18 Sep Официјален повик за Школата за род, сексуалност и политика
Коалицијата МАРГИНИ Скопје и Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје објавуваат повик за учество на Школа за род, сексуалност и политика. Земајќи ги како основа теориите за род и сексуалност од квир и феминистичките студии, Школата за род, сексуалност и политика има за цел да придонесе кон подлабоко разбирање на современите родови теории и правци, како и нивните различни аспекти (филозофски, теолошки, социјален, правен и медицински) кои неретко се допираат и преклопуваат. Фокусот на Школата нема да биде навраќање на прашањето за „вистината“ на родот, односно на докажување која теорија на род е повистинита, но ќе се фокусира на инклузивноста на родовите теории.
Низ десет предавања на теми од областа на феминизмот, родовите студии, квир теоријата, културата, образованието и правото, како и една воведна и една заклучна работилница оваа Школа ќе ги опреми учесниците со знаења и перспективи кои ќе им служат како алатки за борба против предрасудите и дезинформациите поврзани со родовата еднаквост и сексуалноста, со кои потоа ќе можат да ја препознаат системската родова и сексуална нееднаквост, да реагираат на неа и да можат да развиваат нови начини на борба кон истата.
Времетраење: октомври-декември + една заклучна работилница во јануари
Динамика на предавања: едно предавање неделно
Локација: Институт за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје, УКИМ
Време на одржување: во попладневните часови
Учеството на Школата е бесплатно, а учесниците на истата ќе добијат Сертификат за учество.
Предавачи на Школата:
- Ирена Цветковиќ – Историја на феминизам и феминистички бранови
- Антоанела Петковска – Социологија и род
- Жарко Трајановски – Антиродови мобилизации и медиуми
- Елизабета Шелева – Култура и род
- Сузана Милевска – Визуелна култура, уметност и род
- Наташа Бошкова – Национално и меѓународно право и родот
- Николина Кениг – Род и насилство
- Јелисавета Благојевиќ и Славчо Димитров – Квир теорија
- Боби Бадаревски – Родовите политики во високото образование
Ги замолуваме заинтересираните учесници да се пријават со испраќање на е-маил на koalicijaszpmz@gmail.com, во кој ќе достават своја кратка или детална биографија, и писмо на интерес* најдоцна до 01.10.2024.
*Ги охрабруваме кандидатите во писмото на интерес да ги наведат специфичните прашања, проблеми и аспекти поврзани со темите на предавањата кои се од нивен интерес, а кои би биле земени предвид за време на одвивањето на Школата.