01 Jun Црвено светло за хомофобијата
Автор: Ана Мартиноска, универзитетска професорка
Меѓу настаните што ја обележаа изминатата седмица, жестока осуда предизвика изборот „Мис на универзумот“ во Канада, во кој една од натпреварувачките беше елиминирана од изборот поради фактот дека е транссексуалец (родена како маж што го променил полот), за подоцна, по бурните реакции на јавноста, повторно да биде вратена во натпреварот. Истовремено, во светот се случија уште неколку настани што ги ставија припадниците на ЛГБТ-заедницата во фокусот на јавниот интерес. Најпрвин дојде изјавата на американскиот претседател Барак Обама, кој јавно ги поддржа истополовите бракови, што беше пречекано со воодушевување од либералната јавност и покрај тоа што се крена голема прашина околу можната мотивација за ваков чекор и некаква калкулација со гласовите на поддржувачите во пресрет на неговиот можен реизбор на претседателската функција.
По него следуваа уште неколку слични изјави од нам поблиски лица и локации, на пример, од некои претставници на хрватската влада, кои направија крупен исчекор кон остварување на правата на маргинализираните групи и најавија дека ќе ја поддржат иницијативата за регистрација на заедниците меѓу лица од ист пол. Речиси во исто време беше одржана и првата геј-парада во Тирана, која иако не претерано масовна, туку само со неколку десетици учесници на велосипеди и на мопеди, помина релативно мирно, и покрај тоа што испровоцира и контрапротест на муслиманската заедница со пароли за заштита на семејството. Од друга страна, не сите обиди за слични прослави беа успешни, да речеме властите во Москва седми пат го забранија одржувањето на геј-парадата во рускиот главен град, додека во Грузија христијански активисти и православни свештеници го запреа обидот на геј-активистите во Тбилиси да организираат прошетка, напаѓајќи ги учесниците и кршејќи ги нивните транспаренти.
Сите овие и многубројните слични примери покажуваат дека распонот на емоции и реакции во однос на хомосексуалноста варира во крајности, па додека едни се обидуваат да ги надминат и личните и општествените предрасуди и да ја прифатат љубовта во сите облици, очигледно дека голем процент сѐ уште реагира со антипатија, осуда и аверзија. Прашањето останува отворено, или барем како исклучително чувствително, и за Истокот и за Западот.
Каква е состојбата кај нас? Се смета дека Македонија се наоѓа на дното на листата на земји на Балканот во однос на правата на ЛГБТ-заедницата и нивната законска заштита. Токму затоа, по повод Светскиот ден против хомофобијата и трансфобијата, минатата седмица некои невладини организации побараа поддршка од политичарите и јавна осуда за сите што ја дискриминираат оваа заедница. Покрај тоа, тие преку Хелсиншкиот комитет побараа од Уставниот суд укинување спорни одредби од Законот за семејство. Имено, хомосексуалците се дискриминирани затоа што, за разлика од брачните или вонбрачните хетеродвојки, не можат да си ги остварат правата што произлегуваат од врските со своите партнери. Затоа тие првенствено бараат да се промени дискриминаторската дефиниција на фразата „блиски лични односи“, и тоа не само за да докажат и покажат дека во заедница живеат и лица од ист пол/род, туку и првенствено за да се овозможи заштита од домашно насилство независно од полот/родот и сексуалната ориентација.
Она што е посебно загрижувачко за мене е дека за жал деновиве низ весниците видовме како одредени медиуми намерно манипулираат со иницијативата, водејќи нескриена хомофобична кампања. Тие ги обвинија хомосексуалците дека бараат закони што ќе им овозможат да склучуваат бракови, што впрочем би било и нивно легитимно право, но што е невистина во однос на конкретната иницијатива. Притоа, видлива беше и експлицитната хомофобија во изјави од типот „Граѓаните на Македонија, пак, велат дека на ваквите лица им е потребна стручна и медицинска помош, а не законска каква што бараат“, но и извесни закани за насилство со алузија на неуспешните геј-паради од соседството.
А реакции нема! Не ги добиваме од политичките партии бидејќи додека СДСМ сѐ уште го нема изградено ставот по ова прашање, ВМРО-ДПМНЕ не само што се залага против легализација на истополовите врски туку не сака ни да ја признае сексуалната дискриминација, ниту родовиот идентитет како основа за загрозување на човековите права. Од нивниот молк можеме само да претпоставиме дека ставовите се слични и во помалите партии и во оние од албанскиот блок. Јасно е дека не можеме да очекуваме поддршка ниту од верските заедници бидејќи нивните учења се главно антихомосексуални, а образованието, исто така, не нуди реална слика по прашањето на сексуалната ориентација и во голема мера и самото е доста хомофобно. Така, освен напорите на издвоени невладини организации, станува сѐ понеизвесно дека некој може да влијае на намалување на непријателството и предрасудите и да придонесе за подостоинствено однесување кон хомосексуалците и преостанатите припадници на ЛГБТ-заедницата. Кога конечно ќе сфатиме дека љубовта е љубов, а сите бои на виножитото се подеднакво прекрасни?!
Преземено од Нова Македонија: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=53112848518&id=13&prilog=0&setIzdanie=22593