ХПВ инфекцијата не треба да биде смртна пресуда: Колку системот ги препознава здравствените проблеми на жените?

ХПВ инфекцијата не треба да биде смртна пресуда: Колку системот ги препознава здравствените проблеми на жените?

Објавено на kajgana.com
Пишува: Александра Спасеска

Како што се приближувам до мојата 40-та година, често размислувам за едно патешествие што почна многу порано отколку што требаше (ако воопшто требаше!). Тоа е патешествие обележано од одминувањето на времето и невидливата тежина на дијагнозата што обликуваше голем дел од мојот живот: хуман папилома вирус (ХПВ).

За разлика од вообичаениот наратив околу ХПВ, мојата приказна се оддалечува од очекуваниот пат. Заразувајќи се со ХПВ на млада возраст, се најдов меѓу малиот процент на луѓе кои не го „закачиле“ вирусот преку сексуален однос. Не бев едуцирана за неговото постоење и ризици, и од оваа временска дистанца сфаќам дека во раните 2000-ти во мал град во Македонија, каде првата посета на гинеколог често следи по првиот сексуален однос, а неретко и при првата бременост или поради неможоста за забременување, речиси и немало едукација на овие теми. Овој факт, сепак, понуди малку оддишка од стигмата што често ја придружува таквата дијагноза. Во очите на многумина, ХПВ беше синоним за промискуитет, етикета што ја носев и покрај поинаквата природа на моето заразување. Навигацијата низ здравствениот систем со овој товар беше предизвик сам по себе. Премногу често наидував на осудување и дискриминација од медицински професионалци кои се држеа до стереотипите поврзани со сексуално преносливите болести.

За девојките и жените како мене, мечот со две острици на стигмата и стравот се наѕираше, фрлајќи сенка дури и на најрутинските прегледи и тестови.

Сепак, среде темнината, надежта ја пронајдов во цврста посветеност, будноста и грижата за себе. Редовните прегледи и ПАП тестовите ми станаа спас. Тие ми понудија чувство на контрола наспроти неизвесноста. Сепак, и покрај мојот труд и себегрижа, можностите за третман на ХПВ останаа главно непроменети, а третманот и перцепцијата на жените останаа исти. Стоејќи на работ на новава деценија, одлучно ја споделувам мојата приказна на постојана борба и издржливост, водена од страв и од надеж. Кревајќи го нашиот глас и расветлувајќи ја реалноста на ХПВ, можеме да работиме кон иднина без стигма, и инклузивна здравствена грижа и заштита што на секој поединец му дава достоинство и почит кои ги заслужува. Животот со ХПВ е патешествие обележано со подеми и падови, триумфи и неуспеси, но пред сè, со непоколеблива верба дека преку споделување на нашите приказни, заедно можеме да создадеме свет во кој никој сам не се соочува со оваа битка.

Од првото одење на гинеколог и првиот ПАП тест, знаев дека патот до обезбедувањето на моето женско здравје ќе биде трнлив. Резултатите од првиот ПАП тест што го направив во јавна установа за здравствена заштита за студенти доцнеа дури шест месеци. Оттука следеа години поминати во прегледи и тестирања кај различни гинеколози од државната и приватната пракса, кај кои барав одговори за ХПВ, неговото пренесување, можните последици, следењето и контролирањето на состојбата. Низ ова искуство се соочив со незаинтересираност и бев посрамувана. Две докторки во јавното здравство ја гледаа мојата дијагноза единствено поврзано со мојата способност за репродукција, советувајќи ме „да немам гајле“ бидејќи тие „породувале и со ЦИН 1 и 2“ и дека „тоа не било ништо страшно“. Моето здравје и постоење беше сведено на мојата потенцијална улога на мајка, додека потребата за здрав (сексуален) живот беше игнорирана. Ниедна од овие лекарки не ми понуди совет, ХПВ типизација, или пак терапија.

На мои 22 години, отидов кај трета извикана докторка до која едвај успеав да дојдам. Сепак и таму се соочив со вознемирувачко искуство. „Се ебете со кого ќе стигнете, а после доаѓате мене да ми плачете“ – изјави таа кога споделив дека сум се заразила преку несексуален контакт, додека непријатно останав да лежам на боксот, со ладен спекулум во мене.

