28 Jun Апел за безбедност на ЛГБТИ заедницата за време на протестот на МПЦ.
Драги припадници на ЛГБТИ заедницата и поддржувачи,
Загрижени од енорминиот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба. Како граѓанско општество остануваме посветени на градење на општествена кохезија и надминување на раздорот и застапување за помирување меѓу нашите граѓани.
Со големо жалење и за првпат бараме од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот, но нашата грижа за заедницата овојпат не’ приморува на тоа. Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани.
Ве советуваме на 29 јуни, како и денот потоа:
- Да избегнувате да се движите на просторот на којшто се одржува протестот’
- Да избегнувате да носите обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор;
- Да се движите низ осветлени и фрекветни улици и простори;
- Секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата;
- Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе;
- Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријатевет го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции;
- Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции;
- Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ!. Штом сте на безбедно веднаш пријавете.
Свесни сме дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа ви излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да ги пријавите во Хелсиншкиот комитет за човекови права на следните телефони:
Од 09:00 до 15:00 часот 02/3119073
Од 15:00 натаму 078/734217
Чувајте се и останете во добро здравје.