13 Nov Јавно предавање на Ана Мартиноска: (И)стории од долапот | Македонски еротски фолклор
Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка во рамки на Школата за род, сексуалности, култура и политика овозможија јавно предавање на Ана Мартиноска: (И)стории од долапот/Македонски еротски фолклор.
Во ова предавање Мартиноска зборува за нејзиниот избор на еротски приказни, песни, гатанки и пословици во рамки на неодамна издадената „(И)стории од долапот – избор од македонската народна еротика“ (Ми-Ан, 2020). Книгата е значаен придонес во македонската фолклористика и претставува осветлување на овој не многу истражуван феномен од народната традиција.
Примерите на народните приказни говорат дека и покрај тоа што македонската културна средина е навидум сосема патријархална и конзервативна, што претставува јасен ограничувачки фактор во однос на слободното однесување на луѓето, наместа постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на истата таа патријархална средина. Понекаде, ваквото однесување наидува на отпор и јасна осуда, но постојат и многу други во кои сексот се прифаќа како нешто сосема природно, а промискуитетот и склоноста кон слобода и сексуални избори вон општествените норми како знак за индивидуалните сфаќања и конкретните животни ситуации.
Иако македонската народна култура е навидум патријархална и затворена во својот конзервативен морал, областа на еротски фолклор ја разбива таа предрасуда и нуди очигледни примери за еротскиот свет на македонскиот народ кои се вон очекуваните, непишани етички норми и прифатливите матрици на однесување на родовите.
Оној дел од еротскиот фолклор кој е вон обредниот контекст е тој кој ја провоцира догматската норма на патријархатот, фалоцентричната идеологија и потребата за контрола на женската сексуалност. Примерите на страсни, промискуитетни и неверни жени дури и кога се осудувани или исмевани, сепак говорат за предизвикување на доминантните матрици на однесување и обид за разнишување на востановените правила и стереотипните женски претстави.
Тие укажуваат на неопходноста од поинаков третман на женската и машката сексуалност, одвојување на сексот од репродукцијата, критика на бракот и моногамноста, отворање кон сексуалните различности итн.
Школата за род, сексуалности, култура и политика е дел од „Проектот за ЛГБТИ инклузија – дигитална едиција“ финансиски поддржан од страна на ИЛГА-Европа, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка и Коалиција Маргини.