Не сакав ни да помислам каков е односот кон девојките и жените кои добиле ХПВ преку (несоодветно) заштитен секс, најчесто неинформирани за постоењето на овој вирус и болестите кои ги носи. Сексуалната едукација и предупредувања до кои доаѓавме во нашите рани 20-ти најчесто се сведуваа на совети за заштита од несакана бременост, но не и сексуално преносливи болести, со исклучок на нашироко распространуваното заплашување од СИДА и ХИВ вирусот. Како да не беше сексуалноста на жените доволно стигматизирана и посрамувана!

Низ годините имаше моменти кога сериозно стравував за моето здравје, најмногу поради незаинтересираноста на докторите за проблематиката, а особено по еден случај на „преголема заинтересираност“. Имено, во студентските денови посетив приватен гинеколог, кој во тоа време нудеше гинеколошки прегледи на „студентски попуст“ и кој ми кажа дека имам „тешка дисплазија“ што мора „итно да се оперира, пред да стане опасна и да ризикувам да добијам рак на грлото на матката“. Како решение ми понуди зафат со ласерски третман кој чинеше 10.000 денари, на кој јас тогаш за среќа не се одлучив бидејќи и како студентка тие пари ги немав. За да биде ситуацијата уште побизарна, подоцна од други пријателки кои живееја во истиот студентски дом, дознав дека не сум била единствената на која ѝ била откриена „дисплазија која мора итно да се оперира“. Станувало збор за „доктор“ кој сакал да направи брза и нечесна заработка, кој тогаш помина непријавено и неказнето, бидејќи и јас и моите пријателки, а веројатно и многу други, во шок и истрауматизирани, сме останале да лутаме по одговори за нашата здравствена состојба.

По ова искуство, решив да побарам второ мислење и во придружба на мајка ми отидов на преглед кај искусен, препорачан гинеколог кој ме смири дека не само што нема знаци на дисплазија, туку и инфекцијата со ХПВ во моментот е латентна и без знаци на активност.

Следеа години на редовни прегледи и тестирања, држење на ситуацијата „под контрола“ како што го нарекуваа многуте гинеколози што ги посетував, од државни ординации во кои вратата ширум се отвораше среде преглед и преку мене се пренесуваа салати за ручекот на докторот, до беспрекорно чистите ходници на приватни установи каде ја добивав истата незаинтересираност, но со фино обраќање и дебела сметка. Во целиот тој процес не престанував да истражувам сама, ги сменив моите животни навики, ги слушав препораките за здрава исхрана и одговорно сексуално однесување, дознав за постоењето на ХПВ типизација и успеав да ги направам тестовите покриени од моето здравствено осигурување. Во моите доцни 30-ти пробав и терапија со „изопринозин“ која мене и мојот партнер нè чинеше десетици илјади денари и не вроди со никакви резултати. Разговарав со пријателки и познанички, седев по онлајн форуми, и искуствата и советите пак се сведуваа на тоа дали ќе може да се раѓаат деца. Ретко кога се зборуваше за живеење без страв од (честопати) смртната пресуда наречена канцер.

ПАП тестот како почетна точка до која не сите стигнуваат

Од јануари 2024 бесплатниот ПАП тест е достапен еднаш на 3 години, освен ако немало наод на преходно направениот до тој датум, одлучи Министерството за здравство. Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката предвидува еден бесплатен ПАП тест за секоја жена на возраст од 21 до 59 години, еднаш на секои три години. Меѓутоа ова е програма за организиран скрининг, каде што жените или се покануваат од страна на матичните гинеколози или самоиниицијативно се пријавуваат за скрининг преку интеренет платфромата www.skrining.mk. Oва е предвидено повеќе од 10 години преку оваа програма, единствено што во последните години возраста се намали од 24 на 21 година. Доколку жените сакаат или имаат потреба да прават ПАП тест, партиципацијата за анализа на ПАП тест изнесува 60 денари, додека прегледот кај матичен гинеколог согласно на подзаконските акти е бесплатен за жените. Доколку жените се соочат со одредени проблеми по однос на правење на ПАП тест кај своите матични гинеколози, или им се наплаќа сума повисока од износот за партиципација од 60 денари, овие злоупотреби можат да ги пријават во Фондот за здравствено осигурување или во Комисиите за заштита на правата на пациентите (доколку има во нивната општина).

Но, за многу жени токму првиот чекор кон превенцијата е најтешкиот и неретко недостапен. Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ кое повеќе од 10 години работи на мониторинг и застапување за унапредување на Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, вели дека еден од клучните проблеми е недоволното финансирање на оваа програма, за која се наменети само околу 10 милиони денари годишно.

