Александра Билингс за напливот на анти-транс законодавство

Александра Билингс за напливот на анти-транс законодавство

ИЗВОР

Во разговор со Витни Терел и В.В. Ганешанантан

Наградуваната актерка, ЛГБТК активистка и активистка за ХИВ/СИДА, Александра Билингс им се приклучи на водителките В.В. Ганешанатан и Витни Терел во разговор за бранот неодамнешни анти-транс легислативи, како и американската мизогинија. Билингс во разговорот во продолжение чита делови од нејзините нови мемоари, This Time for Me, и зборува за нејзиниот живот како транс жена, нејзината кариера како учителка и искуството во серијата Transparent.

WT: Тешко е да се избројат. Извесно време се обидуваме да дојдеме до заклучок: 150 анти-транс нацрт-закони се предложени во 35 држави низ целата земја. Некои од нив се стопирани. Други се потпишани како закони, како на пример нацрт-законот потпишан од гувернерот на Аризона, Даг Дуси, со кој се забранува трансродовите девојчиња да играат во женски спортски тимови. Има други кои се во тек. Се разбира, американските политичари претходно сметаа дека анти-транс наративот е добар политички потег. Па се прашувам, дали оваа нова легислатива претставува сериозно забрзување на анти-транс наративот? Или само го претставува статус квото во Америка?

AB: Би ти одговорила со да и на двете прашања. Истово ова важи со генерации наназад. Јас имам 60 години. Ја започнав мојата транзиција во 1980 година, и со децении ги водам истите разговори со истите групи луѓе, оттогаш. Всушност, учествував во едно шоу пред многу години – Шоуто на Фил Донаху, ако некој од вас се сеќава на тоа.

WT: Иста генерација сме Алекс — со тебе и со Фил Донаху.

AB: Сега се чувствувам многу подобро. Но додека шоуто траеше, седејќи со другите гости од Батон во Чикаго, една жена одзади стана и не’ праша сите кој тоалет го користиме. Тоа се истите луѓе, истите политички определби – само што станаа поекстремни со тек на времето затоа што повеќе им се дозволува. Сега има повеќе луѓе во владата кои им дозволуваат; ги имаме и социјалните медиуми, кои сега на овие луѓе им даваат меѓународна, глобална платформа.

Опасноста е поголема затоа што и гласовите се погласни. Но анти-транс наративот отсекогаш постоел, од кога се сеќавам – и генерацијата пред мене ми го кажуваше истото. Она за што зборуваме е мизогинија. Зборуваме за земја удавена во патријархална идеологија, бидејќи кога се зборува за транс луѓе, ќе забележите дека сите транс-легислативи се за транс жени, а не за транс мажи.

WT: Тоа е многу интересно.

AB: Така е затоа што како нација сме преплашени од феминизацијата на американскиот маж, а нас не’ сметаат за мажи. Мажи со операции, мажи во фустани, мажи со болести, мажи со нарушувања. Можеш да бидеш жена и да носиш панталони, тоа е супер. Но, не може да бидеш маж и да носиш фустан, тоа е спротивно на законот. Сега всушност се донесуваат вакви закони. Ме имаат апсено и претходно, во 1980-тите, само затоа што се движев по улица. Постоеја закони, наречени закони за непристојност, кои веќе и не делуваат толку архаично. Но, јас бев уапсена само заради тоа што не носев парчиња облека која се смета за машка.

Kога ме уапсија, прашав: „Зошто ме апсите?“ Во тоа време бев сексуална работничка, и реков: „Одам, не работам. Само се движам, одам во 7-Eleven“. И тој рече: „Не, не, во секое време мора да носите две парчиња машка облека“. И си помислив, не знам што сакаш да кажеш, мислиш спортски чорапи? За што зборуваш? Тоа е лудо. Сакам да бидам навистина јасна за што зборуваме. Зборуваме за многу типична, вообичаена американска мизогинија. Токму на тоа се темели трансфобијата.

WT: Тоа е извонреден пасус од книгата. Исто така, се изненадив – ја поврзувам оваа идеологија со авторитаризмот и забележав дека Путин одлучи да зборува за неговите анти-транс ставови, загрижен дека ќе биде критикуван поради отворање на транс прашањето во државнички говор. Чудно е што постои врска помеѓу американската мизогинија за која зборуваш и она што го гледаме во другите земји кои се движат надесно, а исто така го користат и тоа.

