03 Apr ПОВИК за учество на онлајн работилница за ментално здравје на трансродови лица
Коалицијата МАРГИНИ Скопје и ТрансФормА објавуваат повик за психолози, психијатри, советувачи или психотерапевти за учество на работилница за стручна работа со трансродови и родово различни лица. Целта на работилницата е да го зголеми знаењето и сензитивноста на психолозите, советувачите, психотерапевтите и психијатрите при работа со и во нудењето на професионални услуги за трансродови и родови различни лица.
Еднодневната работилница ќе понуди информации поврзани со класификациите на МКБ и ДСМ, ќе даде преглед на меѓународните професионални стандарди за грижа за трансродовите и родово различните лица, и ќе ја претстави улогата на професионалците за ментално здравје кои работат со трансродови и родово различни лица. Дополнително, во рамки на работилницата учесниците ќе се запознаат со критериумите и процедурите за проценка и упатување за третмани за потврдување на родот, ќе ги дискутираат прашањата поврзани со културна и професионална компетентност, и ќе се стекнат со насоки за добри и инклузивни практики.
Работилницата ќе се одржи на 27.04.2024, од 11:00 до 15:00 часот, на ZOOM апликацијата, а ќе ја води Др. Теа Дакиќ, од Подгорица, Црна Гора.
Стручни соработници во подготовката на работилницата се Ана Блажева и Радмила Живановиќ, лиценцирани психолози во приватна пракса.
Учеството на работилницата е бесплатно, а учесниците на истата ќе добијат Сертификат за учество на стручна обука.
Работилницата предвидува учество на максимум 20 лица.
Заинтересираните учесници треба да се пријават со испраќање на е-маил на koalicijaszpmz@gmail.com, во кој ќе достават своја кратка или детална биографија, и писмо на интерес најдоцна до 17.04.2024.
*Ги охрабруваме кандидатите во писмото на интерес да ги наведат специфичните прашања, проблеми и аспекти поврзани со темата на работилницата кои се од нивен интерес, а кои би биле земени предвид во финалното дефинирање на содржината на работилницата.
После одржувањето на работилницата организаторите во соработка со Др. Теа Дакиќ ќе организираат и супервизорски групни средби во однос на работата со трансродови лица, за оние учесници кои ќе имаат дополнителна потреба од истите.
Теа Дакиќ е доктор, специјалист по психијатрија и магистер на науки по биоетика, со историја на повеќе од 10 години посветена работа во медицинската пракса и во областа на човековите права. Тесно соработувала со локални и регионални невладини организации. Има работено и како едукатор за други професионалци кои работат со ЛГБТИК лица и особено со трансродови лица. И преку нејзината клиничка работа и преку работата како активист, јавно и во професионалните кругови се залага за депатологизација на идентитетите на трансродовите лица и ги критикува регионалните професионални практики кои не се во согласност со највисоките етички и професионални стандарди за грижа за трансродовите лица. Таа е една од авторките на публикацијата „Медицински аспекти на потврдувањето на родот: Прирачник за медицински професионалци и здравствени работници за обезбедување услуги и поддршка на транс лица во процесот на транзиција“, потпишувајќи поглавје за „Транзицискиот процес за родово неконфорни и трансродови лица – Перспектива на психијатријата“, која беше прва од ваков вид во нашиот регион. Авторка е и на публикација за „Насоки за добри практики за професионалци кои обезбедуваат психосоцијална поддршка за трансродовите лица со искуство на насилство и вознемирување“. Има објавено многу трудови и наоди од истражувања од областа на психијатријата и биоетиката во професионални академски списанија, како и во владини и невладини публикации. Моментално работи како раководител на Одделот за делумна хоспитализација на Клиниката за психијатрија, Клинички центар на Црна Гора. Работи и како претседател на Комисијата за етички прашања и деонтологија при Лекарската комора на Црна Гора. Повеќе на: https://www.linkedin.com/in/tea-dakic-898a3714a/