21 Oct Зошто вреди непријатниот разговор? Придобивките за менталното здравје од ССО
текстое е оригинално објавен на Мета
Пишува: Матеј Тројачанец
За придобивките од сеопфатното сексуално образование (ССО) треба да дискутираме нашироко, особено сега кога знаеме дека од него има низа придобивки по менталното здравје.
За почеток, треба да се потсетиме на некои од главните придобивки на ССО. Повеќе од четири децении и еден куп истражувања потврдуваат дека ефектот од ССО е недвосмислено позитивен. Добро осмислените програми поддржуваат позитивно донесување одлуки околу сексуалното здравје. Тоа значи дека младите подоцна започнуваат со сексуалните активности, се намалува стапката на сексуално преносливи инфекции (СПИ) и ризични сексуални однесувања. Учениците и студентите кои посетуваат настава за ССО имаат помала стапка на тинејџерска бременост. Други битни фактори се и знаењата околу меѓучовечките односи. Поточно, кај учениците кои посетуваат програми за ССО има намалена стапка на меѓупартнерско и сексуално насилство, виктимизирање на лицата кои преживеале вакво насилство. Слично, со ССО се зголемува стапката на препознавање на меѓупартнерско насилство (МПН), носи зголемено знаење околу МПН што вклучува помала стапка на верување во митови околу различните типови сексуално вознемирување, обвинување на преживеаните и на жртвите од насилство, и други сексистички ставови.
Ова се само дел од ефекти што програмите за ССО целат да ги остварат, кои треба да ги повторуваме често, особено кога сведочиме на организирана опозиција што го пополни наративот со дисторзии и лаги, апсолутно обратни од научниот консензус.
ССО и менталното здравје
Во Рамката за сеопфатно сексуално образование се споменуваат психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, важноста на препознавање на различни видови на насилство и вознемирување што знаеме дека може да нанесе психо-емотивна штета. Слично, во дефиницијата на Светската здравствена организација за сексуалното здравје пишува дека тоа претставува, меѓу другото, „ментална и социјална благосостојба во врска со сексуалноста.“ Иако едукацијата околу менталното здравје не е главниот фокус или примарна цел на ССО, таа е составен дел од програмите на сеопфатното сексуално образование.
ССО програмите помагаат и во намалување на стапката на меѓупартнерското и сексуалното насилство и вознемирување, сексуално преносливите инфекции и прераната и/или несаканата бременост. Тоа значи дека, индиректно, помагаат во намалување на инциденцата на различни ментални растројства и потешкотии што настануваат по ваквите настани — растројства како пост-трауматско стресно растројство (ПТСР), депресија, анксиозност, суицидални мисли. Треба да се потенцира дека токму овие растројства се почесто присутни кај лица кои преживеале сексуално вознемирување и физичко насилство. Затоа, со помош на знаењата за превенција или заштита од насилство и вознемирување предвидени во ССО, стапката на меѓупартнерско насилство и вознемирување може да се намали, а со тоа и шансата преживеаните и жртвите да ги развијат гореспоменатите растројства. Но, целта на ССО не е само да превенира растројства што може негативно да влијаат во другите сфери на животот.
Неколку други помалку познати, но битни придобивки од сеопфатното сексуално образование, значително го подобруваат менталното здравје, благосостојба и желба за соживот во општество кај младите. На пример, учениците и студентите кои учествувале во ССО програма развиле подобра слика за себеси, односно се чувствувале поудобно во своето тело — особено во период кога имале нагли промени со доаѓањето на пубертетот. Слично, други истражувања покажале дека уште од млада возраст децата може ефективно да научат вештини за самоконтрола и заштита преку препознавање на ризични ситуации. Младите стекнале и вештини за подобро менаџирање со ризични и конфликтни ситуации и имале поконструктивна комуникација во одговорот на туѓиот гнев. Освен тоа имале подобрена комуникација за прашањата врзани за сексот, како и подобрен однос со родителите на оваа тема, што е клучно за нивна нормализација.
