Кога смеата боли: Темната страна на хуморот и целта на исмевањето во антиродовата реторика

Кога смеата боли: Темната страна на хуморот и целта на исмевањето во антиродовата реторика

Обајавено на libertas.mk
Пишува: Каи Гладкова

Во овие времиња се чини дека човек не може да се пошегува без некој да се навреди, или, барем така мислат мнозинството поддржувачи на радикалната-десница, комичарите чии шеги наишле на критика и неколку бумери од моето опкружување. Според нив, виновникот за ова не е никој друг туку борците за општествена правда, кои со својата политичка коректност го загрозуваат постоењето на комедијата. Во одбрана, пак, на добрата шега, ги имаме мизогините, расистичките групи и најголемите љубители на хуморот – антиродовите активисти, чии социјални мрежи покрај дезинформациите и постовите со содржини кои дигаат галама и креваат паника, изобилуваат и со „цепки“. Во овој текст, како што му доликува на еден феминистички смор, решив да го предизвикам она малку што остана од добариот стар виц и да го оцрнам единствениот зрак светлина кој остана во овој мрачен свет – хуморот.

Против хуморот!

Покрај насловите од порталите како Смеата е најдобриот лек, Смислата за хумор е најпосакуваната особина кај партнерот и притисокот постојано да бидеме позитивни, ведри и насмеани, хуморот постојано нѐ потсетува на својата темна страна, појавувајќи се како главен придружник на омразата. На пример, ако се потсетиме во минатото пред да се сфатат сериозните последици од булингот, кај нас, тој се нарекуваше „детска шега“. Денес, онлајн насилството може да биде во форма на „тролање“, а фејсбук реакцијата „ха-ха“ често се користи како виртуелен израз на пасивна агресија при несогласувања и кавги.

Хуморот ден-денес е омилен во Кју-клукс-клан групите, а и нацистите го обожавале, нивните политички собири во Дијалектика на просветлувањето, Адорно и Хоркхаимер ги нарекуваат ништо повеќе од организирана смеа.

Па, за да покажам како нешто толку ведро како шегата може да биде во сродство со омразата, насилството и геноцидот во овој текст ќе посочам неколку важни аспекти на хуморот и ќе покажам како антиродовите групи го употребуваат за да ги постигнат своите цели.

И несмешниот хумор е хумор

Пред да паднеме во замката да размислуваме за хуморот како за доблест по себе, и да претпоставиме дека хуморот на страната со која не симпатизираме воопшто не е хумор, треба да разбереме дека тој е само уште една комуникациска форма чија структура е доволно флексибилна да смести во себе различни светогледи, вклучително и неприфатливи гледишта на кои не би се насмеале.

Всушност за една шега да биде успешна, потребно е помеѓу раскажувачот и слушателите да постои „премолчена спогодба или заедничко подразбирање затоа што претставува шега за нас (…)“(Critchley, 2002). Од оваа причина, хуморот ги исцртува границите на различните културни и општествените групи, или како што вели Анри Бергсон во своето дело Le Rire (1990) – „начинот преку кој знаеме дека живееме заеднички живот е тоа што се смееме на истите работи.“

Кога во едно општеството на истите шегите една група прснува во смев, а друга не само што не се смее туку се револтира, можеме да заклучиме дека тoa коешто недостасува не е смислата за хумор, туку заеднички живот и тоа до степен на неможност за соживот.

Сериозноста на шегата

Следното кое треба да го разбереме за да ја сфатиме сериозноста на хуморот, шегата никогаш не е „само шега“, туку моќна алатка кој може да го обликува начинот на кој размислуваме и се однесуваме, што моќта ја црпи токму од привидната несериозност.

Причината поради која се оградуваме од проблематичните искази со – „само се шегувам“, е што на шегата ѝ е дозволено недозволеното.

Фројд во “Шеги и нивната врска со несвесното (1905/1906)”, тврди дека кога се смееме на шегите се залажуваме за причината поради која се смееме. Според него, форматот на шегата дозволува да пречекориме преку одредено табу поврзано со сексот и агресијата. Па кога е во прашање омаловажувачкиот хумор „црпиме задоволство од изразувањето на агресија против метата на исмевањето, но комичната структура ни дозволува да се извадиме дека се смееме на итроста на шегата“ (Zillman; 1983). Токму оваа комична структура групите на омраза историски ја користат како тројански коњ за ширење и нормализирање на своите екстремистички идеологии.

Смеата во групи е заразна, а шегите кои предизвикале смеа се раскажуваат и прераскажуваат, и така заживувајќи во нашето секојдневие стануваат дел од шегите на мнозинството или „објективното смешно“, а идеологиите кои ги пренесуваат – дел од „здравиот разум“ на едно општество. Додека сфатиме што било скриено под маската на забава, екстремистичките групи преку шега веќе ја нормализирале својата идеологија.

