19 May ПОВИК за учесници на еднодневен семинар „Врзете се, ќе љубиме!„ – Политики на љубовта со проф. Јелисавета Благојевиќ
07 јуни, Скопје
Коалицијата Маргини во партнерство со ЛГБТИ центарот за поддршка објавува повик за учество на еднодневен семинар со проф. Јелисавета Благојевиќ: „Врзете се, ќе љубиме!„ – Политики на љубовта
Во рамки на овој семинар ќе се анализираат концептите на љубов и љубомора, како концепти кои ги поврзуваат структурите на субјектот и сингуларноста преку фигурата на Другиот, и политичките импликации и истории на овие концепти. Концептите на љубов и љубомора ќе се анализираат со цел да се истражат начините на коишто се конституира западниот, самопоседувачки, авторефлексивен, и самоафектирачки субјект. Кога ќе ја поврземе љубовта со љубомората, и љубомората со љубовта, треба да бидеме свесни дека постои постојан стремеж, дури и желба, да се „спаси„ љубовта од љубомора. Уште повеќе, дека поимот за љубомора има негативни конотации: дека љубомората е нешто што може да го повреди другиот/та; дека љубомората е нешто од коешто треба да се срамиме (можеби, да се биде агресивна); дека од љубомората треба да се плашиме (можеби, да биде исклучена); и, дека поради љубомората може да страдаме бидувајќи субјекти, бидувајќи потчинети, на извесен тип афекција која што се смета за „луда„, но не било кој вид на лудило, туку лудилото коешто е во исто време лудило и баналност. Бидувањето како и сите. Битствувањето како заедничко битствување.
Поаѓајќи од претпоставката на Фуко дека субјектот е локус на регулација и дисциплина во рамките на биополитичкиот диспозитив на моќта, деконструкцијата на субјектот, и трагата и неможноста за познавање и допирање на другиот што ја внесува љубовта во срцето на субјектот, ќе се разгледа како можност за ревидирање на етиката и односот кон другиот, како и трансформација на политичките основи на субјектот.
Семинарот ќе се одржи во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2021, чијашто тема е „Настраното заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти“, на 07 јуни, и ќе трае 3 часа. Учесниците ќе треба да прочитаат и заеднички да дискутираат и анализираат неколку клучни текстови кои ќе им бидат доставени од професорката Благојевиќ.
Постапка за пријавување:
Заинтересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на Семинарот (максимум 2 параграфа) и CV на е-пошта: koalicijaszpmz@gmail.com, најдоцна до 30.05.2021.
За резултатите од изборот апликантите ќе бидат информирани најдоцна до 01.06.2021.
Предност во селекцијата на учесниците во семинарот ќе имаат лицата студенти на или апликанти со завршени студии во областа на хуманистичките и социјални науки. Бројот на учесници е ограничен на максимум 10 лица.
Семинарот и Викендот на гордоста Скопје се поддржани од Фондацијата Хајнрик Бел, ФООМ, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, ЕУ, Министерство за култура на РСМ, и Град Скопје, а имплементирани од страна на Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност и КЦП Јадро. Медиумски поддржувач на фестивалот е ПОРТРЕТ.
Јелисавета Благојевиќ е професорка на Факултетот за медиуми и комуникации на Универзитетот Сингидунум, и е на позицијата деканка за академска соработка од 2006 година. Таа работела и на Женските Студии во Белград и Истражувачкиот центар за род како координаторка и предавачка од 2001 година. Од 2003 година е визитинг професорка на програмата за род и политика на Факултетот за политички науки при Белградскиот Универзитет. Таа предавала како визитинг професорка на различни универзитети низ Југо-источна Европа. Директорка е на IPAK.Center – Центар з аистражувања на идентитети, политики, и култури, како и на интернационалната Summer School for Sexualities, Cultures and Politics. Благојевиќ има објавено три книги- Politics of the Unthinkable: Introduction into Anti-Fascistic life, FMK, Belgrade, September, 2014, Hieroglyphs of Jealousy, Research Center in Gender Studies, Euro-Balkan Institute Skopje, 2008, Zajednica onih koji nemaju zajednicu (Community Without Community), FMK, Belgrade, 2008, како и текстови и поглавја во повеќе зборници. Нејзиниот истражувачки интерес ја вклучува современата (политичка) филозофија, студиите на медиуми, квир студиите и родовите студии. Таа е родена и живее во Белград.