Соопштение до медиуми

Соопштение до медиуми




КАПИСЛА: Независна акција за поддршка на борбата против владините и невладини анти-абортус кампањи


Во среда, на 28.01.2009, со почеток од 22 часот, во ноќниот клуб Ретокс се одржа независна кампања за поддршка на борбата против конзервативната офанзива на македонските државни и невладини институции по однос прашањето на абортусот како легитимно сексуално и репродуктивно права на жените.

Независната кампања опфати “Standing in the way of control” DJ музички сет на Соња Исмаил и Ивана Драгшиќ, изложба на уметнички дела од млади македонски уметници, изложбени и продажни штандови на издавачката куќа Темплум, продукцијата на 103-ка, како  и дистрибуција на промотивни материјали за сексуално здравје од страна на Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници. 



Посебно значајна беше уметничката и креативната димензија со која беше обележана кампањата. Имено, неколку млади уметници и креативци, користејќи ги до сега искинатите постери од анти-абортус кампањата како изразен материјал, продуцираа нови уметнички дела кои имаа за цел да ги пародираат и критикуваат конзервативните, националистичките и релиогозно-фундаменталистичките ставови промовирани со анти-абортус кампањата, а со кои се негирани основните човекови права на жените. Профитот од продадените уметнички дела, книги и
CD, заедно со собраните парични средства како донација на посетителите на забавата ќе бидат наменети за уметнички анти-кампањи како одговор на сеприсутните кампањи за потчинување на жените и правото на избор.

                Основните ставови што организаторите на КАПИСЛА сакаат да ги промовираат се:

·         Забраната на абортусот само ќе го зголеми бројот на нелегални и небезбедни абортуси и со тоа ќе го загрози општото здравје на жените во Македонија

·         Репродуктивните права на жените не смеат да бидат ограничувани заради националистички и религиозни убедувања

·         Се додека плодот не живее надвор надвор од телото на жената тоа е дел од неа, а одлуката за бременоста е одлука на жената, а не на државата

·         Легалниот абортус во никој случај не е анархична и хаотична касапница. Тоа е регулирана и контролирана практика и едно од репродуктивните права на жената кое е ограничено со временски рок и со постоечка законска регулатива

·         Меѓународните конвенции кои се потпишани од страна на РМ ги гарантираат репродуктивните права на жената и тие се составен дел на законите во државата

·         Намалувањето на бројот на абортуси не се постигнува со забрана, туку со стратешки водена кампања за контрацепција, воведување на сексуално образование и рана едукација


КАПИСЛА претставува еден мал исчекор кој покажа дека граѓаните во Македонија знаат да дејствуваат обединето во ситуации во кои се порекнуваат основните човекови вредности и права и се спроведува политичко и етичко насилство. КАПИСЛА е само една од акциите кои ќе продолжат во серија како одговор на насилните националистички биополитики, шовинизмот и тенденциите за колонизација на женските тела. Во крајна линија, КАПИСЛА беше цивилизиран одговор на дегутантните и грозоморни чекори кои до сега беа преземани од страна на “непознати субјекти“ и колективен креативен и уметнички напор за искористување на човековите творечки потенцијали во насока на креација на уметност, разбирање и почит кон сите родени човекови суштества и нивната околина.