Кога се во прашање омаловажувачките шеги на сметка на маргинализираните групи, не секој кој ќе се насмее на нив чувствува омраза, но не чувствува ниту емпатија. Дали ваквите шеги ќе бидат прифатливи за нас или не, зборува за нашата позиција во однос на една поширока општествена ангажираност, од која зависи дали проблемите со кои се соочуваат овие луѓе ќе ги третираме како сериозно прашање или како шега.

Хуморот како дисциплинска мерка

Третиот аспект на хуморот кој е важен да се земе предвид, за да ја разбереме важната улога која ја игра во обликувањето на општествената реалност, се однесува на неговиот потенцијал да служи за да ги предизвика, но и да ги засили постоечките општествените норми и структури на моќ.

Односите на моќ се клучни во однос на тоа дали омаловажувачкиот хумор ќе предизвика нетрпение или ќе помине како безопасна шега. Омаловажувачките шеги помеѓу еднакави вообичаено не предизвикуваат нетрпение. Проблемот настанува кога доволно голема група на немоќни ќе почне да ги исмева оние коишто имаат моќ, или кога оние коишто се во позиција на моќ ги исмеваат немоќните. Во однос на ова, хуморот може да биде бунтовен или дисциплинирачки (BIllig; 2005).

Додека бунтовниот се смета за оружјето на немоќните против моќните и игра улога во покренувањето револуции, дисциплинскиот хумор кој доаѓа од моќните кон слабите, служи за да им покаже на слабите каде е нивното место и да се погрижи да останат таму.

Во двата случаи оние коишто се мета на исмевање на симболичен начин се карактеризираат како „другите“ – неморални луѓе со кои не сакаме да нѐ поврзуваат и на овој начин се воспоставуваат границите на моралот во едно општество, односно што е дозволено, а што не.

ЛГБТИ+ луѓето како наследство од патријархалните хетеронормативни општества, сѐ уште со помош на дисциплински хумор се угнетуваат, а шегите на антиродовите само опортунистички се прикачија на веќе постоечката општествена реалност.

Целта на исмевањето во антиродовата реторика

Често пати имам дилема како да го дефинирам она против кое, или за кое се борат антиродовите групи. Причината пoзади ова е што антиродовите никаде јасно не ги наведуваат своите цели, ниту пак својот непријател. Тие за да го означат непријателот го користат терминот „родова идеологја“ кој нема јасна дефиниција и со него опишуваат различни нешта.

„Родова идеологија“ се однесува на ЛГБТИК+ луѓето со акцент на трансродовите, ЛГБТИK+ активисти, ССО, невладини организации, феминисти, но и некогаш и антифеминисти, тајни елити, глобалисти, емигранти, соросоиди, евреи и нацисти, понекогаш таа е наметнување на Западните вредности, а понекогаш закана за Западните вредности и уште што сѐ не. Кој е „родовиот идеолог“ по потреба може да се промени, па тука може по случаен или неслучаен избор да западне секој и сѐ.

Покрај неконзистентноста на наративите, нивната идеологија се рашири до тој степен што генералната популација очигледно има постигнато консензус на овие прашање, па нивните шеги не само што успеваат да ги распламтат луѓето на социјалните мрежи, туку станаа дел и до комичните содржини во мејнстрим медиумите.

Целите на антиродовите се наоѓаат меѓу редовите на нивните контрадикторни наративи, апсурдни искази и шеги, а причината поради која не ги комуницираат директно е проблематичноста на нивните верувања кои искажани јавно и во денешен контекст сепак би биле осудени.

Антиродовите, патријархалнатa хиерархија ја третираат како природен закон кој е универзален и толку очигледен што дури и мајмуните знаат кој е што и каде припаѓа. (Слика 2) Покрај тоа што природата е крајно комплексна, разнолика и постојано се менува, тие ја претствуваат како еквилибриум кој се одржува преку строги и фиксни категории, кои ако малку се поместат ќе се случи катастрофа, па прекршувањето на овие „закони“ заслужува најстрога казна. Оттука, отстранувањето на секој којшто ги прекршува нив е морална должност.

Тоа што им оди во прилог е што родовите норми се веќе нормализирани и натурализирани, па не им е тешко да го придобијат мнозинството кое веќе има постигнато консензус што е за исмевање, а што не. Така маскирајќи ја идеологијата во шеговит формат кој наликува на „старите добри шеги“, односно она кое веќе се смета за објективно смешно, тие полека го менуваат тоа што се подразбира за здрав разум на нашето општество.

Дисциплинирачкиот хумор кој ги одржуваше ЛГБТИК+ луѓето во позиција на „Другите“ – оние со кои нѐ сакаме да не поврзауваат, веќе ги бутка во позиција на појави кои го контаминираат општеството со самото свое постоење, закана против која треба да се мобилизираме.

