22 Oct Привилегијата на насилство
Автор: Славчо Димитров, Извршен директор на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Преземено од Окно.мк
Еден од најзначајните апели што геј активистите го имаат упатено до мнозинската хетеронормативна заедница е: „Пробајте да бидете барем само еден ден хомосексуалец“. Интенционално овој апел е адресиран до сите оние кои на стравот, срамот и страдањето на хомосексуалците гледаат единствено како израз на личен кукавичлук или пак каприциозно барање на нешто повеќе од она што го имаат мнозинството граѓани. Целта на истиот не е, во онаа најбанална смисла на деградирање на политичкото, да ги повика хетеросексуалците еден ден во својот живот да водат љубов со лице од истиот пол (иако и ова би било интересен предлог), туку да се претстават во јавноста, пред своите пријатели, роднини, деца или родители како хомосексуалец, да го прегрнат својот пријател малку поинтимно додека го пијат своето кафе низ град, или пак да одглумат бакнеж и држење за рака низ јавниот простор.
И покрај неговата умна и неоспорна политичка стратешка определба, овој повик може да биде многу лесно проблематизиран гледано од психолошко-невролошката перспектива за невозможноста да се проживее искуството на другиот. Посебно кога знаете дека глумата никогаш не е идентична на реалното и телесно проживеаното емоционално искуство, ниту пак дека далекусежните последиците на овие интензивни и ефективни искуства можат да бидат еднакви врз вашиот понатамошен живот. Уште помалку кога знаете дека можноста да ја напуштите сцената и безбедно да му се вратите на својот стар живот, односно да признаете дека сето тоа било шега, е постојано отворена.
На другата страна на оваа привилегирана можност висат емоционалните животи на оние чијашто позиција е исцртана на маргините на општественото поле. На оваа страна, ова место без можност за бегство, треперат емоциите кои сведочат за стравот, меланхолијата, стигмата, срамот, депресијата, повлекувањето, гневот, револтот, тагата како преживеани искуства на сите оние чиишто љубови се прогонети како девијантни, чиишто пријателства се дереализирани како површни, чијашто сексуалност е закопана во мракот на тајната и чиишто релации и заедница се исклучени од јавната сфера и хиерархизираните граници и делови на националното тело. Тоа се сите проживеани чувства испресечени и условени од социјалниот културен систем во кој единствено хетеронормативната љубов има право на видливост и признавање. Тука проникнуваат и сите оние јавно непризнаени моменти на среќата, на скришните задоволства, на бунтувната желба и споделените спомени, интензитети, пријателства и љубови, на сите еротски моменти кои овие исклучени животи ги прават подносливи за живеење и ги создаваат условите за нивниот процут и развој. Ова е страната на неизбежното изложување, на неизбежниот испитувачки поглед на воајерската публика, сцената без гардеробер, сцената без можност за илузија, просторот од кој единствениот пат кој води надвор е патот кон молкот, кон внатрешното гето на агонијата и трепетот.
Но сепак, овој повик станува посебно индикативен и политички провокативен ако се осврнеме за кратко на она што се случува кај нас последнава седмица. Што имено ни се случува? Во една сериозно оркестрирана хомофобична кампања (дежа ву, но сепак интересно) мнозинската системски привилегирана популација се најде наводно навредена. Кога велам мнозинската, мислам на сите оние следбеници на хетеронормативниот единствено признаен идеал за организација на интимниот, љубовниот, семејниот и родовиот живот. Во една јасно спинувана фарса, во која владејачката структура креира наводен проблем и закана, а со цел на следните избори да ни се претстави како народниот месија, односно како Исус на политичкиот живот, како политичката опција која ќе го избави народот од гнасното и застрашувачко зло (повторно во нивната конструирана фантазија), ова исто мнозинство крикна како навидум излезени од трауматските хорори на Втората светска војна претставени преку сликите на експресионистите.
За да биде уште поиронична целата ситуација, наводно загрижените социјални работници од Скопје, се појавија за првпат во македонската јавност (простете ако имало спорадични појавувања за „круцијални“ социјални проблеми). Во спротивност со очекувањата на секој разумен граѓанин, односно дека ќе прозборат за огромната стапка на сиромаштија или невработеност, или пак за бездомните деца оставени на улица без никакаква грижа, или можеби за жените жртви на семејно насилство оставени без никаков интегрален социјален систем на заштита, ова здружение на експерти институционално обезбедени од Министерството за труд и социјална политика, ја идентификуваа најголемата социјална закана за македонското општество, поточно, истата онаа што ја креираше нивниот финансиски донор – хомосексуалните бракови.
Но тоа не е сè. Здружението на пензионери чиешто списание наликува на ништо друго освен на албум со екстатичните и среќни моменти поминати со Министерот за труд и социјална политика и Премиерот, проследени со еднострана разонода со високо шовинистички и маскулинистички вицеви (ко божем нема еманципирани жени пензионерки), исто така ја изразија јавно својата загриженост за пропаста на македонската нација. Виновникот, се разбира, повторно се хомосексуалците и нивните наводни барања за брак и посвојувања на деца, а притоа и гордо ни довикнаа – назад кон патријархатот.
Пролиферираа уште неколку здруженија на граѓани, кои исто така, навистина индикативно, се институционално подржани од државни пари. Но во целата оваа парада на загрижени граѓани, највознемирувачко беше појавувањето на спортските федерации, само ден после крволочниот after на спортскиот натпревар на кој во најава му претходеа закани за етноциден масакар, а за што најголем дел од македонските медиуми не покажаа значителна грижа и интерес. Истите тие се појавија година дена по вознесеното пеење на химните за некакваси гоцева раса и скандирањата на спортските терени за „гасни комори за шиптари“ и расејаните графити низ градот во очи кошаркарски натпревар со „педери ве чекаме“. Она што ни го кажаа со еден длабоко изразен патос беше дека „спортот е клучен фактор за развој на толеранција, заедништво и почитување. Ние спортистите сме познати по нашата толеранција и разбирање, но и по тоа дека сакаме фер игра“. Се разбира, „поводот“ беше нивната длабока повреденост од наводните изјави на активистите за права на сексуалните малцинства. Вистинското место на коешто требаше да го упатат своето обраќање, поточно, беа владините послушници од медиуми кои ја креираа таа изјава, но сепак, добро, на крајот на краиштата, нели, не е ни важно.
Се сликаше и министерката за внатрешни работи, кој знае од кои причини и со кои ингеренции, и таа ни се огласи околу барањата за истополови бракови на нејзиниот колега – Министерот за труд и социјална политика.
Но ајде, да претпоставиме, да замислиме, дека изјавата, наводната навреда од активистите за човекови права е вистинито изречена како што се обидуваат да ја претстават дел од медиумите. Да претпоставиме и дека тоа се случило. Што е она што би можеле да го мислиме околу таквата фиктивна ситуација со реални и застрашувачки ефекти како што видовме погоре?
Во средниот век и во различни култури, луѓето барем еднаш годишно се собирале и организирале колективни карневалски фестивали и ритуали со цел да ја одбележат минливоста и смртноста на човечкиот живот и постоечките системи, симболички детронизирајќи го кралот, исмевајќи ги сите општествени фигури и карактери со позиција на моќ, вклучително и религиозните функционери, превртувајќи ги сите доминантни вредности и општествени системски позиции и екстатично ја славеле и изразувале сексуалноста и еротизмот. Во овие колективни ритуали, високо функционални за животот на заедницата, луѓето раскинувале со сопствената стравична и параноидна индивидуална изолација и се отварале безрезервно кон другите сожители. Средниот век е одамна завршен. И подобро. Никој од нас не сака да се навраќа на мрачните суеверија и инквизициски колежи. Но, сепак, секое доба со своите придобивки е поука за следните генерации и векови.
Што научиле македонските граѓани од ова минато? Што ни зборуваат овие средновековни карневалски колективни искуства за она што ни се случува денес? Што е она кон што цели оној апел на геј активистите со кој го започнавме овој текст?
