09 Feb Училиштето мора да биде безбедна средина којашто ќе овозможи раст и развој на целокупниот личен потенцијал на секое дете
На јавната расправа која се оддржа во петокот во Собранието на РСМ, на 5 февруари 2021, по повод новата концепција за основно образование, поддршка и став изразија повеќе претставници на граѓански организации, универзитетски професори, академици, претставници од институти, наставници и директори.
По тој повод, извршната директорка на Коалиција МАРГИНИ, докторка на науки по родови студии – Ирена Цветковиќ изјави дека ја поддржува концепцијата со која се овозможува развој на потенцијалот на секое дете.
„Последните неколку години ги поминав во училишна средина, помеѓу основци и средношколци, заедно работејќи на прашањата кои ги мачат нашите деца, нашите млади. Денеска сите ги браневме нашите професии, но јас сум овде да зборувам надвор од нашите професии, да зборувам за нашите деца. Образованието не е тренинг систем кој продуцира идна работна сила. Оваа визија на образованието е многу кусогледа и баназилирачка. (…) Училиштето е многу повеќе од фабрика за идни шефови и работници. Напротив, време е да почнеме да го согледуваме сиот потенцијал на образовните системи и тоа глобално. “
„Во нашите учебници има приказни и песнички во кои се нормализира тепање на жена. Во нашите учебници по македонски јазик сите приказни и песнички мотивираат активност, љубопитност и палавост, на граница на ризик кај момчиња, а истото тоа го забрануваат кај девојчиња, односно тие морално се казнети. Кај девојчињата се промовира само потчинетост и пасивност. Имате приказни во кои се охрабрува измамата и во коишто се оправдува булиингот. Јас не знам што браниме кога велиме дека го браниеме нашето образование. Јас како родител сум во позиција да го бранам моето дете од македонското образование.“
„Училиштето мора да биде безбедна средина којашто ќе овозможи раст и развој на целокупниот личен потенцијал на секое дете. Особено во основното образование се многу важни градењето на демократски капацитети, вредности и ставови кај младите“ – изјави Цветковиќ.
Целиот говор на Ирена Цветковиќ можете да го погледнете на видеото подолу.