11 Sep Конференција на тема „Остатоци од Холокаустот: национализам, биополитика и сексуалност“
Во рамките на архивската изложба Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г., на 12.09 (среда), со почеток во 17.00 часот, во Меморијалниот центар за Холокаустот на Евреите ќе се одржи еднодневна конференција на тема ’Остатоци од Холокаустот: биополитика, национализам и сексуалност’, на која учество ќе земат реномирани експерти од Македонија, регионот и Европа.
Говорници на конференцијата се:
Проф. Гинтер Грау (Германија),
Проф. Софија Грандаковска (Макеоднија),
Проф. Катерина Колозова (Македонија),
Проф. Даша Духачек (Србија),
Еми Барух (Бугарија),
Гордан Босанац (Хрватска)
Миша Поповиќ (Македонија), и
Жарко Трајановски (Македонија).
Конференцијата претставува дел од новоотворената изложба за „Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945“ и има за цел да отвори дискусија и да презентира длабински историски увид, заснован на истражувања, наративи и лични сведоштва, во застрашувачките и трауматични искуства на Холокаустот.
Покрај идејата да го воведе во академскиот дискурс проблемот на Холокаустот, до сега виртуално непостоечки во академскиот дискурс во ЈИЕ и Балканот, конференцијата стреми кон проширување на полето на искази поврзани со Холокаустот со тоа што отвара простор за давање глас на животите и сеќавањата кои се испразнети од главните наративи за Холокаустот, со посебен фокус на сексуалните малцинства и другите општествени групи.
Тргнувајќи од историската позадина на искуството на Холокаустот, учесниците на конференцијата ќе покренат клучни политички и етички расправи актуелни во современите академските дискурси и истражувања за влијанието на ова искуство врз нашето разбирање на нацијата, заедницата, политиката, човековите права, Злото, насилството, кохабитацијата и човековиот живот. Сите овие прашања ќе бидат поставени како дел од современиот контекст на национализми во подем и многустраните практики на различни режими на биополитика, како и нивните монструозни конвергенции со некрополитичките режими кои нанесуваат нееднакво дистрибуиран живот и смрт и страдање, како и нивните сличности, поклопувања и разлики со нацистичките дискурси.
Посебен фокус во овој контекст ќе биде ставен врз испреплетувањата на национализмот, режимите на сексуалноста (како главна оска на биополитичката регулација во фукоовската парадигма), политичката институција на границите на заедницата и политичките одлуки кои одредуваат кои човечки животи се признаваат како интелегибилни и вредни за живеење, како и кои форми на телесна интимност и релации е дозволено да бидат прилепени за имагинариумите на националното политичко тело.
На овој начин, покрај пре-испишувањето на историјата преку изрекувањето на наизреченото и премолченото, Конференцијата цели да претставува потсетник за опасностите имплицирани во сржта на националистичките биополитики, од една страна, изложување на ранливоста на човековиот живот, неговата вредност и рамките за негово признавање, од друга страна, како и можности кои се отвараат од овие позиции за креирање на широки алијанси за правда, еднаквост и отпор.