Ударот на овој апел, драги мои, се однесува на насилната нормативност и на присилната и стигматизирачка тишина, или пак на симболичкото „исчезнување“ како нужна стратегија за преживување, и како таква стреми да ги предизвика токму овие ортодоксни политички режими. Истите тие режими, правејќи го видливо единствено она што е веќе овозможено како достапен живот во општеството, ги репродуцираат самите услови на видливоста, односно хетеронормативната национална култура која веќе овозможува само одредени форми на живот, љубов, сексуалност, интимност и заедништво да бидат препознаени како легитимни, додека сите останати емоционални врски и заедници ги прогонува во сенките на својата видливост. Ударот кој овој повик за еднодневна глума и искуство го нанесува, е удар токму врз навиките, врз вкоренетите, нормализирани, сфатени здраво за готово претпоставки за здравиот и природниот, божем од бога даден, начин на живот, и целосното отсуство на свест за привилегијата и удобноста што живеењето на истиот го носи за одредена група на граѓани. Овој апел, преку креирањето судир и „кризна ситуација“, ќе ве натера да се погледнете во лице и да го видите политичкото и насилно минато на вашата сегашна привилегија. Тоа што овој апел го прави е дошепнување до, увото затнато од привилегираната арогантност: „Видете барем за миг колку е болно и насилно живеењето во оваа кожа“, „Почувствувајте го барем за момент срамот од навредата поради она што сте во ова општество“.
Но, да се вратиме на првото прашање зашто истото како да ни сведочи дека сме вратени векови наназад пред средниот век. Она што овие привилегирани наши сограѓани не го имаат научено е егзистенцијалната и политичка нужност од постојаното преиспитување, критичко согледување и промислување на условите на нивната удобност. Она што овие граѓани тешко го согледуваат е неподносливиот товар врз нечиј грб накачен од леснотијата на нивната удобност. Уште повеќе, она за што моделот на акција на овие граѓани ни сведочи, е заканата која виси над секој оној кој ќе се обиде некогаш во иднина да ја промисли критички или да ја доведе под прашање доминантната организација на системот и односите на моќ преку кои тој се одржува. Опомената што ја носат овие акции на „загрижени“ граѓани недвосмислено ни укажува дека секој обид за демократско отварање на дебата, за нудење агонистички светоглед, во старт е осуден на јавно каменување и жртвување. Она што ни го дошепнуваат овие случувања, драги мои сограѓани, е дека над критичката мисла во Македонија е надвиснат мракот на насилството. Страшен е овој шепот на мнозинската тиранија затоа што истиот во старт го оневозможува ширењето демократска организација во заедницата. Ако критиката, по дефиниција, подразбира преиспитување на корените на одреден феномен, негово соголување и проблематизирање до самото извориште, и следствено, рефлектирање врз актуелноста, денешницата во која живееме и темелите на современиот поредок, во тој случај, почитувани, критиката се изедначува со демократијата и го условува нејзиното постоење. Демократијата, нè учат големите политички филозофи, за да може да постои, барем и во минимален израз, бара свесност за отсуството на каков и да е извор на владеење, отсуството на прв и архаичен принцип според кој би се темелела заедницата, отсуството на фундаменти, и како таква, свесност за нужноста од постојано отварање на заедницата, за нејзина континуирана трансформација. И сето тоа со само една цел – креирање на инклузивна и ненасилна заедница на споделување и учествување во заедничкиот живот и распределбата на заедничките добра. Конечно, со целта што овозможува секогаш кога ќе речеме „заедничко“ да исклучуваме што е можно помалку, односно да вклучуваме сè повеќе делови кои во моментот на идентификување на заедницата биле исклучени во основачкиот и насилен акт.
