Говор на омраза

Говор на омраза

Елена Михајлова, асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје

Преземено од Окно.мк

 

Општество кое почнува да функционира исклучиво низ прагматични/политички принципи (и тоа авторитарни и узурпирачки) многу брзо го менува самото разбирање на поимот правда, што пак, понатаму, го оневозможува воспоставувањето на принципот на владеење на правото (кое во прв ред треба да обезбеди токму извесност и правда). Правдата наместо да биде последица на владеењето на правото, парадоксално почнува да работи против него и со тоа против себеси како морална вредност.

 

На пример, начинот на кој се изведува постконфликтната правда во Македонија со амнестија на злосторства против човештвото и политичко калкулирање со законот за бранители и ресоцијализацијата на борците на ОНА, калкулациите со процесот на лустрација (претворен во процес на создавање, а не рехабилитација на жртви од тоталитаризмот) и водењето на кривичната правда (со кривичните монтирани постапки против „предавници“) – покажува дека Македонецот е подготвен да се „бори за своите правдини“ исклучиво преку уривање на владеењето на правото во сопствената држава.

 

Во вакви услови на невладеење на право, носечките правни концепти стануваат сакати апстракции, политички декор. Испразнети од својата суштина (и со тоа од можноста да произведат извесност и правда) тие како балони со хелиум се пуштени да летаат над триумфалната капија – наводен „симбол на победата на македонската реалност“, како што велат.

 

Ваквиот однос на власта кон правниот поредок е можеби разбирлив од аспект на нивните внатрешни политички вредности, но тој е пошироко погубен за разумот и умот на јавната сцена и секако за демократијата и човековите права.

 

Каде се тука нашите јуристи, па и академици? Неми пред извитоперувањето на владеењето на правото (создавање „право на молчење“ во процедурите за носење закони, извитоперување на правичната застапеност при вработување, на правото на приватна сопственост и сигурност и сл.), нашите големи јуристи (чиј егземплар е „Академикот“) денес се вклучени во сакатење на уште еден правен концепт – говорот на омраза и делата од омраза.

 

Без основни познавања на овој правен институт тие во јавноста внесуваат конфузија за тоа што тој воопшто значи и тоа го засолуваат со своите општествени позиции (да изгледа сериозно), а всушност придонесуваат за жестока политичка злоупотреба на поимот.

 

Значи, основно е да ги научиме и да им појасниме: говорот на омраза е вид говор кој се користи за намерно да се навреди лицето или пак расната, етничката, религиската (културната) или друга група. Таквиот говор генерално настојува да го осуди или обесчовечи лицето или групата на која тоа и’ припаѓа или да изрази омраза, гнев, насилство или презир кон нив.

 

Говорот на омраза се дефинира и како говор кој не носи (друго) значење освен изразување омраза за определена група – расна, етничка, религиска, национална (културна). Тој носи порака за инфериорност на членовите на историски потиснуваната или моментално маргинализирана група и осудува, понижува и е полн со омраза. Оваа „промоција на омраза“ се случува врз основа на раса, религија, етничка припадност или национално потекло. Од поново време во основите задолжително се вклучува и сексуалната ориентација, но во никој случај тука не припаѓа политичката афилијација. Зошто? Затоа што говорот на омраза таргетира аспекти од идентитетот на индивидуата кој е непроменлив или фундаментален за чувството на себност на лицето. Политичката припадност не спаѓа во таквите „маркери“ на фундаменталниот идентитет на лицето. Од сево ова може лесно да се заклучи дека „објаснувањата“ на некои уредници на телевизии и весници дека цензурираните колумнисти или новинари се отстранети поради ширење говор на омраза (против владата и политичарите) се неточни, водејќи се од дефинициите што овој говор значи и на кого се однесува. Тоа е само цензура и како таква треба да се окарактеризира. Но, исто така, и добар дел од линчот кон интелектуалците, критички настроените новинари и активистите за човекови права, не спаѓа во концептот на говор на омраза.

 

Значи, групите кои се заштитени по овие основи се групи кои се ранливи; ранливоста се толкува како: изложеност на дискриминација која е континуитет на историската опресија (дискриминација која влече корени од историската опресија) или пак моментална дискриминација на односната група во општеството (дискриминација која се одвива во современото општество).

 

Говорот на омраза се забранува поради повредата која ја прави. Тој го повредува достоинството на индивидуата и прави суштествена дискриминација. Имено, точно дека со говорот на омраза е навредено конкретно лице. Сепак, тоа не е навредено како посебна индивидуа, туку како член на конкретна заедница, со која споделува специфично културно, расно, религиско или друго идентитетско потекло, и е носител на за тоа врзани особини. Ова се нарекува „посредувано одбивање” – одбивање на групата на која лицето и’ припаѓа, која пак го определува начинот на кој лицето си го обликува својот живот како човечко суштество. Оттука се влече егзистенцијалната закана која како порака ја праќа овој говор. Значи, се одбива начинот на кој лицето се изразува себе си како човек. (И со тоа, се одбива тоа како човек.) Говорот на омраза, според тоа, е форма на општествено и политичко исклучување, декларација на непријателство кон еден сегмент од нашите сограѓани.

 

Повредата на достоинството на индивидуата со овој говор е различна од навредата или клеветата. Навредата е општествено зло поради штетата што му ја причинува на повредениот во очите на другите, го оштетува неговиот општествен статус и и’ наштетува на неговата репутација. За разлика од навредата и клеветата, говорот на омраза, видовме, ја понижува индивидуата и носи порака за егизстенцијална закана.

 

Во оваа смисла израз на сериозно незнаење се препораките на нашот „академик“ дека „пресметката со таквиот говор треба да се води низ разговор и дијалог, а казнувањето да биде последната мерка“. За што воопшто може да се разговара со еден расист кој сака да ве (с)нема, каков дијалог може да води со еден „Африм“? Пораките „гасна комора за шиптарите, смрт за каури, мразам гејови, пораките на свастиката се јасни: вие не сте посакувани тука. Вие не сте вредни човечки суштества. Ние сме моќни и вие треба да ни се плашите. Не се покажувајте себе си или ќе бидете повредени.

 

Со казнувањето на говорот на омраза и делата од омраза се обезбедува контра-порака; имено, општеството ги санкционира и на тој начин воспоставува морални вредности. Така се одржува колективната морална свест на заедницата (а не преку скулптурите/„градбите“). Имено, казнувањето на говорот на омраза и делата од омраза не само што ја покажува границата помеѓу дозволеното и забранетото, туку во исто време објавува што е она што се осудува и што е она што се вреднува во општеството. Вредностите кои во оваа смисла „се прегрнати“ се еднаковоста и почитувањето на (културните и другите идентитетски) разлики. Казнувањето на делата од омраза и говорот на омраза така испраќа порака дека еднаквоста и почитувањето на разликите спаѓаат меѓу највисоките вредности во општеството. Да заклучиме, со нивното казнување во прв ред и се обезбедува простор за разговор и дијалог (на кој инсистираат нашите академици), а кои не би биле можни кога просторот би бил затруен со расистички и хомофобичен говор.

 

Дополнително лоши се чинат образложенијата дека „иако во Македонија говорот на омраза е застапен, често не може да се разграничи дали станува збор за помодарство или вистински говор на омраза“. Што воопшто би значело ова? Дека вистински не ги мразиме „Другите“, туку само се пизмиме? Дека повредата која ја причинува говорот на омраза (на достоинството на таргетираните лица) се поништува кога сторителите не мразат „вистински“ туку само се користат со (расистички, хомофобичен, шовинистички) јазик кој во моментов е во мода?

 

Конкретните предрасуди кои се вплеткани во говорот на омраза се поврзани со вистинската и продолжена историја на опресија и нееднаквоста, која резултура со големи неправди над групите на кои им припаѓаат жртвите. И овие неправди и сите нивни последици опстојуваат на многу различни начини, во нашиов случај и преку говорот на омраза. Без оглед дали ги мразите или не ги мразите Ромите, кога на едно лице, на пример, ќе му речете „валкан циган“, не само што ги реконструирате/репродуцирате преовладувачките структури на опресија, туку и ги зајакнувате границите на разликата меѓу вас и Ромите, т.е. ја зајакнувате предрасудата за нив. Значи, дури и да се согласиме со тоа дека повеќето од говорот на омраза не е „вистински“ говор на омраза (во смисла на вистинска омраза кон Другиот), репродукцијата на хиерархиите на опресија со овој говор може да се смета за негова „вистинска“ последица. Означувајќи го говорот на омраза како помодарски или „невистински“, ние создаваме „structured ignorance“ или еден игнорантен правен систем. Па така, индивидуалната жртва, таргет заедницата и општеството во целина страдаат двојно: не само што се појавил говорот на омраза (кој не е казнет, бидејќи не е виден како „вистински“), туку и сентиментот/предрасудите кои лежат одоздола под говорот се невидливи за очите на правниот систем.

 

Говорот на омраза може да се развива само во средина која го овозможува. Практиките на државата, политиката и реториката ја даваат формалната рамка во која овој говор – како неформален механизам на контрола – се појавува. Фактот дека говорот на омраза (дали како „вистински“ или „помодарски“) е присутен само потврдува дека власта создава околина во која говорот на омраза може да се развива. Затоа се неприфатливи оправдувањата на сите оние партиски апаратчици или новинари – кучиња на власта, кои на своите интернет профили шират говор на омраза како за нивно право на приватен став. Колку ова лице кое „приватно“ го мрази Другиот може да се однесува поинаку во својата општествена функција?

 

Власта мора да ја разбере својата моќ на говорен субјект. Да сфати што значи да се биде означител во политичкиот дискурс. Демократската власт не зборува на начин кој го загрозува самиот говор. Таа не ја употребува моќта (во и вон говорот) за да го направи слободниот социјален простор за говорење целосно невозможен. Кога говорот на неразумните и насилните се наметнува како политички говор, тогаш разумниот и толерантниот говор почнува да се забранува, потиснува, гуши, да му се суди.

