08 Mar Волкер Турк порачува итно обезбедување еднаквост за ЛГБТК+ луѓето
Волкер Турк, Високиот комесар за човекови права на ОН, во неговото неодамнешно известување до Советот за човекови права на ОН (4 март), изрази загриженост за засилените напади против ЛГБТК+ луѓето на глобално ниво.
Високиот комесар искажа длабока загриженост поради очигледниот раст на теориите на заговор за „голема замена,“ кои лажно тврдат дека Муслиманите, мигрантите, црните и луѓето со различна боја на кожа се обидуваат да ги „заменат“ или потиснат културите и народите. Овие лажни и длабоко расистички идеи имаат директни импликации врз маргинализираните заедници, поттикнувајќи насилство. Разобличувањето на овие теории е од клучно значење при заштитата на правата и достоинството на ЛГБТК+ луѓето.
Во тандем со теориите на заговор се спроведува и таканаречената „војна против будноста,“ наратив што се користи за прикривање и оправдување на исклучувањето на одредени поединци и групи. Главна цел на овој наратив, е поткопувањето на еднаквоста и демократските вредности во еднo оштество, преку исклучување на расните малцинства, жените и ЛГБТК+.
Високиот комесар укажа и на загрижувачкиот тренд на воведување дискриминаторски закони и политики против ЛГБТИК+ заедниците. Но, и покрај овие предизвици, тој ги истакна значителните чекори што некои земји ги направија кон постигнување еднаквост за ЛГБТК+ луѓето. Според него, неодамнешната легализација на истополовите бракови во Грција е добар пример за напредок.
Итноста да се одговори на глобалните предизвици поврзани со еднаквоста на ЛГБТК+ заедницата не може да се повтори доволно пати. Изјавата на високиот комесар служи како важен потсетник и повик за акција на државите и сите засегнати актери, да се спротивстават на штетните идеологии, да ја почитуваат инклузивноста и да се залагаат за остварување на човековите права за сите. Додека светот е преплавен од наративи кои се исклучувачки и насилни, императив е да се препознае и слави различноста што во суштина го дефинира човештвото и да се поттикнува одржување на безбедни и поддржувачки средини во кои секој ќе може да живее без дискриминација и насилство.