10 Nov Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба да ги штити правата на маргинализираните граѓани, а не профитот на приватните компании
Здружението ХОПС Опции за здрав живот Скопје и Мрежата за заштита од дискриминација се обратија до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со претставка за случај на индиректна дискриминација врз основа на здравствен статус. На жена која во минатото се лекувала од Хепатит Ц не и’ било овозможено приватно здравствено осигурување. Приватната осигурителна компанија не им го овозможува ова право и на други лица кои во минатото или во моментот се лекуваат од различни болести. На тој начин осигурителните комапнии вршат дискриминација врз основа на здравствен статус и припадност на маргинализирана група кон луѓето што употребуваат дроги и други групи на пациенти кои се лекуваат од различни хронични болести.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапувајќи по претставката донесе мислење со коешто не утврди индиректна дискриминација по основ на здравствена состојба кон лицата кои употребуваат дроги, но и кон останатите лица со хронични заболувања.
Според Комисијата, избегнувањето на ризик од финансиска загуба преставува легитимна цел за да се дискриминираат различни групи на пациенти без разлика дали во моментот се лекуваат или се излечиле од некоја болест. На овој начин Комисијата неправилно го применува Законот за спречување и заштита од дискриминација што дефинира што може да биде легитимна цел, како: „целта за чиешто остварување средствата треба да соодветствуваат со реалните потреби во конкретен случај, да се однапред прецизно дефинирани, да се неопходни за остварување на таа цел, како и да се пропорционални на ефектите што треба да се постигнат“. Дали според Комисијата профитот на осигурителната компанија е реална потреба а дискриминацијата на пациентите е неопходен начин да се оствари таа цел?!
Оваа практика е спротивна на меѓународните стандарди во областа. Според Европската Конвенција за човекови права, легитимни цели за ограничување на правата можат да бидат државната безбедност, заштитата на здравјето и моралот, заштита од криминал и заштита на правата на другите. Профитот на приватните компании не може да се смета за поважен од еднаквоста на граѓаните како нивно уставно и меѓународно признато право.
Комисијата се повикува на одредбите од областа на приватното здравствено осигурување без да се земе предвид дека дискриминацијата некогаш потекнува од самите закони. Ако нешто е уредено во закон не значи дека не може да биде дискриминација. Притоа треба да се има предвид дека овие лица се целосно исклучени од правото на приватно здравствено осигурување. За лицата кои имаат хронични заболувања кои влијаат на обемот на здравствени услуги кои ги примаат, компаниите можат да предвидат начин на плаќање и пресметување на реалните трошоци за лекување, но не и целосно исклучување од правото.
Имајќи предвид дека оваа Комисија согласно Законот треба да претставува експертско и независно тело за спречување и заштита од дискриминација особено загрижува фактот што тоа тело не е доволно сензитивно во однос на прекршувањето на правата на маргинализираните заедници, каде спаѓаат и различни групи на пациенти, хронично болни и луѓе кои употребуваат или употребувале дроги.
Скопје, 10.11.2021
Лице за контакт:
Маргарита Глигуровска
077953787