„Дополнително на тоа недостигот на матични гинеколози и нивната нееднаква географска дистрибуција претставува сериозен проблем за опфат на жените со скринингот, особено на жените од руралните и помалите градски средини“, вели Павловски и додава дека недостигаат и активности за промоција и едукација, преку кои жените ќе се запознаат со нивните права од оваа програма, како и со значењето и важноста од правењето на редовен ПАП тест.

Дополнителен проблем, нагласува Павловски е што Министерството за здравство сè уште не ја воведе ХПВ типизацијата во скринингот, која треба да го замени ПАП тестот, како понова и многу попрецизна метода за навремено откривање на ракот на грлото на матката. Тој вели дека со тоа ќе се унапреди раното откривање на ракот на грлото на матката.

„Сите овие проблеми резултираат со фактот дека само околу 15% од жените во Македонија се опфатени со скринингот за рак на грлото на матката, иако во самата Програма е наведено дека скринингот се смета за успешен доколку најмалку 75% од жените се опфатени со истиот“, ги споделува Павловски очајните статистики.

Во секојдневната битка за заштита на женското здравје и животи, светла точка се вонинституционалните иницијативи и програми, како Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА, каде се нудат најразлични медицински услуги како: ПАП тестирања и дијагностика на сексуално преносливи инфекции (гонореја, сифилис, хламидија, кандида, трихомонијаза); администрирање на терапија и контрацепција (кондоми, спирала, орална и итна контрацепција); советување за планирање родителство и превенција на непланирана бременост, бимануелен преглед и ЕХО преглед, како и достапни тестови за бременост; советување за модерна контрацепција (кондоми, спирала, орална и итна контрацепција); дистрибуција на бесплатни кондоми, лубриканти и едукативни материјали и слично. Нудењето на бесплатни и доверливи услуги од областа на сексуалното и репродуктивното здравје преку Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА започнува во 2013 година. Во изминатите 10 години преку услугите на Мобилната гинеколошка амбуланта биле опфатени над 7.500 девојки и жени ширум државата.

Бесплатните и доверливи услуги од областа на сексуалното и репродуктивното здравје, кои се нудат преку Мобилна гинеколошка амбуланта, се однесуваат на жените од тешко достапните популации (сексуални работнички и лица кои инјектираат дроги), жени од затвор, барателки на азил, мигрантки, Ромки и жени од руралните средини кои имаат ограничен пристап, или пак, немаат воопшто пристап до гинеколошки услуги. Нема ограничување на користењето на услугите на Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА. Тоа значи дека, една жена, може да ги користи ваквите бесплатни и доверливи услуги кои се нудат во согласност со потребите на корисничките во текот на една календарска година. Оттаму информираат дека малолетните лица можат да ги користат услугите кои се нудат преку Мобилната гинеколошка амбуланта како и секоја друга услуга која ја нудат, со дозвола на родител/-ка или старател/-ка.

„Сите услуги на ХЕРА, вклучително и Мобилната гинеколошка амбуланта се бесплатни и и доверливи и за нивно користење не е потребно здравствено осигурување, се наменети за групи кои од некоја причина не се во можност да ги користат услугите во здравствените институции. Тоа се кориснички кои живеат во средини каде нема гинеколози или е ограничен пристапот до  гинеколошките услуги, живеат на маргините на општеството и немаат здравствено осигурување“, велат од ХЕРА и додаваат дека потреба од зголемување на опфат од ваков тип на услуги има изминатите години особено што услугите се доверливи, бесплатни и целосно одговорат на потребите на најранливите групи.

„Не бележиме зголемен пораст на барање за ПАП тестирања. Немаме податоци за пораст на барањето на оваа услуги.  Најчесто, тие директно се обраќаат до нас како граѓанска организација која нуди ваков тип на услуги или не контактираат преку локалните граѓански организации партнери и заедници.“

Во Мобилната гинеколошка амбуланта на ХЕРА е достапна услугата за ПАП тестирање, а ангажираните стручни лица – гинеколози нудат советување и за ХПВ. Доколку некој од корисничките на услугите има прашање во врска со вакцинацијата против ХПВ, стручните лица стојат на располагање да споделат информации и практики во врска со истото.

Недоволната едукација за вакцината против ХПВ ќе нè чини прерано изгубени животи во иднина

ХПВ вакцината е единствена вакцина која штити од преканцерозни инфекции и карцином. Деветвалентната вакцина штити од предканцерозни лезии и карциноми на женските генитални органи (грло на матка, вулва и вагина), предканцерозни лезии и карциноми на анусот и од брадавици на гениталиите кај мажи и жени.

