13 Jun Реакција на колумната „Лето“ на Драган Павловиќ Латас
Реакција на колумната „Лето“ на Драган Павловиќ Латас објавена на 11. 06. 2012 година во дневниот весник Вечер (http://vecer.com.mk/?ItemID=B45552FD58AE8A489030328C035BF773)
До: Уредничкиот тим на дневниот весник Вечер и остантите медиуми во Р.М
Почитувани,
Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници најостро реагира и ја осудува колумната на Драган Павловиќ Латас, „Лето“, објавена во дневниот весник Вечер. Имено, Коалицијата смета дека погоренаведениот текст претставува уште еден од серијата колумни, новинарски текстови и прилози кои учествуваат во креирањето и одржувањето на дискриминаторската и хомофобичната атмосфера, зацврстувањето на хетеронормативната матрица и популизмот, како и подривањето на плуралниот и демократски простор во Република Македонија.
Колумната на Д. П. Латас претставува класичен обид за деградирање, стигматизирање и дехуманизирање на нехетеросексуалците, односно веќе проверена и утврдена реторика на шовинизам и популистичка манипулација која креира морална паника.
Само во оваа колумна авторот крши минимум 6 од вкупно 17 членови од Кодексот на новинарите на Македонија.
Во член 10 од Кодексот на новинари се вели дека новинарот нема свесно да создава ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права и слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа вклучувајќи ја и сексуалната ориентација. Целата колумна на уредникот Драган павловиќ Латас претставува акт на дискриминација врз основа на сексуална ориентација преку хомофобичен говор на омраза и радикална хомофобична реторика која ги карактеризира хомосексуалците како неприродни наспроти останатите кои „одбрале природен тек“, ги сведува на сиров сексуален нагон и поврзувајќи ги хомосексуалците со наводни силни лоби групи кои имаат влијание врз скандали со перење пари.
Во дневниот весник Вечер на насловна страна е објавена фотографија од универзитетски професор од Џорџија со наслов „универзитетски професор пушел за 50 евра“ илустрирајќи го делот од колумната во која авторот вели „ Професор од Џорџија, на 65 години, се пердашел и им пушел на пријатели за 50 евра од сеанса“ за на крај да поентира „ Да ти одмили светот, и времето во кое живееш.“ Ова е спротивно на член 7 од Кодексот на новинари во кој се вели дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста.
Во член 8 од Кодексот на новинари се вели дека меѓу другото во случаи на болест начинот на информирање мора да биде ослободен од сензационализам. За разлика од ова, Латас својата колумна ја започнува со интерпретација на случај во Црна Гора каде доктори по извршената интервенција се исмејувале и фотографирале со пациентот. Притоа, авторот Павловиќ ја привилегира и оправдува страната на изживување, навредување и нехуман третман на докторите врз пациентот кои наводно бил хомосексуалец.
Член 11 и член 15 од Кодексот на новинари говорат за придржување кон општоприфатените општествени стандарди на пристојност, негување на културата на говорот и етиката, како и дека неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. Споменатата колумна изобилува со стигматизирачки и навредливи термини и тенденции како „педери“, „хомоси“, „пердашел“, „пушел“, „си играл девојче“ и слично.
Не само што ја злоупотребува недомократската и насилна реторика како позадина за својот текст, авторот истовремено, сметаме дека, придонесува кон нејзино засилување, подгревање и подржување. Наместо да ја искористи сопствената професија и позиција на моќ која му е дадена во медиумската сфера, Драга Павловиќ Латас ја користи истата за одржување на хомофобичниот популистички ум и недемократските тенденции помеѓу дел од македонските граѓани.
Конечно, целта на оваа колумна е преку радикална хомофобична реторика, стигма, говор на омраза и дискриминација врз основа на сексуална ориентација всушност да се оцрни одредена партиска опција, а во поширок контекст и „нечистиот и декадентен“ Западот како идеолошка спротивност на „чистата“ словенска култура и општество презентирајќи теории на заговор поврзани со наводно лоби на хомосексуалци, но и портетирајќи ја политичката сила на Путин после репресивниот закон за хомосексаулни прајдови и политичката слабост на Обама после поддршката на хомосексуалните бракови. На овој начин, наместо да се позиционира како критичка или во најмала рака неутрална политичка инстанца, авторот на текстот се приклучува во битката за профитирање во доменот на партиско-политичкиот капитал на одредени политички субјекти, и на тој начин го подржува нехуманото инструментализирање на одредени животи во битката за политички гласови. Доколку колумнистот Латас не гледа единствено низ призмата на политичка моќ, политичка функција, рејтинзи и освојување гласови туку низ призмата на општествени промени и прогрес тогаш други рејтинзи би добиле предност, односно оние кои говорат за зголемување на поддршката за хомосексуални бракови меѓу населението во САД, особено меѓу афро-американското население токму после изјавата на Обама.
Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници смета дека е апсолутно нехумано и неетички преку понижување и деградирање на цела една група луѓе колумнистот Латас да се пресметува со дадена политичка партија и конкретни личности од македонската политичка сцена. Тоа е и во спротивност на член 16 од Кодексот на новинари во кој се вели дека новинарот ќе поттикнува на заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности.
Имајќи предви дека медиумите несомнено денес се главните креатори на јавното мислење и основниот извор на информации, ние сметаме дека да се почне со промена на јазикот и општеството денес значи да се почне со таа промена токму во медиумите. Не мислиме притоа на продуцирање демократски говори единствено во името на апстрактната демократија, а без притоа да се менува и политичкото и општественото постоење на мислата, уверувањата и ставовите. Да се говори коректно значи да се мисли коректно. Единствено низ таквото еднинство јазикот има смисла, а нашето постоење се стекнува со димензијата на човечност и етичност. Да се говори демократски значи и да се дејствува демократски, да се живее и создава демократски, да се креира недискриминаторско општество кое подеднакво го вреднува животот на секое човечко суштество и кое обезбедува простор и услови за реализација на секоја индивидуа.
Врз основа погоренаведеното, Коалицијата бара авторот на колумната, воедни и главен и одговорен уредник на дневниот весник Вечер заедно со целокупниот уредувачки тим да им се извинат јавно на сите нехетросексуалци и демократски граѓани на оваа држава, а со тоа и да застанат зад одбраната на отворено, плурално и демократско општество и во борбата против дискриминацијата и говорот на омраза.