07 Dec Последиците од анти-родовите движења врз животите на трансродовите луѓе
превземено од Слободен Печат
пишува: Мања Величковска
Кога и зошто анти-родовите движења ги ставаат своите интереси и уверувања пред човечкото, но и лажното „човештво“ и пред самиот човек
Анти-родова идеологија и анти-родова мобилизација
Навршува веќе една декада од појавата на анти-родовата идеологија, која ѝ ја одзема легитимноста на науката преку презентација на „алтернативни факти“, заробување, редефинирање и демонизирање на зборот род. Овој флексибилен и инхерентно (не)кохерентен сет на идеи на анти-родовиот светоглед почива на означувањето на категоријата род како мерка за хаос во современото општество.
Ваквите движења ги кријат своите религиозни сродства и партиски познанства и тактично ја секнуваат можноста за какво било нивно поистоветување со одредени претходни конзервативни модели на делување, што за среќа, пак, не нè спречува компаративно да ја читаме конфликтната анти-родова идеологија во релација со радикалната десница или со популистичката десница. Впрочем, неретко популистичките десни партии, религиозните претставници и „експертите“ се поврзуваат меѓусебно за да го засилат својот проглас, како и да ја зајакнат својата позиција во јавноста. Нивната врска се дефинира како „опортунистичка синергија“ (Agnieszka; Korolczuk, 7), чија што крајна цел е промена или стекнување на повисока позиција во раководните тела на државата, граѓанското општество или академијата.
Моралната паника како придвижувач на анти-родовите движења
Значајна алатка која ја користат анти-родовите движења за да ја засилат својата моќ е моралната паника. Таа настанува како резултат на преплетувањето на политичките околности и популистичките стратегии, а стартува кога одредена „состојба, епизода, личност или група на луѓе“ (Cohen, 2011) ќе добијат статус на предизвикувачи на закана за општествените вредности и интереси.
На почетокот од моралната паника оваа закана „е дефинирана доволно прецизно за да се отвори дискусија за неа, но не во толкава мера за да не [се] дозволи влез на други анти-родови дискурси кои ќе ја продлабочат“ (Цветковиќ, 2021, 69). Оттука, преку медиумската симболичка реторика одредени лица се дефинираат како непријатели или „народни Баба-Роги“, поради што кај јавноста се создава чувство на страв и социјална анксиозност.
На крај, јавноста тогаш повикува на акција, а моралната паника резултираа со општествена промена, стигматизација и насилство врз лицата кои се гледаат како нејзини предизвикувачи. Заканата предизвкува силни чувства, бидејќи се пренесува како напад врз лесно надразливите пунктови за претпоставеното „мнозинство“, како што се: децата, семејството, националниот идентитет, историјата, религијата и традиционалните вредности. Етикетираните заканувачи, од друга страна, се најчесто феминистичките организации и активисти, ЛГБТИ заедницата и одредени донесувачи на одлуки кои се перципираат како нивни сојузници.
Одржувањето и развојот на моралната паника е овозможено од медиумите кои играат улога на главни пренесувачи на сите информации, дури и кога фигурираат како пасивни превозници на содржините.
Јазикот и политиките на страв на анти-родовите движења
За анти-родовите движења воопшто да можат дефинираат кого било како „заканувач“ или „непријател“, тие прво поставуваат јазична подлога на која се повикуваат. За да го трансформираат значењето на категоријата род, анти-родовата идеологија прво го идентификува зборот како „празен означител“ (Лаклау, 2005), што значи дека прават измена на сетот на вградени идеи и концепти во еден јазик и дозволуваат лизгање на нивните дотогашни смисли, за да направат влез на мноштво епитети и дефиниции кои ќе ѝ ги прилепат на оваа именка. Така, неформираниот дискурс на родот функционира како „мета-јазик“ или „афективен мост“ кој овозможува непречен проток на анти-родовите струи (Roth; Dietze, 15), промоција и популаризација на десно ориентираните актери како „спасители“ на народот од „опасниот феминизам“ кој се гледа како загрозувач на воопштеното природно, нормално и национално.
