ЕУ ја критикуваше Србија поради забраната на геј парадата

ЕУ ја критикуваше Србија поради забраната на геј парадата

Европската Унија силно ја критикуваше одлуката на Србија да ја забрани геј парадата, која беше планирана да се одржи вчера во Белград, а која по вторпат беше откажана по поплаките од Српската православна црква и заканите од крајно-десничарските групи.

 

„Потпирајќи се на безбедносни проценки и препораки, поради безбедноста на граѓаните, министерството за внатрешни работи донесе одлука да ги забрани сите јавни собирања закажани за 6-ти октомври, вклучувајќи го и маршот“- изјави српскиот премиер, Ивица Дачиќ.

 

„Последното нешто кое во моментов и е потребно на Србија се нереди и жртви, затоа сите услови за забраната на парадата се постигнати “ – додаде Дачиќ, кој, исто така, е и министер за внатрешни работи на Србија.

 

Одлуката ги поткопа надежите дека новата влада на Србија, која ја предводат националистички партии, ќе ја овозможи безбедноста на маршот со што ќе ја докаже својата посветеност во напредувањето кон приемот во ЕУ.

 

Ирската министерка за европски работи, Лусинда Крегтон, минатата недела имаше, според нејзините зборови, „охрабрувачки“ состанок со Дачиќ и изјави дека Белград е решен да направи се што може за да го добие членството во ЕУ.

 

Белград може да добие датум за почеток на преговорите за прием за време на претседателството на Ирска во првата половина на 2013-та, вели таа. Но, постари ЕУ службеници и меѓународни групи за човекови права велат дека одлуката да се забрани геј парадата предизвикала сомнежи во посветеноста на Белград кон таканаречените европски вердности.

 

„Правата на малцинствата, слободата на говорот и слободата за јавно собирање треба да бидат загарантирани во земјите кои се членки на Европската Унија или пак се кандидати за членство“ – изјави Бригита Олсон, шведската министерка за европски работи која ја опиша забраната како „длабоко загрижувачка“.

 

Портпаролот на европскиот комесар за проширување, Штефан Филе, рече дека Брисел е „особено посветен на барањето земјите-кандидатки целосно да ги прифатат основните права и вредности“.

 

„Силно ги осудувам заплашувањето и заканите од страна на екстремистичките организации врз организаторите на парадата и жалам што на тие закани им е посветено сериозно внимание за да преку нив се оправада забраната од безбедносни причини“ – вели Филе во соопштението.

 

Високиот комесар за човекови права на ОН, Нави Пилај, побара од Белград да озвозможи нов датум за одржување на парадата.

 

Забраната дојде откако поглаварот на Српската православна црква, патријархот Итинеј, го нарече настанот „парада на срамот“.

 

„Настанот фрла сенка врз Белград, врз нашата вековна култура и врз достоинството на семејството како основа на човештвото“ – изјави тој.