 

Но, ако државата има капацитет да создаде околина во која делата од омраза може се развиваат, тоа истовремено значи дека таа има капацитет и да ја разгради истата околина. Според тоа, казнувањето на говорот на омраза претставува директен напад на структуралната ткаенина која го дава контекстот за таквиот говор. Заплашувајќи ги потенцијалните сторители – а тоа се мнозинството „обични“ луѓе (кои не мразат туку, според нашите академици, се „модерни“) – казнувањето на говорот на омраза има за крајна цел повторно да ја исплете општествената ткаенина со поставувањето на морална агенда за соодветно однесување. Значи, вистинското институционално градење во односите меѓу заедниците подразбира (меѓу останатото) и правно санкционирање на говорот на омраза и делата од омраза, а не некакви политички „дилови“ на партнерите во власта.

 

Затоа е исклучително важно концептот „говор на омраза“ да се држи во своите правни граници. Кога тој се развлекува за да опфати и работи кои не влегуваат во дефиницијата на овој поим, станува неупотреблив и/или злоупотребен. На пример, (колку и да изгледа неправедно) добар дел од линчот на кој се изложени етничките Македонци – „предавниците на Македонија“ не влегува во општата меѓународно-правна дефиниција на говор на омраза. Обидот и ова жигосување (колку и да е тоа гнасно) да се третира со овој правен концепт, внесува конфузија во тоа кои се воопшто правните механизми или кривично-правните одредби кои нè штитат. Во целата таа магла околу самиот поим и неговото не/санкционирање, ваквото растегнување на концептот почнува да работи против жигосаните и се претвора во алатка за цензура. Секое политички неподобно размислување власта сега лесно може да го окарактеризира како говор на омраза (против неа) и едноставно да го забрани. И веќе постојат примери во оваа смисла.

 

Паралелно со инсистирањето на правилно препознавање на говорот на омраза, мора да се инсистира и на негово доследно санкционирање (по членовите 173 и 394 (г) од кривичниот законик). Тоа ќе ги опфати паролите на хулиганите на фудбалските натпревари (за смрт на шиптари и каури), свастиките исцртани на јавен или приватен имот, плакатите на личности одговорни за убиства на Македонците, говорот на омраза кој се појавува на интернет, сè до говорот на омраза на политичарите, партиските апаратчици и новинарите. Дополнително и не помалку важно, мора да се инсистира на носење закон за дела од омраза – што во основа ќе подразбере измена на член 39, став 5 од Кривичниот законик (каде на нашите академци повторно им треба поука од ОБСЕ). Иако конкретниот став 5 на членот 39 се прикажува како одредба која има за цел да се справи со делата на омраза, начинот на кој е формулиран и опсегот на не само идентитетските карактеристики кои ги опфаќа, не ги исполнува меѓународните стандарди на закон за дела од омраза и во практиката не би можел да функционира. Тоа е една расплакната одредба која по примерот на говорот на омраза повторно ќе внесе конфузија и со тоа ќе ја ослаби казнената политика за ова дело и ќе ја зајакне можноста за политичка злоупотреба. Интересно, повеќето од јавните или приватни закани, заплашувања, вознемирувања, малтретирања, оштетувања на имот и слично, кои ги трпат нашите активисти за човекови права, новинари, адвокати и други поединци, а поради нивната солидарност со жртвите на дискриминацијата (етничките малцинства, азилантите, ЛГТБ популацијата, жените, хендикепираните и атеистите) – кои се восприемени како говор на омраза, се во основа дела од омраза. Со правилна формулација на членот 39 став 5, тие ќе може да бидат третирани како такви (и со тоа построго санкционирани од „обичните“ кривични дела кои во себе ги содржат).

 

Повторно, надвор од концептот говор на омраза остануваат секојдневните и грди вербални жигосувања и обиди за линч, организираните и државно платени кампањи за етикетирање или дискредитирање на секој оној кој пројавува особини на личност и интегритет, на секој оној чиишто размислувања не му се допаѓаат на режимот. Важно е оваа состојба да ја не ја нормализираме така што погрешно ќе ја окарактеризираме како говор на омраза. Повторно, концептот говор на омраза е алатка со која демократските општества се справуваат со определен вид на предрасуди – во однос на раса, етничко потекло, јазик, вера, хендикеп, пол и сексуална ориентација. Како говор на омраза не треба да се санкционираат сите други омрази кои циркулираат во јавниот етер. Вербалните режимски организирани етикетирања и дискредитирања се повеќе абнормалност на (не)демократското владеење на правото и карактеристика на тоталитарните режими. Затоа треба да ги третираме како недемократски механизми, а не да ги маскираме во божем правни концепти кои ја цементираат моќта на недемократијата, т.е. моќта на неправото и неправдата.