Министерството за здравство обезбеди деветвалентна ХПВ вакцина, која за прв пат е достапна во нашата земја и со која покрај заштита на девојчиња, за прв пат ќе се овозможи и заштита од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и кај машки деца. Со ова осовременување на календарот за имунизација, рамо до рамо со европските земји обезбедуваме заштита кај девојчињата и момчињата, објаснува проф. д-р. Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација.

„Согласно нашиот Календар за имунизација, децата на возраст од 12 години треба да примат две дози од вакцината против ХПВ, а кај децата над 15-годишна возраст вакцинацијата се врши со давање на три дози вакцина. Доколку детето не е вакцинирано согласно календарот, се вакцинира со ХПВ вакцина до навршени 18 години живот или најдоцна во завршната година од средното образование“, вели Грозданова и додава дека во некои земји, ХПВ вакцинацијата се спроведува и од деветгодишна возраст. Таа потсетува дека раната заштита најдобро функционира.

„За ХПВ вакцината да биде најефикасна, вакцинацијата треба да започне пред можниот ризик од контактот со ХПВ вирусот.“

Согласно податоците од Меѓународните здравствени институции, на пример во САД со воведувањето на ХПВ вакцините во 2006 година, значително е намалувањето на ХПВ инфекциите и преканцерозните лезии на грлото на матката. Кај тинејџерките, инфекциите со оние типови на ХПВ вирусот, кои ги предизвикуваат повеќето ХПВ карциноми и генитални брадавици се намалени за 88 проценти, додека кај младите возрасни жени, се намалени за 81 процент. Кај вакцинираните жени, процентот на преканцерогени состојби на грлото на матката предизвикани од типовите на ХПВ вирусот кои најчесто се поврзуваат со рак на грлото на матката е намален за 40 проценти, информира национална координаторка за имунизација.

Според неофицијалните податоци од Министерството за здравство, во 2023 година вкупно 8.842 деца било предвидено да бидат вакцинирани против инфекции со ХПВ. Од нив, со прва доза се вакцинирале 5.179 (58,6%), а со втора 4.508 или 56,6%. Стопроцентна опфатеност со првата доза има во Берово, Делчево, Пехчево, Кратово и Валандово, каде и опфатот за втората доза е речиси 100%, категорија во која се вбројуваат и Демир Хисар и Македонски Брод. Најслаб е одзивот за вакцинација против ХПВ во Охрид (24,3% за првата доза и 4,3% за втората). Во главниот град Скопје, од 2.924 деца кои според Календарот за имунизација требало да бидат вакцинирани во 2023 година, прва доза примиле 26,2%, а втора само 19,6%.

Некои родители со поздрав ја дочекаа веста дека конечно и кај нас е достапна вакцината против ХПВ.

„Поради тоа што не постои специфичен ‘лек’ за елиминирање на ХПВ инфекцијата, најбезбедна и успешна заштита е неодамна развиената вакцина, која соодветно се бори против спречување на вирусот. Според она што успевам да се информирам, ефикасноста на вакцината е најголема кога ќе се примени пред започнување со сексуални односи. Поради тоа што нема сериозни несакани ефекти и воедно е безбеден и сигурен начин во борбата со ХПВ инфекцијата, планирам и мојата ќерка да ја добие кога ќе биде на соодветна возраст“, вели Јасмина (40) од Прилеп.

Според податоците со кои располага ЕСЕ, во 2021 година опфатот со ХПВ вакцинација изнесувал само 35,5%. При тоа неопходно е да се нагласи дека во периодот од 2015 до 2019 година се бележи пораст на опфатот и во 2019 година изнесува 57,8%. Меѓутоа потоа опфатот со ХПВ вакцинацијата бележи драстичен пад.

Сепак, информираноста на јавноста за имунизацијата е слаб и има повеќе препреки за поголем опфат. Зошто родителите не сакаат да ги вакцинираат нивните деца против ХПВ? Едно можно објаснување е судирот помеѓу перцепцијата и реалноста, луѓето едноставно не разбираат колку сериозна може да биде инфекцијата со ХПВ. Друга честа погрешна перцепција е дека вакцината против ХПВ е неефикасна и дека имунитетот е краткотраен. Но, вистината е дека вакцината против ХПВ е практично 100 проценти ефикасна во спречувањето на преканцерозните лезии предизвикани од типовите на ХПВ содржани во вакцината, што најверојатно би ги спречило повеќето карциноми на грлото на матката. Во однос на тоа колку долго ќе трае имунитетот, вакцината против ХПВ се прави на ист начин како и вакцината против хепатитис Б, на која имунитетот трае најмалку 30 години. Имунитетот што го обезбедува ХПВ вакцината веројатно нема да се разликува. Понатаму, изнесени се некои крајно неодговорни тврдења дека вакцината е небезбедна. Вакцината за ХПВ сега е проучувана кај повеќе од милион жени за да се утврди дали предизвикува сериозни несакани ефекти.

