17 May Излегување од плакарот
Искуството на излегувањето од плакарот за мене секогаш претставуваше искуство на меч со две острици, вклештеност помеѓу две можности кои претставуваа само две лица на истото насилство, хетеропатријархалната опресија, исклучување и епистемологија. Од една страна, внатре во плакарот во кој се наоѓаш самиот себеси веќе затворен, присилен во мракот и молкот, во внатрешност која некој друг веќе ти ја поставил и те втурнал во неа, како рефлексија со која се идентификуваш или во која се наоѓаш заточен, како молк исполнет со вревата на зборови, мисли, концепти, идентитетски одредници, врамувања на сексуалноста и историја на дискурси, со буката на говорот на оние, кои, веќе уште пред да знаеш, те претвориле во објект за сецирање, сондажи, интерпретации, класификации и прогласување за посебен вид. Од другата страна, надвор од плакарот, облечен во палимпсестите на говорот на другите и нивната врева во молкот на плакарот, веќе гордо присвоени како свое автентично постоење, се наоѓаш соочен во светот со ризикот, овојпат затоа што си се дрзнал да бидеш тоа што веќе претходно те класифицирале да бидеш, и поради коешто те втурнале внатре во плакарот, или пак се наоѓаш соочен со признание од светот како еднакво добар, еднакво вреден, и еднакво легитимен човек (како и нив, нормалните, добри, чесни, горди граѓани), во челичните рамки на општествено пре/при-знавање. Тие две страни на насилството претставуваат всушност избор помеѓу, од едната страна, социо-онтолошката можност и императив да ја декларираш и перформираш вистината за своето претпоставено автентично себство, присилбата за исповест низ која ќе се разоткријат тајните на зјапачката вистина од длабочините на твоето битие, повикот да се позиционираш во полициската идентитетска организација, и од друга страна хероистичкиот отворен пркос налепен со гордост. Но, сепак, во „излегувањето од плакарот„ се криеше и една друга нужност, потреба, или поточно егзистенцијална и епистемолошка желба. Егзистенцијална (или онтолошка, или како императив на слободата) затоа што беше пулс да се отфрли теророт на изолацијата, да се биде дел од светот, да се има свет, со другите, да се проткајата нитките на сопственото искуство, на сопствените болки, радости, задоволства, копнежи, потреби, желби, културни имагинации и социјални навики, низ мрежата на други сингуларни нитки, на други луѓе, други места, други светови, и други заедници, или други животи, на своите пријатели и сограѓани. На тој начин што ја кршиш, им ја одземеш епистемолошката привилегија на хомофобот или на удобно потонатите хетеросексуалци во перниците на нивната привилегија. Им се спротиставуваш со, го вметнуваш, својот глас во плуралниот свет на јавноста и заедницата, своето искуство на свет-ствување, својата перспектива, знаење и доживување за самиот себе. И одовде, вметнувам ново искуство во баналната монотонија на нивното секојдневие во кое те присилуваат молчешкум да се смееш на стварите на кои тие се смеат, да се радуваш на работите и животните настани и достигнувања што нив ги радуваат, да тажиш по работите по кои сите тажат, и да те возбудуваат телата што веќе се пропишани во регулаторниот апарат на хетеронормативноста. Односно ќе се спротиставиш на молчешкум прифаќаниот говор и вистина за себе од другите, особено секој пат кога ќе се смеат или ќе повикуваат на колеж на „педерите„. Ќе ја изместиш и трансформираш во отпор паранојата на бидувањето во плакарот, паранојата во која никогаш не знаеш со сигурност кој те гледа и ја знае „вистината„ за тебе, и мислиш дека си виден и кога не си гледан, и ги интерпретираш до бесконечност минискулните гестови поазди кои расплатуваш еден сноп значења. Но во оваа позиција, излегувањето од плакарот за мене секогаш беше обележан со постојаната борба да се биде препо/при-знаен во целосна непрепознатливост согласно веќе постојните регулаторни и идентитетско-искуствени одредници на препознатливоста на што е доволно човечко. Да се излезе од плакарот не за да отвори тајната вистина за себеси, туку за да се отворат можни хоризонти за проекција, и патеки за постанување и бидивање секогаш нешто друго, сингуларно, со и помеѓу другите.
С.