Нова режимска какофонија

Нова режимска какофонија

Автор: Kире Наумов

 

Преземено од Дневник

 

Веќе седум години сме сведоци дека нашата власт знае маестрално да наметне тема која во дадениот момент има цел дефокусирање на јавноста од непријатното секојдневие. Притоа, таа секогаш мора со таквите теми да воспостави поделба на општеството во која таа прва излегува со „исправниот“ став и преку разработената шема на режимските медиуми врши притисок на јавноста брзо – побрзо да се определи. Притисокот е често неиздржлив за опозицијата, па во последно време сме сведоци на експресен одговор од нејзина страна. Притоа станува очигледно дека без поголема внатрешна дебата таа го прифаќа „исправниот“ став на власта, и тоа по неколку различни теми. Дали оваа тактика на опозицијата, која и по цена на губење на својот идеолошки идентитет сака да дели исти ставови со власта, е исправна, ќе покажат наредните избори. Последната таква епизода ја гледаме деновиве кога власта од нигде-никаде реши да даде одговор на уште едно непостојно прашање во врска со легализацијата на еднополовите бракови, а воедно и да го надгради со божемното барање за посвојување деца од страна на таквите двојки (или што и да се).

Но, за да ја разбереме целата оваа нова режимска какофонија, мораме да се вратиме неколку недели наназад. Kако и многу пати досега, пропагандната владина машинерија ја запали лично премиерот на еден собир во кој требаше да се зборува за рецесијата во економијата и неликвидноста на државата, а тој си наметна тема за рецесијата на наталитетот. Можеби сосема легитимно, тој сакаше и успеа да ја надразни бизнис-заедницата со пораката дека ако веќе е тешко во оваа држава да се прави профит, не е никаков проблем да се прават деца. Во последниве две недели веќе никој не прашува како оди раздолжувањето, туку сите „мажишта“ удираат на маса и ликуваат дека на тоа гнасните „педери“ нема да им дадеме да се венчаат, независно што не сме чуле дека некој воопшто побарал такво нешто. По којзнае кој пат гледаме состојба во која Владата наоѓа проблем поради кој во државата не ни одат работите како што треба. Последниот од таквите бил нискиот наталитет. По директниот прекор кон „нормалните семејства“ дека станале себични, пењавењата дека економската состојба не е причина за малиот број новороденчиња, дека пред 60 години нашите предци во полоши услови имале по 4-5 деца и кога се виде дека приказната тешко врви, односно дека луѓето не се подготвени со пароли од времето на комунизмот да им се мешате во планирањето на семејство, власта го истопори црниот ѓавол. Тоа да ти била ЛГБТ-заедницата или поточно „настраните“ хомосексуалци. Е, демек заради таквите е сето ова, а македонскиот народ кој во огромно мнозинство е „нормален“ мора да створи консензус во борбата против ваквите изопачени типови, типки или нешто што избрале да си бидат самите тие.

Што е за мене бедното во целото ова. Kој што сака нека каже, но ние во Македонија имаме убедливо најтивка, најневидлива и најненаметлива ЛГБТ-заедница за разлика од сите земји во регионот, а да не зборуваме за пошироко. Бедно е кога во политички цели, кога тезата што сте ја наметнале за периодот септември-октомври нема да ви помине во јавноста онака како што очекувале владините ПР-експерти, решавате непотребно да ја прекршите на грбот на некоја малцинска група независно дали се работи на пример за Ромите, во врска со визите или пак хомосексуалците во врска со загрозениот наталитет. Јас мислам дека кај нас нема да се одржи прајд-парада во наредната деценија, дека вистинско барање за склучување истополов брак нема да се појави во наредните две децении, а барање за посвојување деца од вакви двојки ниту во наредните четири. Ама, тоа не значи дека сме стварно „понормални“ од другите во светот. Што ми е поентата? Дека ако ги видите мажиштата од типот на Спиро и Андреја како вмровски и сдсмовски одлучни противници на еднополовите бракови иако никој не ги прашал за мислење (за да нема лутиш ќе го додадам и мажиштето кое го пишува овој текст), нема да се забележи некоја голема разлика ниту по стас ниту по глас, од оној „таквион“ Kочо. За да не останеме само ние четворицава во приказнава, понатаму ќе цитирам и парафразирам еден одличен текст на М. Милановиќ. Тој пишува: „Доколу хомосексуалноста ја третирате како ненормална и одвратна од религиозни причини, проучете ја поврзаноста на христијанството и хомосексуалноста. Kнигата која најексплицитно, без никакви дополнителни толкувања, забранува хомосексуалност, е книгата на Левитцки, во која се пропишува смртна казна за хомосексуалноста, ама исто така се пропишува смртна казна и за гатање, прељуба (развод), јадење жртва во погрешно време, однос со жена додека има менструација, а казниво е и (додуша не со смрт) стрижење на нула и бричење, како и јадење свинско“.

Во Србија (се разбира ова не важи за нашата нормална Македонија) моментално заедно живеат стотина лица од ист пол, заедно со своите деца од хетеросексуалните бракови. Да, во Србија (нормално, никако и во Македонија) веќе постојат хомосексуални бракови затоа што законот и уставот се хартија, а животот не е книга. Во овој момент десетина геј-адолесценти размислуваат за самоубиство затоа што не можат да се изборат со општествениот притисок кој им вели дека се ненормални или недоволно добри. Kога наутро ќе влезете во автобус на ЈСП имајте предвид дека од тие 20 луѓе, барем двајца се со хомосексуална ориентација. Со жалење морам да ви кажам дека вашите патики „најк аир макс“ во еден дел ги прават хомосексуалци. На крај од овој дел Милановиќ ја дава и можеби најјаката поента и вели: „Моментално живеат стотици несреќни сопружници, кои со општествениот притисок се принудени да влезат во хетеросексуален брак, иако се хомосексуалци“ (се разбира и ова никако не важи за Македонија).

Понатаму тој продолжува и се запрашува: „Kога ќе кажете дека хомосексуалноста е ненормална, на што конкретно мислите? Постои научен доказ дека едно од секои десет лица е хомосексуално ориентирано. Жалам што морам да ве информирам дека со примена на истите научни докази, во идеална ситуација, би можеле да претпоставиме дека барем еден од членовите на архијерејскиот Синод на СПЦ всушност е хомосексуалец“ (и ова посебно не важи за кај нас). Понатаму тој вели: „Хомосексуалците како и сите нас нормалните одат на факултет, ни прават леб наутро, а некои од нив активно го слушаат Синан Сакиќ. Меѓу нив има и алкохоличари и наркомани. Некои од нив сакаат да носат розови маици, некои не. Некои имаат кратка, а некои долга коса (а некои носат и репче како и најконзервативниот наш пратеник на времето, м.з.). И нивните дедовци, како и нашите, учествувале во војните. Некои од нив веруваат во Бога, некои не. Некои се дебели, а некои слаби. Некои од нив се лоши луѓе, а некои добри. Помеѓу нив и нас постои само една разлика. Тие сакаат подруги особи од оние што ги сакаме ние.

Дали е тоа доволна причина да ги мразиме и уште таа омраза политички да ја користиме?