Конечно, некои стравуваат дека вакцината против ХПВ може да го зголеми сексуалниот промискуитет. Студијата на 1.243 млади жени и девојки на возраст меѓу 15 и 24 години ја ублажи оваа загриженост. Оние кои примиле ХПВ вакцина немале поголема веројатност да се вклучат во ризично сексуално однесување. Ниту, пак, имаше смисла дека ќе го направат тоа. Вакцината за ХПВ не спречува други сексуално преносливи болести, како што се кламидија, гонореја, херпес и сифилис. Навистина, вакцината за ХПВ дури и не ги спречува сите типови на ХПВ, само поголемиот дел од оние со најголема веројатност да предизвикаат рак. Овој аргумент би бил аналоген на тврдењето дека луѓето кои примиле вакцина против тетанус може без страв од последици да трчаат низ ‘рѓосани клинци.

Останува фактот дека премногу деца не примаат вакцина што може да спречи позната причина за рак. Потребни се околу 20 години за ХПВ инфекцијата да премине во рак. Со оглед на сегашните стапки на имунизација, расте ризикот децата чии родители одлучиле да не им ја дадат вакцината против ХПВ да умираат од рак што може да се спречи кога ќе бидат возрасни. Тоа е несовесно.

Катерина (33) од Велес, мајка на две деца, вели дека повеќе стравува од можните последици од вакцината отколку од веројатноста нејзините деца да се заразат со ХПВ во иднина.

„Немам многу информации во врска со ХПВ, не сум разговарала за тоа со моите блиски пријателки. Претпоставувам дека е сексуално пренослива болест, а јас секогаш сум користела заштита. Не сум доволно убедена во некаква вакцина, а она што го читам на форумите и во групите на Фејсбук ми е доволно засега да размислувам така. Моите деца уште се мали, па ќе видам кога ќе дојде време за тоа, ќе размислиме повторно со сопругот“, вели таа.

Проф. д-р Грозданова уверува дека деветвалентната ХПВ вакцина, која ја набави Министерството за здравство, е од светски реномиран производител, ги исполнува највисоките критериумите за квалитет, безбедност и ефикасност. ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита. Таа се осврна и на најчесто поставуваните прашања во врска со ХПВ вакцината, од каде и произлегуваат најголемите митови и дезинформации.

„Дали вакцината може да предизвика карцином? Не! Вакцината за ХПВ е направена од тип на вирусен протеин кој не може да предизвика ХПВ инфекција или карцином ниту да доведе до развој на болест“, одговара национална координаторка за имунизација. Дезинформацијата што најчесто ги плаши родителите и ги одвраќа од носење одлука да ги вакцинираат своите деца е дека „вакцината може да предизвика проблеми со плодноста“.

„ХПВ вакцината не предизвикува проблеми со плодноста, но карциномот на грлото на матката и третманот на истиот може да резултира со стерилитет или неплодност. Исто така, можно е лекувањето на преканцерозните промени на грлото на матката да доведат до предвремено породување или други проблеми во текот на бременоста“, уверува Грозданова и потсетува дека деветвалентните ХПВ вакцини се достапни од месец мај, во сите вакцинални пунктови во државата.

„Апелираме, заштитете го Вашето дете, вакцинирајте го навреме, многу порано пред да има контакт со ХПВ вирусот.“

Покрај овие дезинформации кои ги обесхрабруваат родителите да го преземат овој важен чекор за заштита на здравјето на нивните деца, тука е и проблемот со недоволното информирање на јавноста, особено од релевантни извори и секако, институциите.

