Скриените облици на конверзионата терапија

Скриените облици на конверзионата терапија

Текстот првично беше објавен на respublca.edu.mk
Во продолжение проследете ја проширената верзија.

Грација Атанасовска
книжевница и независна истражувачка

 

Живееме во доба во која за сексуалноста и родот се знае многу повеќе отколку во претходните децении. Иако тоа би требало да нè ослободи од предрасудите, митовите, и застарените, квази-научни мислења поврзани со нив, сведоци сме дека тие се сè уште многу присутни околу нас.

Едно од таквите застарени и квази-научни мислења е и она поврзано со можноста за менување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, чијашто крајна инстанца е токму „конверзионата терапија“.

 

Што е „конверзиона терапија“?

 

Конверзиона терапија, уште нарекувана и репаративна или реориентациска терапија, подразбира различен тип на пракси кои имаат за цел да ја променат или поттиснат нехетеросексуалната ориентација или нехетеронормативниот родов идентитет на една личност. Ваквата „терапија“ почива на идејата дека сексуалноста и родот се избор или ментална болест, тренд, резултат на неправилен социјален развој, семејни проблеми, или пак заведување, „перење мозок“ од страна на друга (хомосексуална) личност. Главната премиса на конверзионата терапија е дека нехетеронормативните сексуални и родови идентитети можат да се „излечат“ и вратат „во нормала“.

Голем број светски, стручни и релевантни водечки институции кои се однесуваат на човековото физичко, ментално и емоционално здравје веќе пет децении ја отфрлаат идејата дека нехетеронормативните идентитети се болест и нешто што треба или може да се смени, и се категорично против конверзионата терапија сметајќи ја за неетичка и штетна.

Еден пример е Европската асоцијација на психотерапевти (EAP – European Association for Psychotherapy), која се има произнесено со официјален став дека „сексуалната ориентација не може да биде сменета“ и дека, до ден денешен, „’причините’ за хетеросексуалноста и хомосексуалноста остануваат непознати.“ Оттаму, според нив, ниту еден „одговорен психотерапевт“ нема да се обиде да го преобрати својот клиент од хомосексуалност во хетеросексуалност. Тие додаваат и дека психотерапевтите мора да бидат внимателни кога се соочуваат со клиенти/пациенти кои самите бараат конверзиона терапија, затоа што таквите барања честопати прикриваат други поттиснати проблеми.

Американската асоцијација на психолози (APA – American Psychological Association) во 2021 година се произнесе со официјален став кој ја осудува конверзионата терапија поврзана со родовиот идентитет:

„Психолозите разбираат дека родот е небинарен конструкт којшто дозволува распон на родови идентитети и дека родовиот идентитет на една личност не мора да се совпадне со полот којшто е назначен по раѓањето.“

Надоврзувајќи се на СЗО (Светската здравствена организација), тие велат дека е неточно и несоодветно да се гледа на овие техники и пракси како на терапии или на третмани, бидејќи несовпаѓањето на полот и родот само по себе не е ментално нарушување.

Каква сè може да биде конверзионата терапија?

 

Според Обединетите нации, во некои случаи конверзионата терапија се поистоветува со психичко, емотивно и физичко измачување.

Виктор Мадригал-Борлос, независен експерт на Обединетите нации за сексуална ориентација и родов идентитет, во својот извештај за 2020 за Советот за човекови права, повика на голбална забрана на практики поврзани со конверзионата терапија.

Тој наведува три пристапи кои се доминантни во конверзионата терапија:

(1) „психотераписки интервенции кои се темелат на верувањето дека сексуалната или родовата разноличност произлегуваат од абнормално воспитување или искуство;

(2) медицински пракси чии корени се наоѓаат во теоријата дека сексуалната или родовата разноличност е инхерентна биолошка дисфункција;

и (3) интервенции поврзани со религиско верување чија премиса е дека има нешто инхерентно злобно во различните сексуални ориентации и родови идентитети.“

Под конверзиона терапија се подразбираат мноштво пракси кои можат да имаат клиничка позадина, како на пример психоанализа, бихевиорална терапија и когнитивно бихевиорална терапија, хипноза, EMDR терапија, електроконвулзивна терапија, семејна и групна терапија, психолошко советување, и употреба на психофармациски средства.

Исто така, таа може да продразбира и врснички, семејни или религиозни интервенции во кои спаѓа и верско советување, молитва, пост, егзорцизам, и друг тип на импровизирани (некогаш и преземени и модифицирани психотерапевтски) програми, со што настанува комбинација од различните пристапи на конверзионата терапија.

Зошто е конверзионата терапија толку штетна?

