04 Sep Намалување на штетите во медиумското покривање на родово-заснованото насилство
Текстот е оригинално објавен на: trn.mk
Од: Катерина Милошевска
„Медиумите се најмоќниот ентитет на земјата. Тие имаат моќ да ги направат невините виновни и да ги направат виновните невини, а тоа е моќ. Медиумите ги контролираат умовите на толпата“. (Малколм Икс)
Светската здраствена организација насилството го дефинира како:
„…секоја намерна употреба на физичка сила или, пак, моќ, која може да биде реална или во форма на закана, насочена кон себеси, кон друго лице или кон некоја група или заедница, а која завршува (или постои голема веројатност да заврши) со физичка повреда, со смрт, со психичка штета, со нарушување во развојот или лишеност (деправација)“ (World Health Organization (WHO), 2002, стр. 23).
Анализата на насилството од родов аспект е релативно нов тренд, а се заснова на факти и анализи, со помош на кои можеме да дојдеме до сознанија за општествените состојби, третман и (не)толеранција на насилството. Родово-заснованото насилство е најраспространет, а сепак, социјално најмногу толериран облик на насилство. Kога се дискутира за овој поим, главно се третираат облиците на насилство насочени кон жените само затоа што се жени, или кои пропорционално повеќе ги засегаат жените од мажите.
Според член 1 од Декларацијата на Обединетите нации за елиминација на насилството врз жените[1] од 1993 година (стр.2), насилство врз жените е:
„…секој акт на родово-засновано насилство, кој резултира или може да резултира со физичко, сексуално или психичко наштетување или страдање на жените, вклучувајќи ги и заканите за такви дејства, присила или арбитрарно лишување од слобода, без разлика дали тоа се случува во приватниот или во јавниот живот, како и лишување што произлегува од социо-економската стурктура на општеството“.
Поаѓајќи од фактот дека медиумите играат важна улога во создавањето на општествените ставови, тие имаат можност да бидат потенцијални инструменти за општествени промени. Несомнено, во контекст на родово-заснованото насилство неретко се случува спротивното, односно наместо подигање на свеста за горливите општествени проблеми, медиумите ја злоупотребуваат оваа тема преку дополнителна виктимизација на жртвите.
При медиумското претставување на овој проблем најчесто детектирани проблеми се ненавременото известување за насилството и недостатокот од текстови кои насилството го третираат како континуиран општествен проблем.
Со едноставна анализа на просечните медиумски текстови и објави кои се однесуваат на насилството врз жените, неизбежна е констатацијата дека авторскиот пристап е речиси секогаш сензационалистички, односно колку е посуров, толку е попримамлив. Истовремено, текстовите најчесто се сиромашни и оскудни, со авторски потпис сведен на иницијали, и немилосрдни наслови кои инстинктивно го привлекуваат вниманието, а речиси секогаш се објавени во рубриката за црна хроника. Медиумите често придонесуваат во виктимизацијата на жените прикажувајќи ги како беспомошни жртви, наместо да ги осудат сторителите на насислтвото. Тие обично се фокусураат на најшокантните случаи, како што се невообичаените убиства, притоа занемарувајќи да го потенцираат и адресираат секојдневното насилство и обичните судски случаи каде жените бараат заштита. Ова не само што ја намалува свесноста за големината на проблемот, туку и поттикнува дополнително маскирање на насилството со тоа што овозможуваат платформа на која се шири говор на омраза, јавно линчување и омаловажување на жените кои се или биле жртви на овој вид насилство. Наместо да ги нагласат структурните проблеми кои се однесуваат на ова насислство, поттикнати од родовата нееднаквост и патријахални норми, медиумите често се фокусираат на индивидуални аспекти на случаите, прикажувајќи ги жените како ранливи и беспомошни. Од клучно значење е медиумите да преземат одговорност за сметка на известувањето, со цел да придонесат кон промена на општествената свест и борбата против насилството врз жените.
Актуелна е борбата за усогласување на ставовите за правилно именување на фемицидот – убиство засновано на род и/или родово изразување помеѓу активистите и телата за човекови права од една страна, и пошироката јавност чии ставови се најчесто формирани преку медиумите, од друга страна. Начинот на кој овој феномен се адресира во медиумите е крајно поразителен, со продукција на неинформирани, несензитивни текстови кои се чини единствено имаат за цел инстант реакција кај читателите, чии коментари следствено се застрашувачки. Токму тука може да се препознае пасивната улога на медиумите во предизвикувањето на статус квото, која само придонесува кон потврда и оснажнување на и онака патријархалното општество кое има тенденција да ги линчува жртвите на родово-засновано насилство.
Еден од многуте случаи на фемицид забележани во нашата земја е убиството кое што се случи во Кочани, во септември 2023 година. Жена која претходно го пријавувала сторителот на убиството за вознемирување во неколку наврати, , била свирепо убиена со 40 убоди од нож, како резултат на непостапување по нејзините пријави – што истовремено зборува и за потфрлањето на системот на заштита. Реакцијата на јавноста, која претежно беше врамена во осуда кон жртвата, несомнено е дефинирана од сензационалистичките медиумски објави кои повторно беспоштедно ја преиспитуваа „вината“ на самата жртва. Наместо сочувство и барање правда за жртвата, и строга осуда кон сторителот, ваквите текстови го постигнаа сосема спротивното. Поразително е мноштвото на медиумски објави кои овој чин не го препознаа како фемицид, ниту јасно информираа и посочија на непостапувањето, а со тоа и соучесништвото на институционалниот систем на заштита.
