14 Feb Коалиција Маргини информира за стагнацијата и регресот во правата на жените и ЛГБТИК
Женева, 14 Февруари 2024
Денес во Обединетите нации (ОН) се одржува претсесијата на четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед (УПП) за Северна Македонија, каде Коалиција Маргини ја искористи можноста да ги истакне најзначајните предизвици со кои се соочуваат ЛГБТИК луѓето во нашата земја. Нашиот тим уште еднаш потенцираше за влијанието на анти-родовите и анти-демократски наративи кои директно влијаат на стагнирање на напредокот и регрес во клучни области за жените и ЛГБТИК луѓето. Дополнително, беше потенцирана недоволната заложба на државата да ги исполни препораките за кои се обврзала.
Коалиција Маргини ги повика земјите-членки да упатат препораки до нашата земја во врска со:
а) Усвојување на административна процедура за правно признавање на родот на принципот само-определување;
б) Усвојување на закон за родова еднаквост според меѓународни стандарди;
в) Воведување на сеопфатна дефиниција за говор на омраза на основ на сексуална ориентација и родов идентитет во Кривичниот законик; и
г) Преземање на афирмативни мерки и обезбедување соодветни средства за имплементација на овие закони со цел подобрување на правата на ЛГБТИК+ луѓето.
Универзалниот периодичен преглед е уникатен механизам на Советот за човекови права кој повикува секоја земја-членка на ОН да подлежи на ревизија на напредокот за човекови права на секои 4,5 години. Овој механизам и дава можност на секоја држава редовно да известува за активностите што ги презема за подобрување на состојбите со човековите права и да добие препораки од останатите земји-членки кои се информирани од повеќе засегнати страни и извештаи пред сесијата. Сесијата за Северна Македнија е планирана за 2 мај годинава.