06 Oct Европската комисија за расизам и нетолеранција побара властите јасно да ги регулираат условите и процедурите за правно признавање на родот во согласност со судската пракса на ЕСЧП
Соопштение на ТрансФормА
Европската комисија за расизам и нетолеранција (ЕКРИ) во извештајот од шестиот циклус на набљудување на Северна Македонија побара спроведување на пресудата ИКС против Македонија, односно донесување на измените во Законот за матична евиденција со кои се овозможува трансродовите луѓе да ја променат ознаката за пол и матичниот број во брза, достапна и транспарентна постапка. Во извештајот се наведува дека „Властите ја информираа ЕКРИ дека, во 2019 година, Министерството за правда формираше работна група за следење на пресудата на ЕСЧП. Во април 2021 година, владата предложи измени на Законот за матична евиденција со цел, меѓу другото, да се решат празнините што ги истакна ЕСЧП. Сепак, во март 2022 година, владата ги повлече амандманите од парламентот на понатамошно уредување. Во мај 2022 година, Министерството за правда ја задолжи истата работна група да подготви нов Закон за матична евиденција, повторно со цел да ја регулира постапката за правно признавање на родот во согласност со пресудата на ЕСЧП. ЕКРИ беше информирана од властите дека релевантните невладини организации се вклучени во овој процес. Според информациите добиени од надлежните, новиот закон треба да предвиди дека нема да бидат потребни лекарски уверенија за промена на полот во изводите во матичните книги, туку дека сите лица над 18 години кои не се во брак, би можеле да бараат правно признавање на родот- промена преку едноставна изјава која е заверена на нотар.“ Притоа, властите ја информирале ЕКРИ дека Новиот нацрт-закон за матична евиденција се планира да биде испратен до Собранието во средината на 2023 година.
Во однос на правата на интерполовите луѓе, „според информациите на ЕКРИ, болница во Скопје врши операции за „нормализација на полот“ на интерполови деца, со согласност на родителите, доколку се потврди дека тие се медицински неопходни. ЕКРН силно ги охрабрува властите да преземат акција, вклучително и на законодавно ниво, за да се осигураат дека само медицински неопходната операција се спроведува на интерполови деца.“
Додека пред ЕКРИ властите се обврзуваат дека ќе ја спроведат пресудата ИКС против Македонија и ќе овозможат правно признавање на родот, пред домашната јавност се оградуваат од ова прашање. По повлекувањето на законот од собраниска процедура на нетранспарентен начин и без никакви образложенија, се донесоа измени на овој закон кој не ја вклучија главата за правно призавање на родот. Наместо да ја спроведат пресудата, да ги почитуваат меѓународните обврски и да градат еднакво општество за сите, властите постапуваат согласно волјата на поповите кои сега ја диктираат агендата за човекови права и родова еднаквост.
Скопје, 6.10.2023
Лице за контакт:
Лила Милиќ
milikjlila1984@gmail.com