01 Jun Работа: Демократизација, декомодификација, деконтаминација
Превод: Јулија Мицова
Човекот како работник претставува многу повеќе од обичен „ресурс“. Toa е една од основните поуки што може да се извлечат од сегашната криза. Грижа за болните; достава на храна; лекарства и други неопходности; чистење на отпадот; полнење на полици и наплаќање на каси во супермаркетите – луѓето што ни помогнаа да продолжиме со животот во текот на пандемијата со КОВИД-19 се вистински доказ дека работата не може да се сведе единствено на роба (commodity). Човековото здравје и грижата за најранливите не смее да се препушти на пазарните сили. Доколку тоа се случи ќе дојде до влошување на нееднаквостите до тој степен што најнепривилигираните би можеле да го загубат животот. Но како да се избегне ваквата неприфатлива ситуација? Со тоа што вработените ќе бидат вклучени во одлуките што се однесуваат на нивниот живот и иднината на работното место – со демократизација на компаниите. Со декомодификација на работата – со колективна гаранција на полезно вработување за сите. Во време кога се соочуваме со монструозен ризик од пандемски колапс, но и пропаст на животната средина, достоинството на сите граѓани може да се обезбеди преку стратешки промени, но и да се концентрира колективната сила и напор неопходни за зачувување на животот на планетата Земја.
Зошто демократизација? Секое утро, мажи и жени, особено припадници на расните заедници, мигрантите и непријавените работници, се будат за да ги служат оние што се во можност да останат во карантин. Будно внимаваат во текот на ноќта. Не е потребно дополнително објаснување за достоинственоста на нивните работни места само еден едноставен и елоквентен поим – „суштински работници“. Поимот разоткрива клучен факт долго време сокриван како невидлив од страна на капитализмот со помош на друг термин, „човекови ресурси“. Човечкото суштество не претставува еден ресурс помеѓу повеќето други. Производството, услугите па и дејноста воопшто нема да постојат без оние што ја вложуваат својата работа во нив.
Секое утро, карантираните мажи и жени се будат во своите домови за да ги исполнат од далеку мисиите на организациите за коишто работат. Работат и до доцна во ноќта. Овие мажи и жени им пркосат на тие што веруваат дека работниците не се способни да ги извршуваат работните обврски без надзор, дека на работниците им е неопходна постојана контрола и надворешна дисциплина. Но покажаа, дење и ноќе, дека работниците се повеќе од клучни актери меѓу повеќето: во нив се крие тајната за успехот на работодавачот. Го сочинуваат суштинското тело на компанијата, а сепак и покрај тоа се исклучени од учество во управувањето со сопствените работни места – право резервирано за инвеститорите на капитал.
Одговорот на прашањето како компаниите и општеството како целина би го препознале придонесот на вработените во време на криза е демократијата. Секако првин мора да се надмине огромната разлика во нееднаквите примања и да се крене прагот – но тоа не е доволно. По двете светски војни, неоспорниот придонес на жените во општеството им помогна да се изборат за правото на глас. Одовде, време е да им се даде право на глас и на работниците.
Работниците добија сопствени претставници на работното место во Европа по крајот на Втората светска војна, преку институции познати како Работни совети. Сепак, овие тела за застапување на работниците имаат мал удел во управувањето во рамките на компаниите, и се подредени на изборот на извршното раководство назначено од акционерите. Не успеаја да ја запрат, па дури ни да ја забават немилосрдната динамика на акумулација на капитал поттикната од себични интереси, уште помоќна во уништувањето на животната средина. Неопходно е стекнување на поголеми права, слични на правата кои ги уживаат членовите на одборите. Тоа ќе се постигне доколку управните тела во компаниите (извршното раководство) се обврзе да постигне двојно мнозинско одобрување, од страна на коморите што ги застапуваат работниците и од акционерите. Во Германија, Холандија и Скандинавија, различните форми на кодетерминација (mitbestimmung) воспоставени во неколку фази по Втората светска војна претставуваа клучен чекор кон здобивањето со глас за работниците – иако сепак не се создаде реална демократија во компаниите. Дури и во САД, каде правото на организирање на работниците и на синдикати е значително поттиснато, денес е сè поприсутно барањето работниците да се здобијат со правото самите да избираат претставници со супер-мнозинство во управните одбори. Изборот на извршен директор, определувањето на главните стратегии и распределбата на профитот се премногу важни и не смеат да се остават единствено на акционерите. Личното вложување во трудот, односно вложувањето на сопствениот ум и тело, на здравјето, дури и сопствениот живот, налага и здобивање со колективно право да се одобрат или забранат таквите одлуки.