Понатаму, истражувањата покажуваат дека со програмите за ССО се намалува хомофобијата и хомофобичните ставови, се намалува силеџиството базирано на хомофобија и подготвеност да се интервенира во вакви ситуации. Односно, индиректно се развива емпатијата и чуството на правда кај овие лица. Се зголемува прифаќањето на трансродови и родово неконформирани лица и помага луѓето подобро да ја разберат родовата еднаквост, сексуалните права и да ја препознаат дискриминацијата и нееднаквоста врз основа на пол, род и сексуална ориентација. Се зголемува знаењето, свесноста и почитувањето на родовата еднаквост и сексуалните права, како и свесноста за дискриминација базирана на пол, род и сексуална ориентација.
Важно е децата и тинејџерите да знаат дека она низ што поминуваат не е некој мистериозен феномен, туку процес во кој не секогаш родителите (и интернетот) ги имаат најточните и прецизни информации. Добро е да знаат дека постојат (какви-такви) системи на заштита каде може да се обратат за помош, и каде што ќе може да прашаат незгодни или срамни прашања.
Така, првенствено ќе се изградат заедници базирани на меѓусебна доверба. А, потоа, пополека ќе се изгради доверба во образовните реформи како ССО преку кои ќе може да се уриваат штетните предрасуди што ја поттикнуваат дискриминацијата, која и те како придонесува до влошување на менталното здравје на младите.
Системски шок
Тргајќи се на страна од истражувањата и емпиријата, пробував да си замислам како размислуваат умовите на луѓето кои се на браникот на организираниот отпор кон ССО. Се обидов да си дадам одговор преку индивидуалната, социјалната и системската перспектива, кои секако се испреплетуваат една со друга и не се заемно исклучиви.
Прво, гледајќи од индивидуална перспектива, многумина од нас уживаат во удобноста на познатото и спокојот што ни го дозволува. Најчесто се плашиме од нагли промени и работи што не ни се познати, па кога тие (неизбежно) ќе се случат, основната реакција ни е да ги тргнеме подалеку од нас. И, тоа е нормална, дури и природна реакција. Умот, човекот, има инстинкт да се заштити сам себе. Но, проблемот е кога стравот од другото или непознатото ни го заробува умот и, под влијание, се прелева во политички став. Тогаш стануваме потврдоглави и мислењата ни стануваат уште поцврсти. Стравот кај родителите, на пример, се активира кога децата учат нешто ново што нив им е делумно или целосно непознато, или за кое треба да признаат дека недоволно го познаваат. Стравот се јавува и кога тие сфаќаат дека тоа е нешто врз кое немаат целосна контрола, поради што создаваат отпор и изјавуваат дека само тие знаат што е најдобро за нивното дете.
Од социјалната перспектива, емоцијата што информира за отпорот кон ССО е срамот, една од основните емоции која најчесто се појавува во социјални ситуации по некаква трансгресија. На пример, отворените дискусии за сексот, родот и неконвенционалните релации меѓу луѓето предизвикуваат чувство на непријатност. Посебно за луѓето кои пораснале во средини каде што не се зборувало отворено за нив, идејата нивните децата да учат нешто ново може да предизвика нелагодност и срам. Не може и да се изостави димензијата на срам од и за своето дете доколку на рани години тоа се здобие со некаква сексуална инфекција, забремени или отстапува од хетеронормативноста. Во оваа насока, ССО најчесто се критикува како материја која се верува дека ќе ги поткопа моралните вредности на децата, кои ќе учат нешто спротивно од традицијата и вообичаените семејните вредности.
Последна и најкомплицирана е системската перспектива, на којашто најтешко е да се даде одговор. Тоа е затоа што граѓаните имаат висок степен на недоверба во системите на социјална заштита, образовниот и здравствениот систем. Опаѓањето на квалитетот на услугите, јавните скандали, отсуството на јасна комуникација и транспарентност на институциите во Северна Македонија изминатите децении влеаја дополнителен сомнеж, апатија и цинизам дека што било квалитетно може да излезеод овие системи. Па, скептицизмот дека токму ССО ќе биде успешна образовна реформа не е неоправдана. При ваков системски проблем, само системски отворен и транспарентен пристап може да ја врати довербата на народот.
Ова може да звучи наивно и идеалистичко, но навистина верувам дека работите можат да бидат поинакви. Да се живее во постојан страв, срам или недоверба е тешко, но уште потешко е да научиме како да ги надминеме овие чувства или да научиме како да живееме со нив. Со помош на експерти од различни области, овие програми се дизајнирани на начин што ќе ги поддржува младите наместо тие да се препуштени на сами на себе и да талкаат низ, неретко, несоодветни и штети информации. Со спроведување на сеопфатно сексуално образование, можеме да им помогнеме на идните генерации да избегнат некои од замките на незнаењето и дезинформациите, така што ќе учат од нашите грешки, додека ние научиме и да се отстраниме од стигмата.
Стара школа, нови деца
Сите горенаведени придобивки од оваа образовна реформа се причината поради која верувам во нејзе. ССО не е странска измислица, како што многумина веруваат. Нашето „сценарио“ со ССО не доаѓа од Далечниот Исток, ниту од земјите од Западот, и овие образовни програми не ни се ниту туѓи, ниту нови.
Уште во Југославија овде сме имале програми за сексуално образование, за планирање на семејство, а постоеле и списанија како „Чик“ чии изданија биле насочени кон „сексуалното воспитување“ на младината. Генерациите коишто живееле во Југославија ги поминале овие програми и содржини, и факт е дека веќе знаат како тие изгледаат. Тие биле сведоци на промените на ова поле низ годините. Тоа се луѓе кои ги имаат сведочено законските и уставните промени и обиди за промени кои го засегаат правото на абортус, декриминализацијата на хомосексуалноста и воведувањето на основно сексуално образование во училиштата.
Токму тие како сведоци и навигатори низ трансформативни општествени промени во своето време, се во уникатна позиција и ја имаат моќта да бидат суштински сојузници во поддршката на ваквите програми. Тие имаат доживеано промени во начинот на кој општеството се занимава со чувствителните теми, а нивните искуства можат да помогнат да се отвори патот за помладите генерации. Со други зборови, може да направиме нови интергенерациски сојужништва и, воедно, да го избегнеме токсичниот наратив дека ако не пропатат и минат низ истите потешкотии, новите генерации нема да може да успеат понатаму во животот.
Ваквата солидарност повикува на рушење на генерациските и општествените бариери и овозможува секој млад човек, без разлика на животните можности, да има пристап до образование што му дава знаење и моќ. Со активно залагање за ССО, постарите генерации можат да помогнат да се сменат структурите и интерсекциските форми на угнетување и потиштување кои продолжуваат да ја ограничуваат автономијата на младите луѓе, особено оние кои им припаѓаат на одредени маргинализирани заедници.
Кругот можеби е тркалезен
Сојузништвото и колективната грижа еден за друг не се клучни само за создавање на поинформирана, сочувствителна иднина. Тие се важни затоа што постојат струи кои создаваат организиран отпор кон ССО, отпор којшто би рекол дека е и увезен. Во изминатите години, кога се воведуваше програмата за ССО, имаше незанемарлива стихија од дезинформации, повици за бојкот (од различни актери) па дури и директни закани врз луѓето кои храбро работат на промовирање на програмите за ССО. Токму поради тоа, сојузништвото и колективната грижа се клучни затоа што во пресрет на координираните анти-родови движења што тотално органски и дефинитивно не никнуваат под закрила на конзервативни и религиски супранационални групи, треба да знаеме како и каде може да се заштитиме и да побараме помош дури и кога системите на образование и заштита не функционираат.
Од друга страна, „случајно собраната група на загрижени родители“ не се единствен предизвик. Нефилтрираниот пристап до интернетот и особено до некои конзервативни и т.н. „manosphere“ содржини се дополнителен предизвик затоа што ваквите наративи се проткајуваат кај нас во навидум лабави разговори и се шмугнуваат на задна врата.
Она што сакам да го кажам е дека секогаш ќе имам емпатија за оние кои не знаат и сакаат да дискутираат и да научат, за оние кои пробуваат да дадат смисла од овој бесмислен свет. Никогаш нема да обвинувам некого што не знае. Но, мојата емпатија завршува за оние кои не сакаат да знаат и, полошо, што го користат незнаењето како оружје против другите. Она што ми/ни останува е да промовираме вакви децидно позитивни работи кои целат да ги научат и охрабрат младите да бидат самоуверени во своите одлуки и отпорни, особено за оние кои историски биле маргинализирани.