Доста чест проблем во известувањето за овој вид на насилство е губењето на идентитетот на жртвата, односно пропустот да се споменат и други аспекти од нејзиниот живот преку кои таа би се хуманизирала. Искуствата на жртвите имаат потенцијал да добијат политичка, активистичка и феминистичка димензија, и служат како доказ за нефункционирање и со тоа за соучество на институциите во родово-заснованото насилство кое државата дозволува да помине неказнето.[2]Одземањето на правото на достоинство на жртвата предизвикува вакум, кој целосно ја исклучува и негира траумата низ која жртвата поминала за време на насилството. Последиците од негирањето на траумата се често длабоки и долготрајни, предизвикувајќи долготраен стрес и анксиозност, како и можност од појава на депресија.
Во контекст на сексуалното вознемирување е и непрофесионалното медиумско известување за сексуалното вознемирување, меѓу другото. „Јавна соба“, е група која за првпат јавно се откри во јануари 2020 година, група која се користеше како платформа за споделување на сексуален и ескплицитно порнографски материјал од жени и девојки, како и споделување на нивни лични податоци, без претходна дадена нивна согласност. Од досегашните сознанија се претпоставува дека во групата членувале околу 7 илјади членови, од кои најголем број се мажи, кои не само што пасивно го гледале тој материјал, туку и придонесувале кон дополнително ширење и дополнување на инфромации за жртвите.. Покрај јаснотијата дека станува збор за практика која претставува кривично дело, јавноста реагираше со осуда на постапките на жртвите, а не на креаторите на групата, односно сторителите. Од бројните коментари оставени на социјалните мрежи, јавното линчување и приватните пораки упатени кон девојките, ни беше јасно дека начинот на кој се известува пред јавноста може да придонесува кон одобрување и толерирање на насилството. „Јавна соба“ е последица на долгата историја на насилство и проблем кој општеството го охрабрува и дозволува, создавајќи платформи за негово продолжување, низ т.н. одмаздничко порно или фото и видео записи за уцена. Овие крајно морничави групи и платформи каде насилството е толерирано и просто кажано поттикнато, ни даваат јасна слика дека стигмата околу женската сексуалност е сѐ уште присутна во нашето општество. Медиумските наративи дополнително придонесуваат кон стигматизација и зголемување на последиците по жртвите на сајбер-насилството. Така на пример, медиумите честопати не внимаваа на заштитата на приватноста на жртвите и ги респоделуваа преписките од групите, нивните замаглени фотографии од нив и пораките каде беа читливи нивните имиња. Сето тоа овозможи идентификација на одредени жртви од страна на јавноста, која јавно ги линчуваше, осудуваше и закануваше.
Одговорното известување, од друга страна, значи приоретизирање на искуствата и перспективите на жртвите, почитувајќи ги нивните достоинство и приватност. Тоа значи дека медиумските работници на прво место ќе ја стават обврската да не ги ретрауматизираат жртвите во процесот на известување. Прибирањето и пренесувањето на податоците за сексуалното и родово-заснованото насилство има свои предизвици поради сензитивната природа на случаите. За овие настани потребно е да се пишува на чувствителен и етички начин, да се биде внимателен со изборот на изворите од каде потекнуваат податоците и да се провери вистинитоста на информациите. При известувањето мора да се внимава да се спречи предизвикување на дополнителна штета по животите на инволвираните, но и нивните блиските. Треба да се има предвид и општествената штета која известувањето може да ја предизвика. Одговорното известување кое се потпира на цврсти факти помага да се прикаже прашањето со сериозноста што ја заслужува, осигурувајќи дека жртвите се третираат со достоинство и почит.
Уште еден превентивен чекор кој што може да го преземат медиумите е споделување на корисни информации за читателите, кои може да ги советуваат, едуцираат и упатат сите жртви во сенка или потенцијални жртви кон соодветните контакти и места за помош при родово-засновано насилство. Наведувањето на овие информации, како телефонски броеви за помош, кои би им биле од корист на потенцијалните жртви, ги прави медиумските стории дополнително корисни, бидејќи дава светло на фактот дека насилството не е изолиран проблем, туку општествено вкоренет, кој честопати не се препознава и третира како таков.
Конечно, начинот на кој медиумите го прикажуваат родово-заснованото насилство влијае врз перспективата на јавноста кон овој општествен проблем. Наместо да ја зајакнат свеста и да инспирираат промени, многу од медиумите дополнително придонесуваат за викитимизација и стигма на жртвите од насилство, зајакнувајќи ги веќе постоечките стереотипи.Отсуството на етичкото и одговорното известување и акцентирање на графичките детали, наместо на системски произлезените проблеми, ги зајакнуваат негативните ставови и ја минимизираат тежината на насилството со кое се соочуваат жените.
За ефективна промена, потребно е медиумите да ги практикуваат стандардите за одговорно и етичко известување, користејќи сензитивен јазик, давајќи приоритет на достоинството и приватноста на жртвите додека правилно ја прикажуваат сериозноста на овој феномен. Ова вклучува избегнување на сензационалистички јазик, обезбедување на нијансирано покривање што ги нагласува системските корени на насилството и нагласување на наративи насочени кон преживеаните на тоа насилство. Со тоа, медиумите можат да станат силна алатка за општествени промени, предизикувајќи ги конвенциите што овозможуваат и толерираат насилство, а истовремено поддржувајќи ги напорите за неговото искоренување.
И за на крај, и медиумите, но и читателите мора да ја признаат својата улога или во одржувањето на насилното однесување или неговото намалување Преку одговорното известување вестите, медиумите можат да помогнат во создавањето на култура во која повеќе нема да се толерира и цензурира родово-заснованото насилство и активно ке се стреми да го елеминира истото.
Автор: Катерина Милошевска