„Според мое мислење и нашите сознанија надлежните институции не планираат и не спроведуваат доволно активности за здравствена едукација на населението, особено на родителите за значењето и важноста од ХПВ вакцинација, особено за девојките. Согласно на тоа, наша препорака е да се планираат и спроведуваат кампањи и здравствени едукации преку кои населението ќе се запознае со значењето и важноста на ХПВ вакцинацијата. Вклучително медиумски кампањи, меѓутоа и здравствени едукации директно со родителите“, вели Павловски од ЕСЕ и додава дека државата треба да ги препознае најчестите дезинформации кои се поврзани со ХПВ вакцинацијата и преку релевантни и кредибилни извори да се спротистави на овие дезинформации, со цел пошироката јавност да има можност да слушне точни и проверени информации од кредибилни извори.

Тони (44) од Скопје, вели дека ќе го вакцинираат синот веднаш штом ја достигне возраста за вакцинација против ХПВ.

„Мајка ми боледуваше од рак на грлото на матката. На потешкиот начин научив за ХПВ и сите последици што произлегуваат од овој подмолен вирус. Грижата за здравјето на син ми и на неговите партнерки во иднина сметам дека ми е должност како родител и како човек. Не можам да замислам да не користам таква придобивка на модерната медицина, кога ни е достапна“, вели тој.

Во јавноста кружеа многу дезинформации во врска со безбедноста на вакцината. Медицинските докази јасно покажуваат дека доколку се постигне опфат од 90% со вакцината против ХПВ, и опфат на 70% од жените со скрининг за рак на грло на матка, можат да се спречат најголемиот дел од смртни случаи од рак на грлото на матката. А во Македонија за жал секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката. Павловски се осврна на важноста да се охрабрат родителите да ги имунизираат своите деца.

„Вакцината против ХПВ е многу важна за здравјето и добросостојбата на жените. Родителите треба да знаат дека оваа вакцина не само што штити од инфекција со ХПВ, туку ја спречува појавата на ракот на грлото на матката. Родителите треба да знаат дека токму ХПВ вирусот е главен причинтел за ракот на грлото на матката, па согласно на тоа, со тоа што ќе ги вакцинираат своите ќерки со ХПВ вакцината, всушност ги заштитуваат од појава на рак на грлото на матката подоцна во нивниот живот.“

За важноста и момчињата да бидат опфатени во процесот на имунизација против ХПВ, Павловски вели дека иако момчињата и мажите не се под голем ризик од развој на сериозни последици од ХПВ инфекцијата, сепак го пренесуваат ХПВ вирусот кај жените и девојките.

„Доколку и момчињата се вакцинираат против ХПВ, ќе се спречи ширењето на ХПВ помеѓу населението, а со тоа ќе ги заштитиме жените од развивање на ракот на грлото на матката. Воедно, иако ретко, ХПВ вирусот и кај мажите може да предизвика сериозни и малигни заболувања на репродуктивните органи“, нагласува тој.

Водена од моето лично искуство, но и поразителните статистики, станува очигледно дека системот за препознавање на здравствените проблеми на жените сè уште потфрла. Од недостаток на образование и разбирање околу ХПВ до често дискриминаторски и осудувачки третман во здравствените установи, навигацијата низ ова патешествие е далеку од лесно, особено за девојките и жените кои имат ограничен или непостоечки пристап до превенција и здравствена нега. Сепак, среде предизвиците, постои трошка надеж – посветеност на будност, грижа за себе и застапување.

Редовните ПАП тестови се првиот чекор во овие услови на неизвесност. Сепак, ограничувањата на тековните опции за третман и распространетата стигма околу ХПВ ја нагласуваат итна потреба за промена. Иницијативите како што е програмата за скрининг на рак на грлото на матката ветуваат, но тие се забавени од недоволното финансирање, несоодветната едукација и нееднавиот пристап до ресурсите за здравствена заштита. Дезинформациите и заблудите продолжуваат да го попречуваат прифаќањето на вакцината против ХПВ, нагласувајќи ја критичната потреба од сеопфатни кампањи за едукација и подигање на свеста.

Како што одиме напред, императив е да им дадеме приоритет на здравјето и благосостојбата на жените. Ова подразбира не само подобрување на пристапот до програмите за скрининг и вакцинација, туку и негување култура на разбирање, емпатија и поддршка во здравствените системи. Со решавање на системските бариери, борба против стигмата и зајакнување на поединците со знаење и ресурси, можеме да се стремиме кон иднина каде инфекцијата со ХПВ повеќе нема да биде потенцијална смртна казна и каде секој поединец ќе ја добие грижата и почитта што ја заслужува. Споделувајќи ги нашите приказни, застапувајќи се за промени и работејќи заедно, можеме да создадеме свет во кој никој сам нема да се соочува со битката против ХПВ.