ЈАВНА РЕАКЦИЈА на изјавата на Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски

ЈАВНА РЕАКЦИЈА на изјавата на Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски изјави:

 

“Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните двојки да им се дозволи да посвојуваат деца, затоа што сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот.”

 

Оваа изјава на Министерот Спиро Ристовски е во целосна спротивност со реалната ситуација во која растат илјадници деца, односно со различните видови семејства во кои се пружа и обезбедува грижа и внимание во одгледувањето на деца. За ова сведочат бројни социолошки и антрополошки студии од еминентни научници.

 

Имено, изјавата на Министерот претставува акт на целосно исклучување, делегитимизирање и дехуманизарање на сите видови заедници и семејства, како и деца кои растат во такви заедници, а кои не соодветствуваат на биолошкиот репродуктивен и бинарен модел на семејство, односно бракот врз основа на кој Министерот и ја заснова својата изјава.

 

Со оваа изјава Министерот ги дискриминира сите деца и форми на заедници и семејства во кои децата добиваат неопходна грижа, љубов и внимание, како на пример деца израснати од самохрани мајки, децата израснати со блиски роднини, децата без родители, посвоените деца, децата за кои се грижат поголеми групи на жени (најчесто во услови на миграција), децата кои се израснати од страна на истополовите двојки и заедници, децата од различни култури во кои принципот на брак и биолошката двојка не е клучен во процесот на одгледување и грижа за децата итн.

 

Она што посебно загрижува во оваа изјава на Министерот е дека истата потсетува на застапување за некои од примитивните форми на семејство, но уште пострашно, наликува на застрашувачкиот модел на семејство и репродукција во служба на расно чиста нација. За ова постојат сведоштва во мрачните архиви на европската цивилизација.

 

Јавно ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација да реагира и да ја осуди изјавата на Министерот, посебно што изјавaта е дадена од министер во чија надлежност е заштитата од дискриминација и социјалното исклучување.

Врз основа на надлежноста на Комисијата за заштита од дискриминација како и претходната пракса кога Комисијата реагираше на дискриминаторски изјави на политичари, бараме најитно Комисијата јавно да излезе со став и да ја осуди изјавата на Министерот Спиро Ристовски која претставува дискриминација по основ на семејна и брачна состојба.

Скопје, 10.09.12

 

Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’

и Мрежа за заштита од дискриминација[1]

 

[1] Мрежата беше воспоставена во декември 2010, а е сочинета од следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Рома СОС; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост -ПОРАКА. Оваа мрежа има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација