03 Sep Пркосот на Ромките пред општествените притисоци
Текстот оригинално е објавен на trn.mk
Од: Ивана Смилевска
„Сакам да кажам дека трудот, учењето и самодовербата секогаш носат успех“, вели докторката Џемиле Берат, специјалистка по невропсихијатрија.
Таа годинава ја издаде автобиографијата „Мојот сон“ – дело со кое таа остава пишан траг за нејзиниот живот „кој оди по тешки сиромашни патеки, но води до среќниот крај – прва докторка Ромка, прва специјалистка по невропсихијатрија“, промовирана во Крива Паланка, нејзиниот роден град, и во Скопје, во КСП Центар Јадро.
Џемиле Берат вели дека со своето дело, сакала да стане поттик за младите, интелигентни, но сиромашни деца, и да докаже дека со учење, труд и верба во себе – мора и може да се успее.
„Но за човек да успее во животот, освен големата желба и поддршката на семејството и околината, потребна е и поддршка од државните органи и институциите, како стипендии, обуки и усовршување“, посочува таа.
Но, системското образование неретко затајува, па образовна поддршка младите луѓе добиваат преку неформалното образование. Така, го имаме примерот од Делчево, каде живее и работи Ермина Реџепова, претседателка на „Тернипе МК“.
Интергација преку неформално образование
Преку неформално образование за млади и возрасни, Реџепова се фокусира кон унапредување на образованието и подобрување на социо-економската состојба кај Ром(к)ите и младите од сите етникуми во регионот, а работи и на зачувување и актуелизација на локалното, мултикултурно, нематеријално културно наследство.
Паралелно со „Тернипе МК“, таа е активна и преку истоимениот Ромски културен и едукативен центар, РКЕЦ „Тернипе“, каде 95 члена работат на презентирање и пренесување на ромската култура преку песни, танци и обичаи во земјава и регионот преку концерти, фестивали, прослави на празници и работилници.
Преку уметничката практика, младите и возрасните се охрабруваат да создаваат во различни уметнички дисциплини – дизајн, фотографија, креативно пишување, филм, танц, фолклор и драма…
И за Џемилијана Абдулова, авторка на „A Small Roma Memory Book“ | „Мал Ромски мемоар“, важноста на негување и збогатување на Ромската култура е исклучиво важно.
Абдулова дејствува преку Ромскиот културен и медиа центар „Barikanipe“, преку кој досега се објавени 25 книги.
Годинава преку центарот биле издадени три нови книги, меѓу кои и превод на англиски на книгата „Гласот на минатото“ од Мирдита Салиу, студија за Геноцидот од втората светска војна.
„Од печат ќе излезат и две поетски збирки на ромски и македонски јазик. Работиме на збогатување на ризницата на ромската литература и на ромскиот литературен јазик. Секогаш работам на збогатување на мојот идентитет, на мојот Романипе. Тешко е, но не и невозможно, бидејќи знам дека мојот труд ќе вреди, секој труд вреди“, вели таа.
Романипе – уникатноста на Ромскиот дух
Мемоарот на Абдулова е полн со референци од (не)материјалното ромско културно наследство, а вели дека се одлучила усното да го преточи книга за да остави белег и да ја збогати културата. Според неа, токму драмската уметност, преку театарот „Pralipe“ | „Братство“ се темелите и основите на ромската култура во земјава.
Книгата на Абдулова беше промовирана во јули, 2023, преку перформансот за кој таа вели дека е патоказ на ромскиот идентитет во неколку минути.
„Со години се изразувам преку театарот, театарот е темелот на ромската култура, заедно со фолклорот, заедно со музиката. Едно без друго не оди. Моите перформанси се моите емоции претворени во некоја приказна со факти од ромската историја и мелодии од ромската музика. Секогаш раскажувам на литературен ромски јазик, бидејки треба да се негува и почесто да се употребува. Секогаш си ги започнувам перформансите со убавата музика на Есма Реџепова Теодосиева, и поезија од книгата на Севдија Демирова Абдулова. Пораснав со мајка новинар, која што со години ги следеше сите можни настани за културата. Таа е мојата инспирација. Нејзината инспирација биле генерациите пред неа. Затоа и сметам дека како млада, редот е мој да го продолжам трнливиот пат на моите предци за да можат наредните генерации да ме наследат и мене“, вели Абдулова.
Абдулова преку својот мемоар, ја раскажува приказната за ромската култура преку нејзините искуства, од детството – до сега. А нејзините искуства, како што вели таа, се шаренолики, ведри, традиционални и современи, со еден збор – Романипе.
Според Абдулова, Романипе го има во секој Ром, она што ги прави Ромите уникатни на нивни начин.
„Ние можеме да излеземе од Романпе, но Романипе од нас не. Тоа е нашата убавина, нашите белези. Секогаш тоа ме мотивира да истражувам повеќе, и да се направи и нешто ново, на старото да се додадат нови модерни елементи без да се заборави потеклото. Затоа и во книгата повеќе имав компарација на старо со ново. Старите генерации во споредба со новите“, раскажува таа.
Реџепова посочува дека ромскиот фолклор, танц, уметност – цртање, музика, пишување се надалеку познати по својата мелоритмична убавина и богатство, а на тоа поле работи во Ромскиот културен и едукативен центар.
„Во моментов, за жал, има само неколку друштва од ваков карактер. Другите се згаснати. Во регионот каде дејствуваме, сме единствен Ромски центар каде се негува културата и уметноста. Нашите членови преку ракотворби, игри и творештво, фантазија и спонтаност, низ ведрина и другарување, учат за традицијата и културата на Ромите од овој крај и сакаат и бараат работилници за едукација на оваа тема“, нагласува таа.