Во сѐ повеќе случаи омразата се изразува јавно без задршка, скоро и да нема потреба да се спакува во шега па додека сѐ уште институциите се прашуваат како да го третираат говорот на омраза, тој е на чекор да стане дел од нормалното секојдневие.

Во оваа општествена клима, кога доволно е да покажете слика од ЛГБТИК+ човек за да предизвикате говор на омраза, повеќе не постојат неутрални шегувачи, секој кој јавно се шегува на сметка на овие луѓе веќе има заземено цврста позиција, дека за ЛГБТИК+ луѓето нема место во општеството.

Важно е да сфатиме дека сето ова не е само обично задоволување на жедта за крв на една мала група насилници. Кога оние кои ги нарекуваме обичните луѓе, меѓу кои наши роднини и пријатели со кои некогаш имавме заеднички живот, доброволно се приклучуваат на сето ова, повеќе од јасно е дека отстранувањето на ЛГБТИК+ луѓето не е крајната цел, туку само дел од методата преку која антиродовите ги исцртуваат границите на новиот општествен морал.

Шегата е на наша сметка

Според антиродовите, родот не постои, постои само полот. Па оттука „не постојат“ ниту цисродови и трансродови луѓе, туку само нормални и ненормлани. Сепак родот е дел од општествената реалност и влијае врз начинот на којшто секој од нас го живее својот живот.

Кога родот останува неименуван тој има поголема моќ, кога ќе го именуваме можеме да ги забележиме неговиот ефект врз секој аспект од нашите животи. Разбирајќи ги начините преку кои тој може да не ослободи или опресира можеме свесно да ги прифаќаме, или предизвикуваме и менуваме нашите позиции во општествениот живот и да ја преземеме контролата врз нашите тела и животи во свои раце.

Токму оваа слобода е тоа од коешто се плашат антиродовите, и тоа до тој степен што би рекла дека нивното движење го предизвика кoндензираниот страв од слободата. Оттаму произлегува и нивното небулозно – дека ако секој може да избере да биде што сака, тогаш луѓето ќе се идентификуваат и како пеперутки. Овие фантазии за катастрофални исходи од слободата доаѓаaт од стравот од неизвесноста која доаѓа со неа. Таа е составен дел од нашите животи, луѓето не се создадени да живеат вo калапи, впрочем колку и да се трудиме да се затвориме херметички во зададените дефиниции, нашите тела и животи секогаш наоѓаат пукнатини. Секој од нас свесен или не, секојдневно пречекорува барем една родова норма, бидејќи сите сме многу повеќе од родот кој ни е доделен, и од оној со кој се идентификуваме. Кога границите на моралот ќе се поместат на начин што секоја мисла на темите поврзани со родот ќе се третира како прекршок кој заслужува казна – правилата ќе важат за сите.

Најголемата подлост на хуморот е иронијата, кога се смееме на другиот всушност се смееме на самите себе.

Епа, ајде да го откажеме хуморот?!

Како што видовме, хуморот не подразбира само забава и смеа, напротив денес неговата темна страна учествува во создавањето уште потемна иднина. Па, што би можеле да направиме? Да го забраниме хуморот? Се разбира дека не!

Црно-белото размислување и обидот да се забрани природен аспект од животот на луѓето, само поради тоа што не се поклопува со нашата идеја за идеален свет, ќе им го оставиме на антиродовите.

Хуморот со својата светла, сива и темна страна е неизбежен и важен дел од нашите животи, па и покрај тоа што на почетокот на овој текст се ставив во улогата на политички коректната феминистка од десничарските наративи, која сака да го откаже хуморот, тој никогаш не беше мета, ниту пак неговото „забранување“ – цел.

Не мислам дека треба и дека е возможно да престанеме да го користиме хуморот како политичко оружје – тое е во неговата природа. Но, тоа што можеме и треба да го направиме е да ја сфатиме неговата сериозноста и постојано да преиспитуваме кој на што се смее и зошто.

Да дозволиме шегите да бидат предизвикувани и критикувани, да ја слушнеме позицијата на оној кој ја критикува, особено ако тој е нивната мета. Најважно од сѐ е да си дозволиме да ги промениме нашите ставови и по цена шегата на која слатко сме се смееле да престане да ни биде смешна. Со тоа хуморот нема да изумре. Кога една шега ќе застари на нејзино место секогаш доаѓа нова.

Литература

Billig, Michael. Laughter and Ridicule: Towards a Social Critique of Humour. 2005.

Billig, Michael. Humour and Hatred: The Racist Jokes of the Ku Klux Klan. 2001.

Zillmann, Dolf. “Disparagement Humor” In Handbook of Humor Research, edited by Paul E. McGee and Jeffrey H. Goldstein, vol. 1. New York: Springer, 1983.

Critchley, Simon. On Humour (Thinking in Action). 2002.