Значи, судот не може да прифати дека жените биле во брак и сега се разведени.
Истовремено постои и друга правна колизија на закони. Во времето на СФРЈ, државата со Белгија, тогашен Бенелукс, некаде во 1976-1977 година потпишала договор за заемно прифаќање на документи. Тоа значи дека сите акти издадени од надлежен државен орган се прифаќаат од другата држава. По осамостојувањето на Република Македонија, со Устав е предвидено да се прифатат договорите од СФРЈ како наследни, што значи и правните акти за брак и развод на Белгија.

– Во моментов се отворени три постапки во три месно надлежни судови. Странките немаат постојани адреси на живеење. Поднесено е барање до Врховниот суд да одлучи во кој суд ќе се води една единствена постапка и ќе се дели имотот – појаснува адвокатот што ја води постапката за делба на имотот Оливер Вуксановиќ. Тој се надева дека Врховниот ќе се одлучи за скопскиот основен суд 2. Во постапката ќе треба да се утврди уделот при стекнувањето на сопственоста. Судот ќе треба да утврди кој колку платил за имотот и потоа процентуално и да се подели. Банкарските трансакции најверојатно ќе бидат клучниот доказ кој колку пари дал кога се купувале недвижностите.

Судиите што слушнале за предметот тврдат дека првпат во историјата на македонското судство ќе се дели имот стекнат во истополов брак.

РЕШЕНИЕ

Нивниот првичен коментар е како ќе се стори тоа кога се работи за заедница што нашата држава не ја признава. Сепак, адвокатот Вуксановиќ вели дека има правен начин како да се излезе од оваа ситуација. Добро е тоа што во оваа ситуација нема посвоено дете, нешто што државата Белгија го дозволува, што би било вистински проблем.

– Постапката треба да биде брза и едноставна. Странките во постапката ќе бидат третирани како косопственици на имот. Едната ќе ја тужи другата и ќе си го бара делот што го дала. Целата работа можат да ја завршат адвокатите, но не е исклучена можноста странките во текот на постапката да имаат и некое друго побарување – појаснува адвокатот Вуксановиќ.

Судот целата процедура треба да ја заврши во најкраток рок. Документите за развод нема да бидат земени предвид, иако во ваков случај постои опасност понатаму судиите да се доведат во тешка ситуација да не се сигурни кои документи треба да ги прифатат и да се судрат со закони што меѓу себе се дијаметрално спротивни. Оние акти што со Уставот се прифатени важат сѐ до донесувањето на новите законски решенија.