Оцрнувањето на родот го пренасочува вниманието на јавноста од секојдневните постоечки проблеми со цел да ги промовира двигателите на анти-родовите движења како „борци за правда и заштитници на просечниот човек од корпоративната алчност и глобалниот капитал“ (Agnieszka; Korolczuk, 7). Нивниот јазик прави поларизација меѓу луѓето, стратешки ги оддалечува и ги дели во повеќе групи, отуѓувајќи ги од прекаријатната состојба и актуелни проблеми на оние на маргините.
Реториката што овие движења ја користат е манипулативна, па дури и милитаристичка кога одредени личности повикуваат на директни пресметки што поттикнуваат говор на омраза на социјалните мрежи и насилство во реалноста. Тие ги именуваат сите оние со кои не се согласуваат како: тоталитаристи, инквизитори, либерофашисти, ревизионисти, инфилтратори, развратници, провокатори, фрикови и слично. Наспроти тоа, движењата самите се претставуваат како „модерни, млади и штосни“ (Kuhar; Zobec, 36), а нивните приврзаници се себе-именуваат како спасители, херои и месии.
Анти-родовите движења почиваат врз „политики на страв“ (Wodak, 2015) и успеваат да допрат до колективните емоции, дрско и без обѕир за колективното. Тие имаат моќ да создадат паралелна реалност во која ЛГБТИ, меѓу кои особено трансродовите луѓе, се антагонизираат и се претставуваат како недопирливи и корумпирани елити што бараат повеќе од сите останати. Превртувајќи ги и первертирајќи ги нивните позиции, тие ги претставуваат нив како опасни и надворешни непријатели кои се нови и увезени.
Анти-родовите движења се потпираат врз афекти и емоции, за да мобилизираат отпор против оние кои се заокружени како носители на девијантни појави. Затоа, најчесто претпочитаат да зборуваат за некакви нејасни претчувства на злото, за „инстинктивно“ гадење или за преголема сензитивност кај „мнозинството“ кон темите врзани за проблемите на транс заедницата.
Сопоставувањето на „обичниот човек“ или на „тивкото и угнетено мнозинство“ наспроти профилот на Другиот е број еден популистичка тактика за исклучување на одредена група од општеството. Повторливите фрази и етикети што тие ги употребуваат секогаш играат улога на тригери на страв, срам и вина, што многу болно и бавно се кодифицираат во рамки на квир-феминистичките практики во пунктови на гордост, креативност и солидарност.
Анти-родовите движења наспроти напредокот
Приклештувајќи се на различните стравови и фрустрации кај модерниот човек, анти-родовите движења креираат успешна социјална мобилизација, поради што ги загрозуваат демократските процеси, здравствените права, образованието, антидискриминацијата, итн. Така, најскорешна последица од анти-родовите движења и моралната паника во нашата земја, е задржувањето на статус квото во образованието и предизвикувањето на апатија и раздалечување на јавноста од реалната претстава за трансродовите лица, што резултираше со стопирање на декадната работа на прогресот во нивните права.
Досегашната работа и успеси во овие две области се уназадија неколкукратно од страна на лажните апокалиптични сценарија на анти-родовите движења. Заедничкиот именител во овие две области каде се пружи отпор беше категоријата родов идентитет, која овие сили јасно ја негираат. Како резултат на тоа, 2021 година може да се заокружи како година на тапкање во место, за време на што наместо да бележиме прогрес, можеме да се „пофалиме“ со: девалвација на новата Концепција за основно образование, негативно етикетирање на воведувањето на изборниот предмет сеопфатно сексуално образование, повлекување на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали за основно и средно образование од собраниска процедура, одложување на донесувањето на новиот Предлог-закон за средно образование – и повлекување на Предлог-законот за матична евиденција од дневен ред во Собранието, со кој конечно ќе се регулираше постапката за правното признавање на родот за трансродовите лица во земјата.
