Национални инвестиции за подобро сексуално и репродуктивно здравје

Национални инвестиции за подобро сексуално и репродуктивно здравје

Милош Стојановиќ
Административно-финансиски директор на Х.Е.Р.А.
Преземено од http://sr4all.wordpress.com

 

Првата работа на која помислуваат поголемиот број на луѓе кога ќе се каже зборот „невладина организација“ е „меѓународна пералница за пари во која сите имаат огромни плати“. Можеби го велат тоа, знаејќи дека во Република Македонија, долго време беа регистрирани повеќе од 11.000 НВО, а во реалноста функционираа околу 1.000. Но, со промената на легислативата за граѓанските организации и фондации, се филтрираше процесот на функционирање на самите организации, за понатака, а верувам дека времето ќе го направи своето, ќе продолжат да функционираат оние организации кои со својата посветеност и транспарентно работење го заслужуваат приматот да бидат наречени „граѓански организации“. Самото функционирање на организациите зависи и од нивното финансирање, кое во текот на годиниве што изминаа, беше во главно од странски директни или индиректни донации. Самата држава, вклучувајќи ги и најголемиот број на деловни субјекти кои функционираат во неа, сè уште немаат развиено чувство дека граѓанските организации се дел од општеството и дека треба поконкретно да го поддржат процесот на нивно функционирање. Средствата кои се одвојуваат од Буџетот на Република Македонија за подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје, во споредба со средствата кои ги добива Република Македонија од странските донации, се на многу ниско ниво. За илустрација во 2012 година, преку Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата се издвојуваат средства во висина од 10 милиони денари, преку Превентивната програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА се планирани околу 6 милиони денари, а донацијата на Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА, Туберкулоза и Маларија за периодот 2012-2016 изнесува 6.421.275,00 евра.

 

Пет факти:
1. Во македонското општество сè уште постојат предрасуди кон улогата, работата и финансирањето на граѓанските организации

 

2. Секоја година, од Буџетот на Република Македонија се одвојуваат средства за финансирање на невладините организации, а истиот за 2012 година изнесува 15.000.000,00 денари

 

3. Голем дел од правните субјекти во Република Македонија не се свесни дека со финансирање на невладиниот сектор можат да се здобија со огромни даночни ослободувања

 

4. Во 11 годишното постоење на ХЕРА, учеството на средства од Буџетот на Република Македо- нија не надминало повеќе од 3% во целокупниот годишен буџет на организацијата

 

5. Градот Скопје е најконстантен поддржувач на проектите кои ги имплементира ХЕРА, иако проектите се од мал размер.