ВЛИЈАНИЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ЖИВОТОТ НА ЛГБТИ РОМИТЕ, МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ПОДОБРУВАЊА

ВЛИЈАНИЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ЖИВОТОТ НА ЛГБТИ РОМИТЕ, МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ПОДОБРУВАЊА

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, 14.10.2022

Коалиција Маргини во соработка со Интерпартиските групи за унапредување на правата на Ромите и на ЛГБТИ луѓето во Собранието на РС Македонија, на 14 Октомври со почеток од 12.00 часот организираа настан кој во фокусот ги стави Ромите припадници на ЛГБТИ заедницата.

Ова е прв настан од ваков вид со овие теми кој се организира во Парламентот и беше организиран со цел да креира платформа за дијалог помеѓу лицата од Ромската ЛГБТИ заедница, да ги отвори прашањата за проблемите со кои се соочуваат овие луѓе особено во помалите средини и секако да даде простор за самите лица од заедницата се борат за своите права пред политичарите. Овој настан е активност од грантот „СО ПОГОЛЕМА РАЗНОЛИКОСТ ДО ПОСИЛНО ЛГБТИ ДВИЖЕЊЕ“ имплементиран од Коалиција Маргини. Грантот е доделен во склоп на  Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите кој го спроведува Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, а е финансиран од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.

На настанот воведни обраќања имаа координаторките на Интерпартиските групи пратеничката Маја Морачанин и пратеничката Љатифе Шикоска кои се осврнаа на најновите податоци за состојбата со ЛГБТИ правата и состојбата на Ромите од Европскиот извештај за напредокот на Северна Македонија.

Стигмата и слабата видливост со кои се соочуваат младите и возрасните роми ЛГБТИ има штетен ефект врз нивните животни можности. Како резултат на тоа, културниот судир помеѓу сексуалната ориентација и родовиот идентитет од една страна, и ромските традиции и општествените очекувања кои ги регулираат родовите улоги од друга страна, ги ставаат ЛГБТИ Ромите на работ на дискриминација и исклучување. Во ЛГБТИ движењето во Република Северна Македонија, не е голем бројот на Роми ЛГБТИ кои како видливи активисти учествуваат како претставници во неформални групи и мрежи, или работат во ЛГБТИ организации.

Како активист за правата на ЛГБТИ Ромите се обрати Денис Арслановски кој ја нагласи потребата од превенција и санкционирање на говорот на омраза, кој делува на одржување на стереотипи, вознемирува и ги ускратува можностите на луѓето, а кај пошироктата јавност дава потврда дека истото можат да го прават без одговорност за последиците по нечиј живот. Тој ги нотира отежнатиот пристап до социо-здравствени услуги, позицијата на ЛГБТИ Ромите во помалите средини и нивната дополнителна маргинализација, непристапноста до култура, социјализација и проблемите со образованието како и општиот напредок на овие луѓе, со фокус на младите ЛГБТИ Роми.

Правната експертка Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација даде осврт на интерсекционалноста како предуслов за суштествена еднаквост и место од каде треба да се формираат алијанси на политичка солидарност наспроти опасноста од фрагментирано делување од позиција на попривилегирани идентитети. Надвор од правото, фокусот на политиките и институциите, но и на акциите на здруженијата мора да биде насочен кон унапредување на положбата на луѓето со интересекциски идентитети. Ваквиот фокус ќе овозможи системски промени за пократок временски период, ќе превенира конфликт помеѓу движењата што неспорно го забавува успехот и ги фрагментира гласовите на активистите, а ќе промовира солидарност, емпатија и суштествено разбирање на еднаквоста.

Дискусијата беше надополнета со факти околу делувањето на анти-демократските и антихуманистичките движења, кои влијаат на креирање огромни последици за ЛГБТИ луѓето, со користење на дезинформации, лаги и дискриминирачки говор.

Елена Петровска, координаторка на проектот нагласи дека е исклучително важно поголемо вклучување на Ромите од ЛГБТИ заедницата во тековите кои ЛГБТИ организациите ги водат затоа што само на таков начин би имале силно и обединето движење и полесно остварување на правата. Се осврна на важноста од засилување на капацитетите на лицата од ромската ЛГБТИ заедница за само-застапување, контакт со донесувачи на одлуки, како што е овој настан. Најави дека во скора иднина се планираат обуки за ЛГБТИ Роми кои дополнително позитивно ќе придонесат за оснажнување и социјализација.

Низ дијалог, во Парламентарниот дом се дискутираше какви се можностите за подорбувања и што пратениците како дел од законодавната власт и како креатори на закони и политики би можеле да допринесат за оваа ранлива категорија граѓани со оглед на исклучително високата хомофобија и трансофбија во ромските заедници и општо во државата. Заклучоците од средбата беа поделени во неколку категории и тоа: прашања поврзани со намален буџет за здравствени услуги за маргинализирани групи, несоодветна дистрибуција на средства за граѓанскиот сектор и блокадата од страна на граѓанските организации на Секретаријатот за соработка со НВО при Влада, организирање на јавна расправа по однос на проблемите за правата на ЛГБТИ луѓето, почести средби на пратениците со активистите како и зголемена улога на пратениците во извршувањето на овие задачи.

Лице за контакт:

Елена Петровска
Програмска координаторка
Коалиција Маргини
075 207 187
elena.coalition@gmail.com

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД НАСТАНОТ: