23 Mar Законот е добар, трансфобијата го става во фиока
*Став на лицето Икс
Вчера, Владата го повлече предложениот Закон за матична евиденција од собраниска процедура. Со тоа го пресече патот на измените кои требаше да ја исполнат нашата обврска согласно пресудата од Стразбур во случајот Икс против Македонија од јануари 2019. Вака, Судот не е испочитуван, законот не е донесен, заедницата не добива достоинство и притисокот ќе продолжи. Во моментов повеќе луѓе чекаат за промена на документите пред македонските институции. Порано или подоцна сите тие ќе ги исполнат законските услови за поднесување апликација пред Европскиот Суд во Стразбур. Државата ќе ги изгуби и тие случаи како што загуби во мојот случај. Околностите се исти.
Точно е дека имаше реакции од јавноста во изминатиот период, меѓутоа исто така точно е дека јавноста, составена од цисродови луѓе, не е свесна за проблемите со кои ние како транс заедница се соочуваме во ова општество. Секако, не го ни прочитале предлог-законот. Оние граѓани кои се противат на ваков закон, веројатно се истите тие на кои не им е јасно и се противат на тоа државата да исплаќа отштети на лица во Стразбур затоа што е тужена поради немање закон. Не може така, ни едното, ни другото. Нашите животи зависат од тоа!
Има граѓани кои тврдат дека законот ќе биде злоупотребен од страна на поединци за нивни лични цели. Тие граѓани очигледно не ги знаат рамките за заштита од злоупотреба во предлог-законот. Не ја разбираат одговорноста која стои зад потписот на секој кој ќе побара таква промена. Верувајте, пред да се донесе одлука за транзиција, буквално низ глава ни поминуваат прашањата дали ќе го задржиме кровот над глава и дали нема да бидеме жртви на насилство. Статистиките покажуваат дека транс заедницата секојдневно е мета на убиства, физичко, психичко и сексуално насилство, вознемирување, дискриминација, омаловажување, во најмала рака бркање од дома. Процесите се толку комплицирани и бараат толку изразена и долгорочна ментална дисциплина и истрајност што едноставно на крај памет не би му паднало на некој да поминува низ таков пекол само за да направи нешто незаконско.
Би сакал да отсликам, за просечниот граѓанин, како во моментов изгледа промена на документи кај типичен случај со трансродово лице.
Со или без хормонска терапија, значи со или без видливи промени, сакате да ги промените документите. Сте им кажале на некои роднини и пријатели. Дел од нив повеќе не сакаат да ве видат. Дел се на раб да станат насилни. Ако живеете со родителите, големи се шансите да ве избркаат од дома. Ако студирате, ќе имате и таму проблем. Ама, стиснувате заби и почнувате. Се мачите низ административниот лавиринт низ кои минуваат и сите останати. Го поднесувате барањето за промена на име. Ве гледаат чудно. Ве препрашуваат. Се кикотат. После неколку недели конечно е одобрено. Службеникот кој треба да ви го даде, со саркастичен тон прашува, „Ама зошто сакаш да го смениш?“ Гледате само да излезете од објектот. Пробувате да живеете нормално, ама секојдневие ви се караници и закани, а на голем дел од пријателите им пречи ова и не можете да им се јавите за поддршка. Големи се шансите дека сте сосема сами.
Се спремате да поднесете за промена на ознаката за пол (буквата) во документите. Го гледаат барањето на шалтер, ве гледаат вас, го гледаат барањето. Поминува месец дена, администрацијата молчи. Ургенција. Одбиено барање. Второстепена постапка. Поминува време. Ургенција. Одбиено барање. Управен суд. Враќање на повторно одлучување. Пак истот, уште еднаш. Поминуваат месеци, се претвораат во години, чекате, страда вашето ментално здравје, страда и вашето физичко здравје, а страв ви е да отидете на лекар затоа што никој не сака да ве услужи. Никој не сака да ве вработи со неусогласени документи. Оставени сте сами на себе, без достоинство. Ќе бидам искрен, најтешкиот период во мојот живот. Поминуваат години и веќе не знаете колку пати сте го поминале горенаведениот циклус. Заглавени сте без работа, во импровизирани животни услови без потпишан договор за закуп, без здравствена заштита и без вистинска поддршка од кого било. Сакавте само да ги промените документите, а изгубивте сѐ на тој пат.
Со предложените измени на Законот за матична евиденција, се спречува вистинска агонија. Како што јас, кога го земав новиот извод, бев свесен дека кога ете можело да ми се одобри тогаш, можело и десет години порано, така и во оваа ситуација – нема зошто транс заедницата да биде присилена да чека.
Зошто како изговор беше кажано дека законот „треба да се доработи за да биде во согласност со пресудата“? Пресудата е од јануари 2019. Тоа може лесно да се провери. Во февруари 2019 е започнат процесот кај нас. Објавено е на ЕНЕР. И тоа може лесно да се провери. Беше формирана работна група во рамките на Миниистерството за правда, конкретно за да работи на предложените измени. Во групата имаше и членови од граѓанскиот сектор кои го пренесуваа гласот и потребите на транс лицата. И јас бев консултиран. Повеќе месеци подоцна беа изготвени предлог измените, кои потоа беа заглавени во фиока. И тоа може да се провери.
Со други зборови, тврдењето дека законот треба да се доработи за да биде во согласност со пресудата е целосна лага и ништо помалку. Останува нејасно зошто не е кажана вистинската причина за повлекувањето. Владата докажа дека целата искажана поддршка досега беше само декларативна, а во пракса се покажа недвосмислено лажна. Заклучок: Владата не ги почитува трансродовите лица и нивното достоинство и живот.
Пресудата наложува да не се наметнува медицинска интервенција. Нашиот Устав го штити телесниот интегритет. Предложените измени не наметнуваат медицинска интервенција. Нема што да се доработи. Законот е добар и прифатлив.
Пресудата наложува брза, транспарентна и пристапна постапка. Законот овозможува брза, транспарентна и пристапна постапка. Нема што да се доработи. Законот е добар и прифатлив.
Пресудата наложува донесување закон. Еве, го имаме. Со месеци усогласуван со пресудата. Нема што да се доработи. Законот е добар и прифатлив.
Во најмала рака, од причина што пресудата наложува брза постапка без медицински интервенции, а конкретните изјави за повлекување на законот тврдат дека законот треба да биде во согласност со пресудата, со нивното повлекување на законот го спречуваат токму она што пресудата го налага! Државата го оневозможува процесот кој го бара пресудата и непотребно ги одолговлекува процесите. Нема што да се доработи. Законот е добар и прифатлив.
Или ќе се донесе овој закон, или државата ќе продолжи да губи судски спорови поради недостиг од закон (буквално тоа беше причината). Државата ќе продолжи да праќа отштети и да прима прекори од европските институции. Ќе продолжи притисокот и од Европа и од заедницата, затоа што носењето на оваа регулатива е неизбежно.
Правно признавање на родот СЕГА!