AB: Да, се согласувам со тебе. Единствената причина зошто не велам глобална мизогинија – верувам дека тоа е вистина – е затоа што не живеам во тие земји. Зборувам само за Америка затоа што живеам овде, но се согласувам со тебе. Да, тоа е мизогинија, точка, апсолутно. Нема сомнеж. Во 1980-тите и 90-тите години, епидемијата на СИДА ги збриша повеќето од моите пријатели. На администрација на Роналд Реган и’ беа потребни четири години само да го изговори зборот СИДА или ХИВ. Така изгубивме стотици илјади луѓе кои умираа во тоа време, бидејќи болеста започна во геј машката заедница. И повторно, кога сте геј маж, тоа е спротивно на законот.

V.V. Ganeshananthan: Навистина ја ценам твојата прецизност со јазикот овде, и имам уште едно прашање во врска со тоа, размислувајќи за новите закони што беа донесени во последните години. Ајдахо го усвои првиот закон поврзан со спортското учество на трансродовите лица во 2020 година. Дискурсот што го забележувам е мизогин, иако тој закон беше блокиран на суд. Западна Вирџинија донесе сличен закон, кој следеше во уште девет држави.

А неодамна, Витни го спомна Даг Дуси, кој штотуку предложи слична забрана, а јас го цитирам. Тој вели: „Секој млад спортист од Аризона треба да има можност да учествува во воннаставни активности што му даваат чувство на припадност и ќе му овозможат да расте и да напредува“. Љубопитна сум да те слушнам што мислиш за јазикот овде, бидејќи ми се чини дека е создаден да ги обезличи и да ги стави транс спортистите надвор од која било човечка категорија. Тие не се вклучени. Кога вели „секој млад спортист од Аризона“, тој не ги вклучува транс спортистите.

AB: Се занимавам со спорт веќе 45 години. Ги користам женските јавни тоалети веќе 30 години. Овие луѓе спортуваа со нас и одеа со нас во тоалет. Ние сме адвокати, ние сме лекари, ние сме нивни соседи, ние сме нивни бебиситерки. Јас сум и наставничка. Ги учам нивните деца четири децении, така што ова не е ново. Она што е ново е дека сме погласни. Заземаме повеќе простор. Транс луѓето не се појавија во 1980-тите затоа што сите правеа премногу кокаин. Има цела генерација која мисли дека штотуку сме се појавиле, дека ова е тренд. Ако се вратите назад во историјата, ние сме во грчката митологија, ние сме во сите историски книги.

Причината зошто ви го кажувам сето ова, е затоа што се обидуваат да не’ избришат. Веруваат дека ние сме идеја. Ако ја слушнете Марџори Грин, таа вели дека сме идеја, буквално филозофија, која треба да се прекине. И повторно, запомнете, главно зборуваме за транс жени. Ако застанеме, ако едноставно престанеме да се однесуваме така, бидејќи сето тоа е однесување, тогаш сè ќе се врати на она што тие тврдат дека е нормално. Ова е она што треба да го запомниме, ако навистина секоја транс жена е поголема, побрза, посилна и поагилна од секоја цис жена на планетата Земја. Тоа е прилично храбра изјава без да се поткрепи со статистика; немаме таква. Имаме нула статистика за нивото на хормони, хромозомско ниво, блокатори на тестостерон; имаме нула статистика за овие нешта.

Можам да ви кажам нешто од мојот сопствен брак: го запознав ова човечко суштество во 1976 година, сега сме заедно веќе 46 години – таа е посилна од мене, таа може да ги подигне работите побрзо од мене. Можам да ја претрчам, фала богу, но тоа е единственото нешто. Таа е цисродова – што значи родена како жена, главно се идентификува како жена, а јас сум транс. Ние сме буквално пар кој ги крши сите нивни правила. Па така накратко, она што се обидуваат да му кажат на светот е дека овие транс жени се само идеја. И ако не’ спречат да учествуваме во било што што вклучува јавна, визуелна, звучна или емоционална вистина, целосно ќе не’ спречат. Во тоа веруваат. И тоа е она во што успеваат. Тоа е страшниот дел.