25 May Skopje Pride Weekend 2023 | КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии
Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје ќе се одржи од 1 до 13 јуни на три локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“.
Викендот на гордоста е Фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Тематскиот фокус на фестивалот оваа година е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Изданието ги адресира мноштвото квир-теории и историографии што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето. Токму затоа изборот на програмата произлегува од посветеноста на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, кое како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства.
Фестивалот се отвора на 1 јуни во 20:30 часот во МСУ, со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот полски интердисциплинарен уметник Карол Раѓишевски. Раѓишевски е познат по неговата уметничка практика која вклучува уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинирањето на факти со фантазија, компонирањето на документи од парчиња сеќавање и прикажувањето на неочекувани алтернативни траги на сеќавањата. На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин „ДИК“ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал. Освен тоа, ќе биде прикажана монументалната серијата „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021).
Веќе следниот ден, на 2 јуни во МСУ ќе се одржи најновиот перформанс „Осуденик“ (GONER) на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика Малик Нашад Шарпе (UK) познат како Marikiscrycrycry. На 3 јуни во МКЦ на наше огромно задоволство кореографката и перформанс уметница со чилеанско и шведско потекло Ширли Харти Убила ќе го изведе делото „Абјектот на желбата“ (Abject of Desire), а на 4 јуни во МСУ познатата философка, теоретичарка и уметница Марина Гржиниќ (SL) ќе го одржи предавањето „ПАНКОТ и поранешната југословенска ЛГБТКИА+ заедница во Словенија и пошироко: Распетлувањето на сексот и политиката во расниот капитализам“.
Еден од најистакнатите млади уметници кај нас Јован Јосифовски на 8 јуни ќе има отворање на неговата самостојна изложба „Еластично насилство“, додека на 9 јуни во МСУ фантастичното трио STEAM ROOM во состав на Александар Георгиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас ќе го изведат танцовиот и кореографски концепт за вечноста, нивниот последен дел од кореографската трилогија dragON – dragON forever. Фестивалот се затвора на 13 јуни во МКЦ со омилените Румена Бужаровска и Ана Василева од ПичПрич кои ќе ја модерираат Вечерта на раскажување на квир приказни – СРАМОТА!, по што ќе следува диџеј сет на Ивана Драгшиќ.
Деталната програма можете да ја погледнете во каталогот на фестивалот и овогодишниот постер. Каталогот претставува посебно издание што вклучува зборник од култни теориски текстови на темата „Квир-хронополитики“, од кој ќе има достапни физички примероци на денот на отворањето на Фестивалот.
Куратор на Фестивалот Викенд на гордоста Скопје e Славчо Димитров.
Дизајнот на постерот е на Игор Делов.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музејот на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., и благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.