12 Jul НЕ ПРИФАЌАМЕ КРАТЕЊА ВО БУЏЕТОТ ЗА КУЛТУРА
ЈАДРО – Асоцијацијата на независна културна сцена реагира на последните најави за кратење на буџетот (со прецизна сума од 31%) на веќе одобрените проекти од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата.
Незадоволни сме од нетранспарентиот однос на министерската Бисера Костадиновска-Стојчевска и на Министерството за култура на Република Северна Македонија во однос на начинот на менаџирање со буџетот за култура во време на криза.
Независниот културен сектор веќе претрпе огромна штета, како последица од кризата со пандемијата, а најавеното кратење ќе остави огромни последици врз секторот што веќе се наоѓа во исклучително нестабилна положба и чие опстојување е доведено во прашање. Ваквата одлука претставува опасност целосно да запрат долгогодишни програми и да згаснат мали организации кои опстојуваат само со овие средства.
Критериумите за распределба на средствата, за жал, никогаш не биле и не се еднакви за сите. Протестираме против доследното политичко игнорирање, произволноста и левтерноста на оние што ги носат одлуките за културните политики и за уметничката продукција, постојано туркајќи го независниот културен сектор во најнеповолна социјална и економска позиција во нашето општество.
Премерувањето и проценката дека одредени трошоци од програмите во културата се помалку значајни од други буџетски линии покажува неразбирање на општественото значење на културната и уметничката продукција која ја создава независниот културен сектор и општо непознавање на современите текови во уметноста и културата. Револтирани сме од негрижата и непрепознавањето на предизвиците со кои независниот сектор се соочува, непрепознавањето на неговата улога во креирањето на културните политики, непрепознавањето на важноста на овој сектор за националниот развој на културата во нејзиното пошироко поимање, кое ги вклучува современите културни практики, како и демократизирачките идентитетски процеси.
Културните работници, уметниците, неформалните групи и организациите што работат во независниот културен сектор не беа навремено информирани, консултирани и не се согласни со какво било намалување на средствата за работа, за кои веќе имаат потпишано договори. Воедно, доколку јавната администрација не е информирана, би сакале да посочиме дека многумина од културните работници во независниот културен сектор немаат други извори на средства, работат хонорарно, немаат обезбедени плати, здравствено и пензиско осигурување, а сепак придонесуваат во огромна мерка за развојот на современата култура.
Независниот културен сектор не е претставен од страна на консултираните синдикати, со кои министерката Костадиновска-Стојчевска разговарала, ниту ги имаат истите потреби како културните работници од јавните институции од културата. Независниот културен сектор е директно зависен од страна на Министерството и зависи од неговите финансии, што секако се помалку од доволни за пристојно опстојување. Тој нема да опстане со намалени средства од Министерството, ниту без тие средства може да понуди „богато културно постковид лето“,како што вели Костадиновска-Стојчевска.
Членките на ЈАДРО Асоцијација одамна ги имаат изготвено своите проектни планови и длабоко се навлезени во продукциските процеси на своите програми; имаат склучени договори со учесници од државата и од странство, ги предвидуваат добиените средства во рамките на своите годишни буџети за хонорари и други важни буџетски линии што се клучни за продолжувањето на нивното работење. Ваквиот начин на размислување околу можните кратења од веќе финализираните буџети и програми на организациите и поединците покажува длабоко неразбирање на начинот на реализација и на еднократните проекти и на годишните програми, но и подразбира потценување на енергијата и времето што културните работници го вложуваат во планирањето, поднесувањето и реализацијата на нивните програми. Конечно, тие сносат одговорност пред своите соработници, домашни и интернационални партнери и донатори, кај кои со години градат доверба и пред кои имаат интегритет.
Револтирани сме од начинот на распределба на средствата од страна на Министерството за култура што ги потценува и вредноста и достоинството на културните работници, кои заслужуваат да дочекаат системски промени, промислени и прогресивни даночни политики и поголема заинтересираност за културната продукција понудена од страна на независниот културен сектор, а не само декларативна и фиктивна поддршка. Членките на ЈАДРО Асоцијација на независната културна сцена се разочарани од непартнерскиот однос на Министерството за култура, кое досега ветуваше поддршка на независниот културен сектор кој непрестајно работеше на создавање богата културна програма во време на социјална, економска и здравствена криза.
Кршењето на веќе потпишаните договори од страна на една од засегнатите страни, во случајов од страна на Министерството за култура како институција со концентрирана, централизирана и неприкосновена моќ која често постапува самоволно и со непоткрепени гестови – е неприфатливо. Министерството за култура како институција мора да ги штити нашите интересите и на сите оние што вложуваат во културата, и покрај прекарните услови за работа.
Ја потсетуваме министерката за култура дека на средбата одржана во февруари годинава, со цел запознавање со работата на ЈАДРО Асоцијацијата, таа беше информирана за потребата од зголемување на буџетот за култура и за формирање посебен фонд и посебна дејност/буџетска линија во рамките на Министерството за култура, за независниот културен сектор. Затоа, со цел унапредување на домашната културна продукција, во оваа насока очекуваме фактички заложби, со кои веќе одамна доцниме.
Со надеж за слух и разбирање,
ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
Скопје, 12.7.2022
Лице за контакт
Тијана Ана Спасовска
071375951