Насловна страница, сладострастие и морализам

Насловна страница, сладострастие и морализам

Автор: Лина Ќостарова Унковска, преземено од Глобус

http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=E17830D7CD5A344DA6A6ED3A323EBAF9

 

Во Македонија нема да има геј бракови, па ниту геј заедници, сè додека актуелната Влада и нејзините Министри мислат дека така треба. И сè додека владеат според сопствените уверувања, наместо според човековите права кои инаку важат за сите луѓе, без исклучок, и во сите домени на општествениот, јавниот и приватниот живот. Заслепени од идејата за “здрава нација, брак и семејство” по нивна мерка, не се ни обидуваат да разберат дека човековите права не се делегираат, ниту заслужуваат, туку се фундамент на животот, и не можат да се доделуваат, отуѓуваат, или ограничуваат, по сопствено видување.

 

И до тука е сè прилично јасно.

 

Компликацијата настапува тогаш кога морализмот станува главното орудие во борбата против нешто толку втемелено како што се човековите права. Дури тогаш нештата се извртуваат во својата спротивност, и во искривена, карикатурална форма почнуваат да го напаѓаат креаторот на идејата, разобличувајќи го, токму него, наместо да го “заштитат”. Сте имале ли некогаш ноќни кошмари? Од оние исполнети со застрашувачки содржини на откриените, разулавени импулси, кои по долгите будни часови на исцрпувачка самоконтрола, конечно добиваат зелено светло да се појават во соништата? Но, кошмарот не е исполнување на желбите. Тој содржи нејасни, двојни пораки кои се изливаат со целата своја поместена жестина, не нудејќи позитивна разрешница, ниту олеснување. И тоа не е лесно за поднесување.

 

Така некако наликува и насловната сладострастна страница на викенд изданието на Вечер, која не би заслужила внимание доколку не е спакувана како израз на длабоките аспирации и фрустрации на уредникот, меѓу сонот и јавето, а во служба на морализмот кој осудува – не се знае што, но секако сè што се чини опасно, неподобно, или одвратно, вклучувајќи го и она што самиот тој (уредникот) го носи со себе, и во себе! Така, во само една страница добиваме производ-порака со “убивствена”, вулгарно илустративна содржина за “недопирливоста” на македонската брачна заедница, поткрепена со изјавата на актуелниот Министер за труд и социјална политика, зачинета со “роденденската” фотографија на најнеомилениот претседател на најголемата опозициска партија. За во крајна линија целиот тој колажно-креативен набој на авторот да се сведе на личен одраз, слика и прилика на уредникот.

 

Но весникот е јавен медиум, и не може да се сведе “само” на индивидуалните креативни импулси на еден човек, колку и да е тој охрабрен да ги изрази јавно. Меѓу другото и затоа што е многу веројатно весникот да заврши на масата во домовите на повеќе здрави македонски семејства. И ако веќе дојде до тоа, сигурна сум дека токму најгласните бранители на македонскиот брак и семејство би се нашле на грдни маки да им објаснат на децата што претставува фотографијата на насловната страница на нивниот семеен весник, и што сакал чичкото со тоа да (по)каже. А децата се љубопитни, и не се наивни, па ќе треба добро да им се објасни не само што прават луѓето во чудна поза на колоритната фотографија, туку и дали и колку е тоа добро, и ако е, во која област (од јавниот живот) спаѓа таквото однесување? А, и кај возрасните може да има двоумења, како на пример, дали нагледно прикажаното сладострастие всушност не претставува нов стандард за брачните сексуални уживања, досега непоимливи за моралистички здравата хетеросексуална заедница?