 

Конверзионата терапија е неетичка и штетна пред сè затоа што манипулира со негативните чувства на срам и вина, немоќ, недоволност, безвредност, пониженост, осаменост и изолираност со кои се соочуваат огромен број на ЛГБТИ луѓе поради сè уште присутната општествена дискриминација.

Всушност, она на што најмногу се потпира конверзионата терапија, и од коешто најмногу успева да капитализира, е токму искуството на неприфаќање, како што нагласува Ана Блажева – психтерапевтка, истражувачка и доцентка на Институтот за општествени науки и хуманитарни науки во Скопје.

Таа смета дека „искуството на неприфаќање“ е во основата на конверзионата терапија и дека истото може да има „далекусежни последици по менталното здравје, затоа што директно се одразува врз сликата за себе на личноста и односот на светот кон нејзе.“ Ова искуство на неприфаќање е секогаш поврзано со, како што вели Блажева, некаков „ултиматум“ – „да се промениш за да заслужиш љубов, прифаќање и припаѓање“. Но невозможноста за остварување на таквиот ултиматум потоа раѓа недоверба во самата личност, ја руши сликата за себе, и истовремено создава еден циклус на „недоверба во светот и во другите“. Ефектот на ултиматум на крајот може да кулминира во „ситуација на континуирано отуѓување и болка, и во врска со себе и во врска со светот,“ објаснува Блажева.

Парадоксот на конверзионата терапија е што, во основа, почива на дискурс кој вели дека има за цел да ѝ „помогне“ на ЛГБТИ личноста. Но, наместо да ѝ помогне да се прифати себеси каква што е, со својата нехетеросексуалност или нехетеронормативен родов идентитет како здрава варијација од спектарот на човечката сексуалност и род, се случува токму спротивното – „наместо кон подобрување на менталното здравје, се придонесува кон влошување на состојбата која може лесно да премине во депресивни и други посериозни психички нарушувања,“ заклучува Блажева.

Последиците од конверзионата терапија можат да бидат многу сериозни. Од депресија, анксиозност, нарушувања на сликата за себе и губење на самодовербата, до ПТСД и самоубиство. Гневот, стравот, и промените во личноста се уште еден резултат на конверзиона терапија, слично како и намерното дистанцирање од блиски луѓе кои жртвите на конверзионата терапија често ги обвинуваат за тоа што го искусиле.

Всушност, како што нагласува Николина Тодоровиќ, авторка од Босна која пишува за секојдневните матрици на конверзионата терапија, младите кои биле подложени на некаков вид ваква „терапија,“ речиси без исклучок тоа го направиле под притисок на своите родители.

На овој елемент од конверзионата терапија се осврна и Лина Ќостарова Унковска, клинички психолог и основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција во Скопје. Таа вели дека родителот, во обид да се справи со информацијата дека неговото/нејзиното дете е ЛГБТИ, се информира секаде и на секаков начин за како да го промени тоа  – „сеедно што ќе добие тој/таа продолжува да инсистира да го води детето на неверојатни места, за да го излечи, некогаш и по која било цена […].“ Тоа, според неа, често води до целосно менување на односите во семејството и семејната динамика – „[н]екогаш доаѓа до толку силни разлики, што тие предизвикуваат конфликти, поделба во табори меѓу најблиските, сè до раскинување на врските.“ И тоа, се разбира, на крајот исто така претставува товар и исход од кој младите ЛГБТИ лица најмногу се плашат, заклучува Ќостарова Унковска.

Конверзионата терапија во Македонија

 

Во Македонија нема индикации за масовно организирана мрежа на институции и групи кои вршат конверзиона терапија, за разлика од земји како САД, каде што конверзионата терапија е легална во 30 држави и низ која досега минале околу 700.000 луѓе. Всушност, таа е сè уште легална во поголемиот број од земјите во светот и ја има речиси секаде, на еден или друг начин.

Кај нас, исто така не постои никаква забрана за конверзиона терапија, иако постои во соседна Албанија. Во 2020 година, главното здружение на психолози во земјата воведе забрана за конверзиона терапија помеѓу своите редови, што значи дека секој лиценциран психолог во Албанија кој би се обидел да спроведе такво нешто би можел да подлежи на дисциплински мерки и ризикува да ја изгуби својата работна дозвола.

