Амнести Интернационал: Владата мора да ги заштити ЛГБТИ лицата од дискриминација

Амнести Интернационал: Владата мора да ги заштити ЛГБТИ лицата од дискриминација

АМНЕСТИ ИНТЕРНАЦИОНАЛ СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

 

АИ индекс бр: EUR 65/003/2012

26 октомври 2012 година

 

Македонија: Владата мора да ги заштити ЛГБТИ лицата од дискриминација

 

Неодамнешниот напад врз Центарот за поддршка на лезбејки, геј мажи, бисексуалци, трансродни лица и интерсексуалци (ЛГБТИ) во Република Македонија ја нагласува итната потреба за заштита преку закон од сите форми на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, рече Амнести Интернационал денес.

 

Во утринските часови на 24 октомври, канцеларијата на ново-отворениот Центар за поддршка на ЛГБТИ заедницата во главниот град Скопје беше каменувана и неколку прозорци беа скршени. Според полицијата, нападот бил извршен во текот на ноќта од страна на три маскирани лица. За среќа, во тој момент во објектот немало лица и никој не е повреден.

 

Дискриминацијата врз ЛГБТ заедницата во Македонија и потребата од закони за недискриминација се добро познати и документирани. На пример, на 10 октомври 2012 година, Европската комисија извести дека „Лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродните лица, односно ЛГБТ заедницата трпи постојана дискриминација и стигматизација.“ Комисијата, исто така, ја повтори својата загриженост дека дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација сè уште не е вклучена во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

 

Два дена подоцна, на 12 октомври, Министерот за труд и социјална политика, одговорен и за заштита од дискриминација, наместо да ја признае потребата за гарантирање на правата на ЛГБТ заедницата, ја искористи можноста на конференцијата на УНИЦЕФ за да го изрази своето несогласување со заложбите за еднакви права на брак за ЛГБТ лицата. Подоцна, тој го повтори својот став на една национална телевизија, и на неговиот личен фејсбук профил. Премиерот Груевски, исто така, ги критикуваше повиците за овозможување еднакви права на брак, при што ова прашање го поврза со опаѓачката стапка на наталитет во земјата.

 

Досега, македонските власти не успеаа во Законот за спречување и заштита од дискриминација да ја вклучат заштитата од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, иако законот е во сила од 1 јануари 2011 година. Освен тоа, не постојат никакви законски одредби за истрага и прогон на кривични дела од омраза, вклучително и оние сторени врз основа на сексуалната ориентација или родовиот идентитет.

 

Амнести Интернационал ги повикува македонските власти да гарантираат ажурни, непристрасни и ефективни истраги за секој напад врз животот или имотот на ЛГБТИ лицата или организациите. Сите наводи за хомофобични или трансфобични мотиви треба да бидат детално истражени и сите лица за кои постојат доволно докази за сторени кривични дела треба да бидат изведени пред суд.

 

Владата треба веднаш да преземе мерки за измени и дополнувања на законодавството за недискриминација, со цел да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација. Освен тоа, во отсуство на законодавство коешто забранува кривични дела од омраза, владата треба, без одложување и во консултации со ЛГБТ организациите, да донесе вакви закони, коишто посебно ќе ги вклучат кривичните дела од омраза врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и етничката припадност, расата, родот и другите основи признати во меѓународните стандарди.

 

На крајот, Амнести Интернационал ги повикува Премиерот, Министерот и сите други јавни функционери и владини претставници јавно да ги осудат дискриминацијата и насилството врз ЛГБТИ лицата.

 

јавен документ

Линк до соопштението на амнести интернационал

http://www.amnesty.org/en/library/asset/EUR65/003/2012/en/fd3423ad-4fbc-4bf5-9863-0ffa229231b7/eur650032012en.html