23 Oct Русија ги прекршила човековите права
Европскиот суд за човекови права ја донесе својата одлука во случајот „Николај Алексејев против Русија“. Во одлуката се вели дека Русија ја прекршила Европската конвенција за човекови права со забраната на московските паради на гордоста во 2006, 2007 и 2008 година.
ILGA-Европа ја поздравува оваа важна одлука за лезбејските, геј, бисексуални, транс и интерсексуални заедници во Русија и им честита на организаторите на парадите на гордоста во Москва за оваа значајна правна победа.
Судот истакна дека “самиот ризик за создавање на немири преку мирна демонстрација не беше доволен да ја оправда забраната. Ако секоја веројатност за создавање тензии и остри расправи помеѓу спротивставените групи за време на демонстрациите резултираше со нивна забрана, општеството би било лишено од слушањето на различни ставови за прашањата што се навредливи за мнозинството, а тоа е во спротивност со принципите на Конвенцијата.”
Maxim Anmeghichean, програмски директор на ИЛГА за Европа, кој беше присутен во Москва во 2006-та и 2007-та година во текот на првите обиди за организирање на парада на гордоста во Москва, рече:
“Им честитаме руските ЛГБТИ активисти за оваа значајна правна победа. Ние веруваме дека тие сега се опремени со многу цврста правна алатка со која ќе можат во целост да го искористат своето уставно право да организираат јавни настани и да го изразат своето мислење.
Покрај тоа, со денешната одлука се зајакнува должноста на руската држава да обезбеди целосна и соодветна заштита на ЛГБТИ јавни настани од сите обиди за нарушување или од оние кои насилно се противат овие настани. “