Патологизација на сексуалната ориентација во учебници по психологија

 

Сепак, постојат одредени ретки јавни изблици во кои се заговара психотерапевтска конверзиона терапија. Примерот е лоциран во едно истражување на Коалиција Маргини од 2011 година, со наслов „Хомосексуалноста во образованието во Република Македонија“, во кое учествува и Снежана Врангалова, докторка по развојна психологија и сексолог, базирана во САД, со наслов на тема „Третманот на хомосексуалноста во образованиот систем во Република Македонија“. Во него таа посочува патологизација на хомосексуалноста, и крајно проблематични, хомофобични, квази-научни ставови и тврдења во четири македонски учебници по педагогија, развојна психологија и психологија на родот. Првонаведениот е учебник за трета година средно школо, а останатите три се учебници долго време употребувани на Институтот за психологија и Катедрата за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во учебникот „Психологија на детството и адолесценцијата“ (Олга Мурџева-Шкариќ, 2009) хомосексуалноста не се карактеризира како „биолошки условена“ (29), туку како „избор“ и резултат на „воспитување[то] и социјализација[та]“ (цит. кај Врангалова, 29).

Во истражувањето на Врангалова особено проблематичен се покажува учебникот „Психологија на возрасните и стареењето“ од истата авторка (2010), каде што таа оди и чекор понатаму повикувајќи на „нужни превентивно-образовни програми за децата од преадолесцентната доба“ со цел да го спречи развојот на хомосексуалноста (30). Ова е еден од ретките јавни експлицитни примери кој заговара потреба од некаков тип на конверзиона терапија – се работи за официјален учебник на факултет, за луѓе кои се тренираат да бидат психолози, иако антигеј ставовите се познати помеѓу дел од професорите на Факултетот за психологија и претходно.

Авторката посочува два начини за искоренување на хомосексуалноста – соодветно информирање (превентивно) за тоа што значи „здрав психосексуален развој“, додека вториот начин е токму репаративна или конверзиона терапија која е насочена кон лица кои веќе тргнале кон „погрешниот пат на хомосексуалноста“. Според авторката, наведува Врангалова, најголем дел од случаевите успешно би се конвертирале во хетеросексуални лица – успешноста ја должи пред сè на оптимизмот кај терапевтот за исходот на терапијата и почнувањето во „порана детска возраст“ (31). А потоа продолжува со совет кон родителите да започнат со таков тип терапија „веднаш штом забележат“ несоодветни наклоности кај своето дете (32).

Овој учебник сè уште стои во факултетската листа на препорачана литература на истоимениот предмет на Институтот за психологија.

Каков однос и став имаат ЛГБТИ луѓето и нивните сојузници во однос на конверзионата терапија во Македонија?

 

Иако во Македонија вообичаено не се зборува отворено за конверзионата терапија, исклучокот кој беше наведен погоре ни укажува дека некаков облик на истата сепак постои во земјата. Всушност, со самото тоа што многу малку се зборува на оваа тема, толку полесно е да се игнорираат, отфрлат или прикријат нејзините индивидуални или колективни облици.

За таа цел беше формиран прашалник наменет најмногу кон ЛГБТИ заедницата, но и кон нивните сојузници (allies), со цел да се добие иницијална слика за тоа колку од нив се запознаени со овој феномен, и колку од нив минале низ такво искуство или познавале некој друг што минал.

Податоци од спроведен Прашалник за конверзиона терапија во Македонија

 

Прашалникот го одговорија вкупно 66 лица. Од нив, 90.9% одговорија дека имаат слушнато за ЛГБТИ конверзиона терапија; мнозинството, односно 81.7% се информирале првично за овој феномен преку интернет и социјални мрежи.

На прашањето што подразбираат под конверзиона терапија, најголемиот дел од испитаниците дадоа одговори кои се вклопуваат во рамките на официјалната дефиниција за конверзиона терапија.

74.2% од испитаниците беа со нехетеросексуална ориентација, од кои најмногу фигурираа луѓе кои се идентификуваат како бисексуалци, а потоа геј мажи, лезбејки, пансексуалци и асексуалци.

Во однос на родовиот идентитет на испитаниците, најмногу доминираа цис-жените, со 57.6%, а потоа цис-мажите, трансродовите жени и трансродовите мажи, небинарни и родово флуидни.

На прашањето дали некој од испитаниците се нашол во ситуација на конверзиона терапија, или пак нивни познаник, потврден одговор дадоа 19.7%.

Најголем дел од нив, односно 38%, одговорија дека тоа се случило на некаков вид психотерапија (со психолог, психијатар, терапевт или лајф коуч). Религиозниот (верски) и семејниот контекст беа изедначени со 23%. Останатите 8% припаднаа на матичен лекар, и „другарка“.

Доколку би ја прошириле категоријата „психотерапија“ во поширока категорија на лица поврзани со здравствени установи и услуги, и во неа го вклучиме одговорот „матичен лекар“ покрај терапевтите, тогаш процентот на одговорот кој се однесува на оваа категорија би пораснал на 46%. Тоа е значителна бројка на млади ЛГБТИ луѓе изложени на милоста и немилоста на лицата кои треба да се одговорни и стручни за нивното физичко и ментално/емоционално здравје.

Оттаму, заклучокот од овој прашалник е дека одредени облици на конверзиона терапија се присутни во Македонија, најмногу во форма на некакво психолошко и/или верско советување и семеен притисок, и дека најголема опасност за нејзино перпетуирање се наоѓа кај стручните лица од здравствената фела, било да се тоа психотерапевти или лекари. Потоа следуваат и верските контексти, но и семејните коишто честопати се врзани или испреплетени со верскиот или здравствениот контекст.

Што може да се направи по ова прашање?

 

Овие поразителни проценти го прават прашањето на институционално изјаснување против каков било вид конверзиона терапија за ЛГБТИ лица уште понужно и позначајно во Македонија.

Тоа го нагласува и Лина Ќостарова Унковска која што вели дека „[e]динствен начин вистински да се адресира прашањето на правата и слободите на изразување на ЛГБТИ+ лицата во С. Македонија е транспарентно заземање единствен и официјален став од страна на  домашната научна и стручна јавност, пред сè преку нивните струковни асоцијации и комори, за природата на ЛГБТИ+ појавите, за правата и слободите на овие луѓе.“

Прв чекор во таа насока беше претставувањето на Изјавата за потврдување на професионалниот став за и третман на ЛГБТИ+ лицата, со посебен осврт на младите, во октомври 2019 година. Во овој документ шест професионалци од областа на психологијата, психијатријата и родовите студии повикуваат на јасен и научно заснован став кој се однесува на прашањата околу сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и стручен и етички пристап кон толкувањата и помошта која стручните тела и институции ја нудат на ЛГБТИ+ деца и млади, родители, старатели, и наставници – пристап кој, како што се вели во Изјавата, секогаш треба да биде „во полза на младите и нивната благосостојба, и во насока на почитување на нивните права на себеизразување, еднаквост и учество.“

Дополнително, паралелно на оваа Изјава, потребна е и правна заштита за луѓето кои би можеле да бидат изложени на конверзиона терапија. Тоа би можело да се оствари преку донесување закон кој ќе ја дефинира и забрани оваа штетна пракса.

Исклучително е важно повторно да се нагласи дека последиците од ваков вид „терапија“ можат да бидат ужасно сериозни. Оттаму, исто толку важно е доколку има родители/старатели кои го читаат ова и кои размислуваат да го подложат своето дете на некаков вид конверзиона терапија, да побараат „чаре“ на друго место, односно кај релевантни психотерапевти кои ќе им помогнат да ги адресираат стравовите, дилемите и причините поврзани со негативната перцепција на бивањето ЛГБТИ. Истите психотерапевти треба да им помогнат на самите ЛГБТИ лица позитивно да ја афирмираат својата сексуалност, а на нивните семејства да ги валидираат и прифатат нивните ЛГБТИ деца, а не да се обидат да ги променат по секоја цена, со тоа ризикувајќи го нивното емоционално и физичко здравје.

Варијациите во сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се погрешни и болни, и не смеат да се присилуваат на хетеронормативност. Етичка и кадарна психотерапевтка никогаш нема да се обиде да ги одврати своите клиенти од нивното постоење такви какви што се.

 

Извори:

https://www.europsyche.org/quality-standards/eap-guidelines/eap-statement-on-conversion-therapy/

https://www.apa.org/about/policy/resolution-gender-identity-change-efforts.pdf

https://www.who.int/europe/health-topics/gender#tab=tab_1

https://undocs.org/A/HRC/44/53

https://www.ohchr.org/en/stories/2020/07/conversion-therapy-can-amount-torture-and-should-be-banned-says-un-expert

https://lgbti.ba/nemam-nista-protiv-vas-ali-trebate-se-lijeciti-reparativna-ili-konverzijska-terapija-i-njene-svakodnevne-matrice/

https://www.stonewall.org.uk/about-us/news/which-countries-have-already-banned-conversion-therapy

https://williamsinstitute.law.ucla.edu/publications/conversion-therapy-and-lgbt-youth/

https://www.reuters.com/article/us-albania-lgbt-health-idUSKBN22U2DU

http://coalition.org.mk/wp-content/uploads/2015/10/Homoseksualnosta-vo-obrazovanieto.pdf

Текстот е инициран во рамки на проектот „Towards a More Resilient LGBTI Movement LGBTI Movement > Know More – Protect Better”, поддржан од ILGA Europe и реализиран од страна на Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права.