24 Jan Детранзиција и ретранзиција | Интервју со Тери Грифитс
Авторка на интервјуто: Мери Конвеј
Тери Грифитс е трансродов маж кој детранзитирал и повторно транзитирал години подоцна. Тој ја раскажува неговата приказна и дава размислувања за здравствената грижа, образование и поддршка кои им се потребни на трансродовите деца.
Тери го започнува интервјуто кажувајќи ни за почетоците на неговата социјална транзиција на негови 8 години. Направил каминг-аут на неговите пријатели на плажа давајќи им писмо каде што им кажал дека отсекогаш посакувал да биде момче. „Сега на тоа гледам како секогаш да сум бил [момче]”, објаснува тој. „ Но, да, го напишав тоа и им реков дека моето име е сега Стенли, и во иднината обраќајте ми се како на момче. На моите пријатели тоа им беше прифатливо.”
Нѐ интересираше да дознаеме како тој го одбрал тоа име, и во кој момент се одлучил за името Тери
„Во тој миг веќе имав променето неколку различни машки имиња“, рече тој. „Им кажав на родителите дека сакам да ме нарекуваат Џуд, според еден телевизиски водител. Подоцна се облекував како пожарникарот Сем и изјавив дека сакам да се викам Сем. Подоцна ја играв играта Моши Монстерс, каде имаше чудовиште наречено Стенли и сакав да се викам како него.“ Во текот на годините, Тери сменил различни имиња, но на неговиот единаесетти роденден легално си го променил името во она коешто го носи денес.
Значи неговите родители го поддржувале?
„Моите родители многу ме поддржува.“ Тој објаснува како неговата мајка дошла со него за да разговараат со координаторката за посебни едукативни потреби, иако „на координаторите не им е обврска да ми помагаат во навигацијата на сите овие работи“. „Таа беше многу отворена, поради што и можев да разговарам со нејзе.“
Но, не сите имаат разбирање.
„Моите наставници имаа различни видувања, а многумина од моите соученици не разбираа [низ што поминував]. Луѓето ме прашуваа дали сум лезбејка, дали сум момче или девојче, во период кога бев многу збунет.“
Тери раскажува и за неговиот прв обид за медицинска транцизија.
„Добив упат за во Тависток, која беше единствената клиника за родово потврдување во Обединетото Кралство тогаш. Се обидов да добијам хормонски блокатори бидејќи тоа ќе беше одлично за мене.“
Зошто Тери одлучил да не земе хормонски блокатори
„Си реков себеси – ќе се преправам дека ова не е повеќе актуелно за мене. Иако чекав две години за овој термин, ја натерав мајка ми да се јави во клиниката и да го откаже затоа што се предомислив.“
Како се чувствуваше после тоа? Која беше реакцијата на другите луѓе?
„Беше фрустрирачки за сите, особено за моите родители кои направија многу за да го добијам терминот. Сите се потрудија да ми се обраќаат со машки заменки, а јас морав да им кажам Не, би сакал/а да се вратам на женските заменки, што беше збунувачки за многумина. Беше збунувачки и затоа што се’ уште се претставував себеси на стереотипен „машки начин“, а името ми беше веќе легално променето. Се обидував да се претставувам на поженствен начин, но тоа направи да се почувствувам уште понеудобно, поради што повторно продолжив да се претставувам маскулинистички, кажувајќи дека сум буч-лезбејка.“
Кон крајот на десеттата година Тери започнува социјална транзиција по втор пат
„Сфатив дека веќе не можам да го кријам ова, не можам да се преправам дека не сум трансродов. Им кажав на родителите дека дефинитивно сум трансродов. На татко ми му беше полесно да го процесира ова отколку мајка ми. Тој веднаш почна да ми се обраќа со машки заменки, а на мајка ми ѝ требаше околу година дена. Неколкумина од моите наставници беа подобри од други. Имав наставник/чка по ликовно којшто секогаш ме адресираше погрешно и се нервираше кога го/ја поправав. Имаше и наставник по физичко кој ме обесхрабруваше и ме ставаше во женската група на часовите. Поради тоа татко ми мораше да напише писмо до училиштето, со образложение дека нема да присуствувам на часовите по физичка култура доколку сум приморан да бидам дел од женската група, се’ додека не ме преместат во групата на момчињата. Наставникот/чката на тоа одговори негативно, велејќи дека сепак физички сум девојче и затоа не смеам. Тој/таа ме примора да им соопштам на сите девојчиња дека отсега сам ќе се пресоблекувам во тоалетот. Тоа беше многу неугодно и кога наставата по физичко образование заврши се чувствував полесно. Но, тоа искуство ме направи посигурен во својот машки род и жал ми е што не се одлучив на тоа порано.
Што му помогна да сфати дека е навистина транс?
„Бев многу задоволен кога пронајдов разноразни ЛГБТИ веб-страници. Пред тоа се чувствував како да сум единствениот човек на светот кој чувствува вака. Но, сфатив дека има толку многу луѓе како мене. Тогаш се покајав што не отидов на терминот во Тависток. Фактот дека бев осамен направи да се чувствувам дека нешто измислувам.
Каква поддршка мисли дека би му била од помош што ја немаше во тој момент?
Дефинитивно чувствувам дека доколку во раните школски денови знаев за постоењето на други трансродови луѓе, веројатно ќе се појавев на терминот и ќе ги игнорирав луѓето коишто ми правеа булиинг. Да имав поголемо знаење за трансродовоста, немаше социјално да детранзитирам. Кога имавме сексуално образование, тоа требаше да содржи материјал за трансродовоста и општи информации за ЛГБТИ, а не да биде насочено целосно кон цис стрејт луѓе, како што беше, што очигледно не ми помогна и не беше нешто со што јас можев да се поистоветувам. Тоа направи да се чувствувам дека морам да се вклопам онаму каде сите останати ме гледаа.“
Дури и дел поддршката што беше наменета за млади трансродови луѓе не беше секогаш од помош колку што можеше да биде.