Суштината на демократската заедница, од овде, ја бара постојаната ревизија на „заедничките“ вредности. Оваа основна поставка на демократијата не води кон она што конзервативните репетитори на идеолошки и популистички флоскули го нарекоа „постмодернистички“ релативизам на анархија и нихилизам (а притоа рециклираат што им кажале нивните пастири за постмодернизмот), туку напротив, води кон непрекината одговорност и непоколеблива етичка поставеност кон другиот. Овде лежи можноста за етиката, почитувани, а не во авторитарната и нарцисоидна себе-исправност на удобното пресметување во согласност со еднаш за секогаш утврденото правило на моралот, ко божем човековата историја и живот да се лабораториски вакуум. Наездата на реакции ни засведочи дека некој овде сè уште не е подготвен за живеењето на демократски организиран терен.
Реакцијата на ова мноштво селективно избрани претставници на македонското општество (пропагандата избра репрезенти за сечиј сентимент: авторитетот на „научникот“, обичниот граѓанин, возрасните авторитети носители на традицијата, граѓански сектор, политички авторитет, шампионите кои нудат лажна утеха додека македонскиот граѓанин безмоќно крпи крај со крај итн.) ни упатува апел за непробојноста на филозофијата на паланката. Паланечкиот ум, како што укажа Радомир Константиновиќ, ги одржува хомогенизирачките, сеопфатни, унифицирачки и монолитни тенденции на групите или заедниците. Паланечкиот ум е обележан со својата затвореност и постојана паника од контаминација, односно од наводно опасен упад од надворешниот свет, со рутинизираниот секојдневен живот и копнежот по невиност. Паланечкиот ум никогаш не го доведува под прашање сопствениот стил и неговата вистина која самиот ја прогласува за универзална и бесконечна. Духот на паланката во својот страв од она што доаѓа „од надвор“ креира механизми со кои секоја потенцијална и сериозна критика станува повод за насилство. Ако ова што го видовме беше резултат на инструирана реакција заснована на измислена и фабрикувана навреда, замислете си само, почитувани, како утре ќе реагираат овие наши „загрижени“ сограѓани ако некој се дрзне критички да го проблематизира основниот систем на вредности врз кој ги темелат сопствените животи и животот на целата заедница! Што ќе се случи ако, да речеме за една недела, се најдат група социолози и научници и интелектуалци, достојни за таа титула, да излезат и ја соочат инквизицијата со зборот на науката и општествената критика?
Но, конечно, она што најсилно го покажаа настаните во изминативе денови е дека чувството на емпатија и разбирање кај овие гласни морализатори е под нивото на минимална видливост. Логиката на овие настани јасно укажува дека можноста за идентификација со и разбирање на оние чиишто животи се секојдневно изложени на бескруполозни и монструозни навреди и дехуманизација е целосно исклучена од спектарот емоции на привилегираните во нивната удобност на непречено и автоматизирано функционирање. Засведочивме дека една мисла беше целосно исклучена: мислата која во ситуацијата на (наводна) навреда и срам ќе нè натера да излеземе од самобендисаниот вртлог и да размислиме како им е на другите луѓе, посебно на оние сегменти од популацијата чиешто детство, младост, зрелост и старост се исполнети со секојдневниот указ и потсетник за безвредноста и ништожноста на нивниот живот, оние чијашто егзистенција е обележана со знакот на срамот, чијашто љубов се смета за „болест“, „девијација“, „настраност“, „недозволива невозможност“, „неприродна“, „закана за човештвото“или пак „смрт“.
Социолозите укажуваат дека срамот е емоција која произлегува од извесна навреда која претставува опасност или можност за прекин на социјалната врска со другите. Непризнаениот и неосвестен срам резултира со агресија и дополнителен срам, и така до бесконечност. Освестениот срам пак, од друга страна, ни дава увид во нашата изложеност кон другите, во суштинското значење на општествената релација и нашата условеност од истата. Освестениот срам ја открива нашата ранливост во светот на другите благодарение на кои живееме и заеднички создаваме. Освестениот срам сведочи за нашата човечност и ја отвора можноста за солидарност отаде политички креираните категории на идентитетот и идеологијата на извесен морал.
На ова место нашиве сограѓани потфрлија. Во нивната можна и наводна изложеност ни потврдија дека привилегијата значи немисливост и незнаење, а немислењето не е благослов, туку насилство.