 

А кога сме веќе кај децата, и заложбата за “здрава нација”, “здраво семејство”, “здрави деца”, одгледани во “здрави услови”, на актуелниот Министер за труд и социјална политика, а во одбрана на сопствените дискриминирачки ставови и политики, можеби не е лошо тој да знае, дека според истражувањето на холандска група автори од 2009 година, 10% од примерокот млади испитаници, на возраст меѓу 13 и 19 години, се изјасниле како ЛГБТ1 млади. И дека ни Македонија во тоа не е никаков исклучок, освен што кај нас не би смееле да се изјаснат ни 1% од младите кои така се чувствуваат. Истото тоа преведено на поразбирлив јазик значи дека ЛГБТ децата ги имаме и среќаваме насекаде во Македонија, во семејствата, градинките, училиштата, домовите, на улиците, како и секаде во светот. Можеме ли да ги видиме, и да покажеме каде ни се тие деца?

 

Како тогаш да избегаме од впечатокот, дека нашите ЛГБТ деца не само што не растат во здрави услови, туку сè под континуирано висок ризик по сопствениот живот, се додека ги имаме овие и вакви Министри и политики. И дека тоа ни се случува во општо-цивилизациски контекст на неприкосновените детски права на живот, заштита и учество, кои токму македонската држава преку институциите на системот се обврзала да им ги гарантира на сите деца подеднакво, вклучително и на “невидливите” ЛГБТ деца.

 

Министерот не само што треба тоа да го знае, туку е обврзан и да креира политики со кои таквите сознанија ќе го најдат патот до граѓаните, со цел што поголем број луѓе да разберат дека да се биде ЛГБТ дете, не значи да се биде нездрав, мрднат, згрешен, или непослушен. Хомосексуалноста и транс-сексуалноста не спаѓаат во доменот на лоши навики, кои детето мора да ги отстрани за да се “доведе во ред”. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет, од било кој вид, вклучувајќи ја и хетеросексуалноста, е карактеристика на личноста, а не избор на животниот стил на човекот /детето/. Како и сите други деца, и ЛГБТ децата имаат родители, баби, дедовци, браќа, сестри, роднини, кои ги сакаат и се грижат за нив. Кога било кое од овие деца е отфрлено, малтретирано, или живее под постојана закана по сопствениот живот, заради својата сексуална ориентација, или родов идентитет, сите во семејството страдаат.

 

Прашањето тука не е што е право, или правилно, туку има ли капацитет Министерот да разбере, дека кога се брани и истовремено заканува, барајќи институционална разрешница за добиените опомени за дискриминација, може ли тој да разбере, дека со своите заложби за исклучиво “здрава” нација, брак, семејство, дете, всушност ги дискриминира, а со тоа и исклучува сите останати луѓе и деца со нарушено здравје, сите хронично болни, хендикепирани, или со посебни потреби. Да не зборуваме за многубројните останати, не болни, туку РАЗЛИЧНИ, луѓе и малцинства, кои не му се по вкусот, за рамнправно да учествуваат во неговата ткн. “здрава”, па од тука и “чиста” заедница? Тоа е дискриминацијата за која го обвинуваме, и која тој не ја разбира, кога морализира, замислувајќи се дека нè штити.

 

Заедницата во која нема место за сите, која се оградува од луѓето и децата со поинаква сексуална ориентација и родов идентитет, во која тие не се препознаени и заштитени, туку намерно изолирани и прогонувани, чии семејства се етикетирани, без никаква поддршка и заштита, е трагична и нездрава заедница. Тој и тоа не го гледа.

 

Не е доволно сето ова само да се сфати и прифати, туку за тоа мора постојано и гласно да се зборува, како за говор на омраза, кој кога доаѓа од највисокото место во Системот, во изјавите на Министерот, тогаш станува легална верификација на предрасудите, насилствата и злоставувањето. Може ли тоа да го разбере актуелниот Министер, неговите сопартијци и медиумски мегафони блиски до власта? Мислам дека не.

 

1. ЛГБТ заедница – акроним за заедница од лезбејки, геј, бисексуални и транссексуални индивидуи, во официјална употреба од 1990 год.