„Порано читав приказни за британската организација Mermaids од други транс деца. Онаа што ми остана во меморија е за малиот Кајл којшто имал огромни проблеми со булиингот низ текот на средното образование. Останатите деца му ги кубеле влакната на нозете во соблекувалните и слично. Но, тоа не ми помогна многу бидејќи тој зборуваше за неговото малтретирање и тоа направи да се кријам. Затоа, чувствувам дека позитивните приказни би биле од поголема помош.“
Кога сфати дека е транс, Тери започна со повторна медицинска транзиција.
„Отидов кај матичниот лекар за повторно да добијам упат и да ја започнам процедурата. Технички, кога стигнав до овој степен, веќе бев престар. Но, лекарите направија компромис и сепак ме примија, земајќи предвид дека еднаш веќе бев во Тависток. Сега сум на тестостерон скоро една година.“
Но, потребно беше подолго време…
„Отпрвин листата на чекање не изгледаше долга бидејќи рекоа дека ќе стасам на ред за осум месеци. Но, потоа тие станаа девет, четиринаесет, осумнаесет… а јас цело време ги потсетував и им досаѓав неколкупати неделно за да го добијам својот термин. Слушав за луѓе коишто чекале по пет години. Еднаш ќе стигнеш до степенот кога те проценуваат, треба да имаш поминато низ шест упати вкупно. Тогаш те прашуваат прашања за тебе, за твоето семејство и потоа поспецифично зборуваш за својот род. Процесот трае толку долго што некои луѓе што имаат над осумнаесет години ги префрлаат на родовата клиника за возрасни. Периодот на чекање на терминот за проценка за мене беше пократок, траеше само неколку месеци. Имаш онлајн состанок поради КОВИД-мерките и тогаш добив уште една дијагноза. Имав и физичка проценка во живо во клиниката. Конечно, оттаму ми напишаа рецепта за хормонски блокатори и тостестерон, кои мислам дека е невообичаено да се земаат истовремено. Сега правам крвна слика на секои три месеци и добив препорака за операција на горниот дел од телото, но се’ уште не знам кога ќе се случи.“
Листата за чекање за купување на хормони беше толку долга што Тери размислуваше да купи тестостерон онлајн и сам да го инјектира, но сепак се решил да го оди преку националниот здравствен систем.
„Не сум сигурен дали е тоа безбедно. Подобро да почекам малку подолго, но процесот да биде соодветно завршен. Многу работи можеа да тргнат наопаку ако го земав на своја рака. Потребен е соодветен мониторинг. На пример, дозата на тестостеронот кој го примав јас постепено ми ја накачуваа и во еден момент тоа ми направи ризик за згрутчување на крвта, поради што мораа повторно да ми на намалат. Затоа, дефинитивно сакав да бидам сигурен дека се’ ќe биде во ред и дека ќе сум безбеден. Мило ми е што издржав и не купив тестостерон од Интернет.“
Покрај медицинската транзиција, Тери направи уште еден чекор и го зема неговиот сертификат во кој има правно признаен род
„Сертификатот го добив летото, пред да започнам да одам на факултет. Искрено, тоа беше доста досаден процес. Ме чинеше 140 фунти што е прескапо, а јас не бев ниту сигурен дали го сакам. Тогаш Владата одлучи дека ќе ја намали цената на 5 фунти. За да го купам сертификатот, ми требаше потврда од родовата клиника, од матичниот лекар, и требаше да пополнам многу документи, да одам до адвокат и од него да добијам законска изјава. Морав да соберам докази од период од две години за користење на моето име, извод од раѓање и мојата пријава за легална промена на името.“
Покрај тоа што започна млад и што се’ уште нема поминато низ никаков хируршки зафат, транзицијата на Тери веќе стана долга процедура. Тој ги споделува со нас и неговите мисли за тоа што се би можело да ги подобри здравствените услуги во Обединетото Кралство и како да се намали бројот на луѓе кои детранзитираат.
„Дефинитивно треба да се отворат повеќе родови клиники и да се зголеми бројот на вработени кои ќе можат да дадат услуги на повеќе луѓе, што не е приоритет на сегашната Влада. На образовниот систем исто така треба да се унапреди. Родот и родовото изразување треба да бидат дел од наставата, за луѓето да имаат подобро разбирање за тоа што значи да си трансродова личност. Треба да има подобра психолошка поддршка и да им се помогне на луѓето да откријат дали сакаат да започнат со хорномска терапија или нивниот проблем лежи на друго место. Олеснувањето на процесот за добивање на хормонски блокатори многу би помогнал. Тоа би придонело кон зголемување на временскиот период кога трансродовите луѓе ќе се одлучат што е тоа што навистина го сакаат. Потоа тие би можеле да одлучат дали сакаат да примаат хормони или сакаат да продолжат со нивниот пубертет.
На крајот, Тери се осврнува на неговите искуства. Дали има некакви сомнежи или несигурности околу неговиот идентитет?
„Сега ми е дефинитивно јасно. Ми се чини дека моето двоумење ми помогна да сфатам во кои ситуации се чувствував удобно, а во кои не. Сега сум сигурен дека го правам вистинскиот чекор. Среќен сум што се менувам, што е мојот глас продлабочен и што никогаш повторно нема да биде ист како претходно, и тоа е во ред.“
Интервјуто е објавено на 30 март 2022 и е преземено од веб-страницата на PAXSIES.
Оригиналниот текст е достапен тука.
Фотографиите се на Andrius Banelis и Ina Gouveia, а се преземени од TheGreats.co