Низ ножиците – Јован Јосифовски | Skopje Pride Weekend 2020

Низ ножиците – Јован Јосифовски | Skopje Pride Weekend 2020

07 септември (понеделник)
18:00 ч.
КОМИТЕТ

Самостојна изложба: Низ ножиците

Јован Јосифовски

„Низ ножиците“ е изложба на фрагменти, парчиња, исечоци, делчиња, купени/употребени/најдени предмети, различни димензии и рамни површини, интензитети и потези, лузни од лични истории и рани од повредите на класното искуство, лизгачки означители, редистрибуција на перспективи и аспекти, скинати и прелепени цртежи, контрапункти, синкопи, крикови на бес и политички револт, на страв, стигма и срам, но и задоволства на превртениот срам, на сетилни допири и контакт кои одбиваат да станат органи, или на тела без органи. Токму овие аспекти на колажната техника му овозможуваат на Јосифовски громогласно да се смее и критикува, остро со потегот на ножиците. Преку колажните фрагменти и парчиња, изненадувачките комбинации и композиции, преупотребата на веќе искористени материјали, и изненадувачките средби на слики, зборови и предмети, Јосифовски се спротивставува на Господаречкиот Означител и претензијата, секогаш насилна, на универзалност, привилегираност, доминација, хиерархија, централизација и репрезентација на Една Вистина, Едно Тело, Една Сексуалност, Едно Знаење, Едно Значење, Еден Бог.

Колажните композиции во рамките на првата самостојна изложба, „Низ ножиците“ на Јосифовски изнесуваат на виделина аспекти на нашата мрачна сегашност, ги разоткриваат угнетувачките гестови зад бетонските универзитетски ѕидови, го изместуваат чистото и светото на религијата во валканите секрети од задоволствата на сексот, и го изложува насилството на милозната молитва, ги пакуваат раните од конфекциската машина и капиталот на текстилната индустрија, создаваат простор да проговори иронично Ајнштајн зад бирократските и неспособни лавиринти на институционалната бирократија, бесрамно го абортираат истоштувачкиот бипартиски тридецениски систем на македонската политичка сцена, и ни ја разголуваат играта со карти на профитерските моќници и нејзините катастрофални еколошки последици итн.

Јован Јосифовски е роден во Ресен, во 1993 година. Училиште за применета уметност завршува во Скопје, во 2012 година. Завршува Факултет за ликовна уметност на Графичкиот отсек во класата на проф. д-р Славица Јанешлиева. Учевствува на неколку групни изложби во текот на студиите. Пред да се одлучи за ликовно образование покажува афинитет кон модната илустрација и театарскиот костим. Доминантна техника во неговите дела е колажот, кој континуирано се трансформира и вклучува цртежи од детството или стари цртежи во иста композиција со тековните дела.