Менторството како активистичка одговорност
Според Реџепова, Ромската популација сѐ уште не е доволно вклучена во образовниот процес, а причините за тоа ги наоѓа во отсуството на комплетна имплементација на законските регулативи, нискиот животен стандард, неинформираностa на родителите и лошите навики наследени со години.
Но, посочува таа, ова ја мотивирало да дејствува во полето на образованието и културата во нејзината заедница.
„Од година во година, вклученоста на Ромските ученици забележува видно подобрување, па во 2024 процентот на деца кои отсуствуваат од настава е намален од 40 на 20 отсто“, вели таа, истакнувајќи ја соработката со локалните педагози“, истакнува Реџепова.
Таа посочува дека од спроведениот проект „Роми дипломирајте и имајте подобар живот“ – веќе има видни и позитивни резултати.
„Од регионот Делчево, Пехчево, Берово, Виница и Кочани од вкупно пријавени 250 млади Роми на возраст од 19 до 45 години, своето средно образование го дооформија 230 млади Роми, а основното образовани го оформија 300 млади Роми на возраст од 19 до 45 години“
Засега, „Тернипе МК“ е активна во Делчево со село Тработивиште, Пехчево со село Црник, но и во Берово, Кочани и Виница, а соработува со локални педагози и го практикува принципот на врсничка едукација.
Матеј Вучевски во Делчево сега и самиот ги пренесува своите знаења за ромските игри и песни на младите, откако преку Тернипе бил обучен од самостојниот уметник и кореограф за македонски и ромски фолклор, Зенил Реџепов.
Такви се случаите и на Севда Хернандес, образовна медијаторка во основните училишта во Делчево и Ален Зекиров, ментор по ромски и турски јазик во селото Травориште, како дел од програмата за врсничка едукација.
„Младите Роми и Ромки сметаат дека неформалното образование може да им овозможи да се стекнат со знаења и вештини коишто не можат да ги добијат преку формалното образование“, смета претседателката на „Тернипе МК“.
„Секогаш треба да вложам тројно“ – дискриминацијата демне
Абдулова смета дека треба да има повеќе млади кои да би ја збогатиле ромската поп-култура, за да може да се промени негативната слика за самите Роми. Таа додава и дека стереотипите за Ромите сѐ уште постојат, и верува дека ќе постојат уште многу долго.
„Како млада Ромка, секогаш треба да вложам тројно за да постигнам нешто повеќе. Вложуваме многу дури и премногу да ги намалиме, ги имаме намалено. Но сѐ уште постојат во подзаткриена форма. Прифатени сме, но тие мали скриени стереотипи понекогаш ти го спречуваат патот, но откажување нема, само со упорност и со голема мотивација може да се постигне сѐ, да се срушат сите негативни мислења и стереотипи“, посочува уметницата.
И Џемиле Берат се надоврзува дека дискриминацијата, за жал, сѐ уште постои, преку стереотипното гледање и третирање на Ромската популација. Тоа се гледа од градинка, во тек на целото образование и во тек на вработувањето и во државните институции и во приватните установи.
„Мојот апел до сите родители, посебно на Ромите, е да го променат својот код, своето традиционално размислување и да бидат поддршка на своите деца во процесот на образованието. Да ги мотивираат, адекватно да ги третираат според вложениот труд кога се успешни. Да сфатат дека само образованието води напред и нагоре, само образованието може да ги избрише табуата за Ромите и само образованието ќе донесе добробит и за нив и за целата држава и општество“, се надоврзува таа.
Според Реџепова, Ромите се свесни за оваа ситуација и се борат за добивање на своите права и слобода.
„Ромите веќе навистина многу придонесуваат во македонското општество и време е државата да нè прифати како професионалци и да не вклучува во процесите на носење закони, креирање политика за добробитта на општеството како едно во целина. Вреднувањето на знаењето, моќта, желбата, подобрувањето и освестување на една заедница за менување на негативните наративи кои ги има кон неа е веќе на високо ниво и ние се бориме за нивна промена со вложување во нашето ообразование, продуцурање на различни профили на кадри и растење на деца со вредности и отворени погледи кон светот и луѓето“, додаваа таа.
Според Берат, во минатото, кога таа била студентка, условите биле посиромашни, полоши, поограничени, па додава дека денешните генерации имаат во секој случај подобри можности и бенефити.
„Јас знам што значи да се нема, затоа колку можам им помагам на моите Роми, но и на секој кој што му треба помош. Јас ги донирав средствата од промоцијата на мојата книга „Мојот сон“ на три одлични, но сиромашни од три националности основци, но исто така помагам и преку и стипендии на студенти, медицински книги, совети и размислувања за понатамошно образование“, вели таа.
Според Берат, има многу богати Роми кои се во можност да помогнат во образованието на младите, па ги повикува да формираат некоја Асоцијација, Фондација, за да може заедно да финансираат студии и усовршување на способни, интелигентни, млади луѓе.
И додека Берат, Реџепова и Абдулова продолжуваат да дејствуваат во(н) својата култура, активно работејќи на подобрување на образованието кај младите, промовирање на културата и искоренување на стереотипите, Абдулова нагласува дека постојат многу проблеми, културата е заборавена, но „тука сме ние да ги потсетиме луѓето дека културата не е изумрена“.
„Ако умре културата на еден народ изумира и народот. Преку песна, поезија перформанс, книга, ние самите оживуваме, а со нас и нашиот идентитет“, заклучува уметницата.
Автор: Ивана Смилевска