Покана за вечерашното отворање на изложбата Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945

Покана за вечерашното отворање на изложбата Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945

Чест ни е да ве поканиме на отворањето на архивската изложба Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г., во организација на Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ во партнерство со КВИР Загреб, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, Холокауст музејот во Вашингтон и Швулц музејот од Берлин. Отворањето на изложбата е во понеделник, 10.09, во 20.00 часот во Меморијалниот центар за Холокаустот на Евреите.

 

Изложбата е поддржана од Фондација Отворено општество Македонија и Институт отворено општество од Њу Јорк.

 

Изложбата ќе биде проследена со еднодневна конференција на тема ’Остатоци од Холокаустот: биополитика, национализам и сексуалност’, на која учество ќе земат реномирани експерти од Македонија, регионот и Европа, вклучително: Проф. Гинтер Грау (Германија), Проф. Софија Грандаковска (Макеоднија), Проф. Катерина Колозова (Македонија), Проф. Даша Духачек (Србија), Еми Барух (Бугарија), Миша Поповиќ (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија) и Жарко Трајановски (Македонија). Конференцијата ќе се одржува на истата локација, 12.09 (среда), со почеток во 17.00ч.

 

Документите, фотографиите и текстовите во рамките на изложбата „Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г.“ зборуваат за еден специфичен историски момент, во кој доминантната идеологија, меѓу другото, ја препознала сексуалноста како едно од важните полиња за контрола на општеството. Оваа изложба има за цел да покаже дека жртви на нацистичката политика, заедно со Евреите, Ромите, лицата со посебни потреби, лицата со душевни пречки, политичките неистомисленици и со останатите непријатели на Рајхот, биле и хомосексуалците. Долго време тие биле премолчувана и занемарена група на нацистички жртви, иако истражувањата, кои сè уште се изведуваат, зборуваат за тоа дека повеќе од 100.000 лица биле уапсени поради хомосексуална ориентација и дека околу 50.000 уапсени лица завршиле во затворите или во институциите за лица со душевни пречки, а меѓу 5.000 и 15.000 и во концентрационите логори. Со своите методи за ликвидација на непријателите на Рајхот, нацизмот не само што успеал да зафати застрашувачки голем број жртви, туку и човековите судбини ги лишил од секаква трага на хуманост. Токму затоа оваа изложба прикажува што е можно повеќе човекови лица, кои, пред гестаповските фотоапарати (десен профил, однапред, благ лев профил) за време на сликањето за казненичките картони, се престрашени, тажни, збунети, но некои од нив (оптимистички се тешиме) и горди, пркосни, па дури и иронични.

 

Специфичноста на хомосексуалните жртви е тоа што, по завршувањето на војната, нивниот прогон не запира, а некои од нив морале да продолжат да ги отслужуваат доделените затворски казни и по ослободувањето од логорите. Дури со будењето на хомосексуалното движење, кон крајот на 1960-тите години, почнува да се создава клима за историјата посистемски да се позанимава и со хомосексуалните жртви на нацистичкиот режим.

 

Денес, сакаме да веруваме дека овие моменти на колективно лудило, омраза и на страв веќе не се возможни. Сакаме да веруваме дека сеќавањата што ги оживуваме со оваа изложба придонесуваат за намалување на хомофобијата и за хумано прифаќање на сите наши разликувачки идентитетски карактеристики, кои мора да станат предност, а не опасност, при воспоставувањето на квалитетен живот во современото општество.

 

Вашето присуство ќе ни претставува посебно задоволство и чест.