25 Oct Отворено скриени опресии | Промоција на истражување
🗣️ Ни претставува особено задоволство да ве поканиме на промоцијата на новата публикација и истражување спроведено од Коалиција МАРГИНИ, со наслов „Отворено скриени опресии: ставови, вредности, и практики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“. Промоцијата на студијата ќе се одржи на 31 октомври, вторник, од 10:00 -11:30 часот, во Хотел АРКА, Скопје.
📄 Во оваа студија обработуваме теми поврзани со политичкото учество низ родова перспектива, како и ставовите кон хомосексуалноста на граѓанките и граѓаните на Република Северна Македонија. За тоа користиме податоци од Европското општествено истражување, голема компаративна анкета која за првпат беше спроведена во Република Северна Македонија во 2021 – 2022 година. Преку неа имавме пристап до широка база на податоци за ставовите на испитаниците за различни општествени прашања, општествени групи и вредности, како и перцепции и оценки за сопствената состојба, што овозможува да ја испитуваме нивната меѓузависност. Анализата на повеќе видови фактори и ситуациски услови во кои се наоѓаат граѓанките и граѓаните треба да даде насоки за тоа каде е коренот на овие раширени предрасуди меѓу населението.
📍 Студијата опфаќа четири анализи и истражувачки текста во авторство на проф. Д-р Анета Цекиќ, доц.д-р -р Јован Близнаковски, Д-р Ирена Цветковиќ, и Д-р Билјана Котевска. Авторите на студијата во своите анализи: 📍 1) детално ги истражуваат хомофобичните ставови на испитаниците, тестирајќи го истовремено и за првпат значењето на повеќе демографски, социо-економски и ситуациски фактори, како и фактори поврзани со човечките вредности; 📍 2) се фокусираат детално на значењето на човечките вредности за формирањето на хомофобичните ставови, и нивната поврзаност со актуелните антиродови и популистички движења; 📍 3) ги разгледуваат разликите во политичкото учество меѓу жените и мажите, низ анализа на повеќе форми на политичко учество, и нудат подлабока анализа на тоа што ја одредува увереноста на жените во нивната способност да учествуваат поактивно во политичките процеси; и 📍 4) го анализираат влијанието на животнaтa доба и одредени лични карактеристики врз политичката активност кај жените и мажите.
📄 Истражувањето е поддржано од фондацијата Хајнрик Бел Штифтунг.
✊ Вашето присуство ќе ни претставува посебна чест, и сметаме дека е од исклучително значење за разбирање и стратешко формулирање на заедничките борби и заложби за родовата еднаквост и еднаквоста во македонското општество.