10 Sep Белград: Геј парада на 10. октомври
Парадата на гордоста ќе биде одржана на 10. октомври во центарот на Белград, најавуваат организаторите, пренесува Прес онлајн.
Организаторите на парадата порачаа дека тоа ќе биде „мирен и ненасилен јавен собир на кој ќе се покаже дека лезбејките, геј, бисексуалните и трансродните (ЛГБТ) луѓе во Србија можат слободно и без страв да прошетаат низ улиците на Белград. Тие додаваат дека ЛГБТ луѓето на овој собир ќе бидат заедно со сите кои се залагаат за рамноправност, толеранција и почитување на човековите права.
„Парадата не ја гледаме како наша крајна цел, туку како средство преку кое ќе се добие внимание од општеството за проблемите со кои ЛГБТ популацијата во Србија секојдневно се соочува и со кое бараме од државата со насилството и дискриминацијата систематски да се соочи,“ соопштија од Организациониот одбор на Парадата на гордоста.
Геј парадата во Белград минатата година беше откажана еден ден пред нејзиното одржување на 20. септември. Организаторите на состанок со премиерот Мирко Цветковиќ на 19. септември добија решение во кое се наведува дека не постојат услови парадата да се одржи без инциденти на платото пред Филозофскиот факултет (во центарот на Белград), со препорака да биде во Ушче парк кој е понастрана од строгиот центар на градот.
Организаторите го одбија ова и ја откажаа манифестацијата. Безбедносните мерки за парадата вклучуваа 5 000 полицајци но српската полиција предупреди дека навивачите и екстремистите кои паралелно ќе дојдат би можеле да ја надминат оваа бројка за два пати повеќе.
Оваа година одржувањето на Парадата на гордоста веќе е поддржано од дел од членовите на српската влада, меѓу кои и министерот на полицијата Ивица Дачиќ и министерот за човекови права Светозар Чиплиќ.