Улогата на медиумите во задржување на човекот и човечкото
Јасно е дека анти-родовите движења не се интересираат за емоционално компресираната, физички бавната и финансиски исцрпувачката прогресија во трансформацијата на родот кај едно трансродово лица, а тоа се пресликува и во медиумите. Свесно или од незнаење, тие честопати користат сензационалистички прикази и зборуваат за хипотетички „финални преобразби“ на трансродовите лица, небаре станува збор за објекти, а не за личности. Прескокнаат зборуваат за самото искуството на идентитетското видоизменување коешто содржи многу значајни „milestones – упоришни точки“ (Димитров, 15; Биман и Ранкин, 2011). Го игнорираат заедничкото сострадание и соживот, и го одбиваат постоењето на колективна радост и болка. Заобиколувајќи да поттикнат дискусија или да извлечат лично искуство, претставите на трансродовите луѓе во медиумите сеат страв, предизвикуваат чувство на постојана животна загрозеност и ранливост меѓу транс заедницата, ставајќи ги своите уверувања и интереси пред човечкото, но и лажното „човештво“ и пред самиот човек.
Последново е особено значајно затоа што медиумската репрезентација на трансродовите луѓе е честопати првиот извор од каде тие стекнуваат впечатоци за други транс лица и тој момент на поистоветување е зајакнувачки, влева чувство на припадност, ослободување и олеснување. Затоа, стереотипното и еднолично нивно прикажување во медиумите не е само несоодветно и непрофесионално пренесување на слики, туку е и свесно минимизирање и бришење на постоењето на цела група на луѓе во јавната сфера.
Недоволното присуство на автентични гласови на трансродовите луѓе придонесува кон зајакнување на нивниот статус како „отсутен Друг“, „имлицитно присутен како конститутивна неможност во рамки на општествената и на културната продукција“ (Димитров, 27). Затоа, во рамки на анти-родовите движења и моралната паника, бришењето на постоечките различни „модели на трансродување“ (Димитров, 13), мора да се чита како нехумано и насилно поигрување со животите на транс луѓето, кои се оставени да чекаат со децении за да имаат достоинствен живот, пристап до правда и права како сите други.
Конечно, во овој вртлог на различни чинители и игри за моќ, треба да се споменат и оние што навидум остануваат на периферијата од случувањата, на безбедна дистанца од она што го оценуваат како туѓа несреќа или далечен проблем. Пасивниот и наводно здружен колектив дефинитивно не се води по принципот на грижа, солидарност и емпатија кога молчи или се здружува за да застане во одбрана само кога станува збор за лични интереси. „Мнозинството“ на кое анти-родовите движења се повикуваат никогаш не е само набљудувач. Тоа има јасна улога и цел кога одлучува да гази по стазата на активниот овозможувач на злото, што за среќа не е доволно за да ѝ пркоси на трансродовата заедница.
Покрај сите очајни тактики на угнетување, трансродовите луѓе се мошне храбри и иако се маргинализирани и малку по број, тие сè поуспешно и сè посилно им се спротивставуваат на трансфобичните и хегемониски општествени структури. Транс лицата продолжуваат да се борат за заштита на целокупната ЛГБТИ заедница од заканувачката околина, ги претвораат стравовите во желби и надежи и за разлика од честопати маскираните поборници на анти-родовата идеологија, се искрени и упорни во колективната борба за еднакви можности за сите.
Библиографија
• Kuhar, Roman and Zobec, Aleš, The Anti-Gender Movement in Europe and the Educational Process in Public Schools, CEPS Journal 7, 2017, 2, S. 29-46.
• Graff, Agnieszka and Korolczuk, Elzbieta, Anti-gender Politics in the Populist Moment, Routledge, New York, 2021.
• Dietze, Gabriele, and Julia Roth. Right-Wing Populism and Gender: A Preliminary Cartography of and Emergent Field of Research: Right- Wing Populism and Gender, European Perspectives and Beyond, Bielefeld: Transcript Verlag, 2020, 7– 21.
• Wodak, Ruth. The Politics of Fear: What Right-Wing Populist Discourses Mean. London: Sage. 2015.
• Golec de Zavala, Agnieszka, and Oliver Keenan. Collective Narcissism as a Framework for Understanding Populism: Journal of Theoretical Social Psychology Advance, 2020.
• Димитров, Славчо., Трансродово искуство: идентитети, тела, насилство и социјализација, Коалиција МАРГИНИ, 2018.
• Цветковиќ, Ирена., Величковска, Мања., Гаговска, Елена., Сексуалните малцинства, родот и медиумите, Коалиција МАРГИНИ, 2021.
Фотографиите се преземени од изложбите „Цензура“ и „26/6“ од уметницата Соња Ставрова.