Зошто декомодификација? Кризата исто така ни посочи дека на работата не смее да се гледа како на роба, дека пазарните механизми не смеат сами да носат одлуки кои суштински ја засегаат целата заедница. Веќе подолг период работните места и набавките во здравствениот сектор се предмет на водечкиот принцип на профитабилност; во денешно време, пандемијата придонесе да се разоткрие колку всушност таквиот принцип нè застранил од вистинскиот пат. Неопходно е одредени стратешки и колективни потреби да станат имуни на ваквите погледи. Сè поголемиот број на починати на глобално ниво претставува ужасен потсетник дека одредени нешта не смеат да се поимаат како комодитети, додека неистомислениците нè загрозуваат со опасна идеологија. Профитабилноста претставува неиздржлив критериум кога се работи за нашето здравје и животот на планетата Земја.
Декомодификацијата на работата повлекува заштита на одредени сектори од законите на таканаречениот „слободен пазар“, но и гаранција дека секој има пристап до работа и достоинството коешто истата го носи. Тоа ќе се овозможи со креирање на Гаранција на работното место. Според член 23 од Универзалната декларација за човекови права, секој има право на работа, слободен избор на работно место, праведни и поволни работни услови и заштита од невработеност. Гаранцијата на работното место не само што ќе понуди пристап до работа за секого, со што на луѓето им се овозможува достоинствен живот, туку и ќе преставува клучен поттик на колективната способност да се справиме со итните општествени и еколошки предизвици со кои во моментов се соочуваме. Преку гарантирање на работното место владите ќе можат, во соработка со локалните заедници, да овозможат достоинствена работа, при што исто така ќе се вложат напори во борбата со еколошката катастрофа. Програмите за гаранција на работното место ширум планетата ќе имаат клучна улога во обезбедувањето на општествена, економска и еколошка стабилност во демократските општества во кои живееме. Неопходно е да се вклучат проекти од сличен тип во Зелениот договор на Европската Унија. Доколку се преиспита мисијата на Европската централна банка со цел да ја финансира програмата, неопходна за нашиот опстанок, истата ќе добие легитимно место во животот на секого и на граѓаните на ЕУ. Како контрациклично решение на сè пораспространетата невработеност, програмата ќе има клучен придонес во просперитетот на ЕУ.
Еколошка ремедијација. Во денешно време не треба да се реагира со истате невиност како во 2008 година кога се обидовме да одговориме на економската криза со безусловна помош со која само се зголеми јавниот долг, а притоа не беше побарано ништо за возврат. Доколку владите прават чекори со цел да се спасат компаниите, тогаш и компаниите треба да се вклучат и да ги исполнат основните услови за демократија. Во името на демократските општества на кои им служат, и кои ги сочинуваат, во има на одговорноста да обезбедат опстанок на планетата, помошта што владите ја нудат на компаниите мора да биде условена со цел да се направат одредени промени во нивното однесување. Покрај строгите еколошки стандарди, компаниите мора да исполнуваат одредени услови за демократско внатрешно управување. Успешната транзиција од еколошка деструкција до еколошко заздравување и регенерација најдобро може да се постигне со водството на демократски управуваните компании во кои гласовите на лицата кои го вложуваат сопствениот труд ќе има иста тежина како и на тие кои го вложуваат сопствениот капитал при стратешки одлуки. Имавме доволно време за да видиме што ќе се случи кога трудот, планетата и капиталните добивки ќе се измерат во сегашниот систем: трудот и планетата губат.
Благодарение на Катедрата за Инжинерство при Универзитетот во Кембриџ (Cullen, Allwood, and Borgstein, Envir. Sci. & Tech. 2011 45, 1711-1718), знаеме дека преку „остварливи системски промени“ (achievable design changes) потрошувачката на глобална енергија може да се намали за 73%. Сепак, таквите промени изискуваат напорен труд, како и опции кои чинат многу повеќе гледано краткорочно. Одовде, се додека компаниите настојуваат да го зголемат профитот единствено за инвеститорите на капитал, во свет во кој енергијата е ефтина, промените нема да се направат? И покрај предизвиците при транзиција од ваков вид, одредени општествено-насочени приватни дејности/задруги се трудат да постигнат цели со кои се земаат во предвид финансиските, општествените и еколошките потреби, и градат демократско внатрешно управување, при што веќе се забележува потенцијалот на позитивното влијание.
Да не се залажуваме повеќе: препуштени на сопствените интереси, повеќето финансиски инвеститори не се загрижени за достоинството на работниците, ниту пак ќе ја предводат борбата против еколошката катастрофа. Постои друга опција. Демократизирање на компаниите; декомодификација на работата; човекот не треба повеќе да се поима како ресурс со цел заедно да се фокусираме кон оддржлив живот на планетата Земја.
Иницијативата можете да ја потпишете овде.