SKOPJE PRIDE 2023

SKOPJE PRIDE 2023

Под мотото „Гласни и горди“, во сабота на 24 јуни 2023 година ќе се одржи четвртиот Скопје Прајд. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици и ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Зошто да излезете на парадата?

Затоа што во време на криза, војна и сиромаштија, лесно се заборава на љубовта, а омразата уште полесно ги окупира мислите и срцата на луѓето. Затоа што само со љубов можеме да се спротивставиме на насилството на кое различните се подложени и тогаш кога за сите други владее мирот. Затоа што никој не смее да биде лишен од правото да љуби или, пак, да биде прогонуван поради тоа што нивната љубов не е признаена со норми и закони. Затоа што љубовта мора да победи. Ете, затоа се гледаме на Прајд!

Зошто Паради на гордоста?

Многу нешта, во многу земји, се променија од првиот Прајд одржан 1970 година во Њујорк. Но, напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати.

Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост.

ЗОШТО „ГЛАСНИ И ГОРДИ“?

Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминантна позиција на носителите на моќ, да се биде гласен и горд претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТ+ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој, со исправена глава, гласни и горди во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет.

НАЦИОНАЛНА МРЕЖА ПРОТИВ ХОМОФОБИЈА И ТРАНСФОБИЈА

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, основана 2014 г., е неформална мрежа на здруженија на граѓани и неформални групи кои здружено работат на унапредување на гарантирањето и уживањето на човековите права на ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија. Нашата визија е секое лице од ЛГБТИ заедницата во нашата земја да живее квалитетен и безбеден живот и целосно да ги ужива и остварува своите права. Во рамките на својата мисија, НМХТ работи кон создавање и одржување на безбедна, инклузивна и правична околина за ЛГБТИ заедницата преку здружена акција и координација, активно вклучување на членовите во заедницата, нивно зајакнување и застапување на правата.