Нема напредок во остварувањето на правата на ЛГБТИК, велат од Агенцијата за фундаментални права на ЕУ

Нема напредок во остварувањето на правата на ЛГБТИК, велат од Агенцијата за фундаментални права на ЕУ

22 мај 2024 

Новото истражување на Агенцијата за фундаментални права на Европската унија открива дека и покрај малите поместувања, целокупната состојба во однос на правата на ЛГБТИК луѓето во земјата останува загрижувачка.

Минатата недела, Агенцијата за фундаментални права на Европската унија го објави својот трет последователен извештај од истражување за правата на ЛГБТИК, спроведен во земјите на ЕУ-27, Албанија, Северна Македонија и Србија, со учество од над 100 илјади испитаници.

Извештајот забележува благ пад на процентот на ЛГБТИК луѓе кои избегнуваат јавно прикажување на наклонетост (74% во 2023 година во споредба со 87% во 2020 година) и мало намалување на оние кои избегнуваат одредени локации поради страв од напад (43% во 2023 година во споредба со 50% во 2020 година). Сепак, овие промени не се доволно значајни за да укажат на вистински напредок. Само 21% од ЛГБТИК поединците во земјата се прилично или многу отворени за својот идентитет, што е значително пониско од просекот на ЕУ-27 од 51%.

И покрај усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година, истражувањето бележи висока стапка на дискриминација, при што 39% од испитаниците доживеале дискриминација во најмалку една област од животот. 

Загрижувачки пораст е забележан со случаитена вознемирување кај скоро две третини од испитаниците (63%) што е значително повеќе во однос на 2020 година (41%). Дополнително, една третина од испитаниците во земјава (32%) биле подложени на „конверзациона терапија“ со цел да им се промени сексуланта ориентација и/или родовиот идентитет.  

Неспроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и неусогласеноста на другите релевантни закони, доведуваат до постојана маргинализација и правна несигурност за ЛГБТИК луѓето. Само 14% од испитаниците веруваат дека Владата ефикасно се бори против предрасудите и нетолеранцијата, што е значително намалување од 34% во 2020 година.

Стагнацијата со остварување на правата за ЛГБТИК луѓето е забележана и на најновата Rainbow Europe Map and Index кои ИЛГА-Европа ги објавува на годишно ниво. Северна Македонија е на 31-то место со остварени само 30,5% од потребните реформи за унапредување на позицијата и пристапот до човековите права за ЛГБТИ луѓето.

Овие извештаи ја потврдуваат итната потреба од сеопфатен пристап кон заштитата на правата на ЛГБТИК од страна на државата. Ова вклучува хармонизација на законодавството со меѓународните стандарди, овозможување правно признавање на родот, како и спроведување на родово инклузивно и сексуално образование во училишната програма.

Извори:

European Union Agency for Fundamental Rights, LGBTIQ at a crossroads: progress and challenges

ILGA Europe, The 2024 Rainbow Europe Map