Заедничка изјава: Транснационална солидарност против расизмот и војната!

Заедничка изјава: Транснационална солидарност против расизмот и војната!

Пет години по почетокот на таканаречената „бегалска криза“, и речиси четири години по спогодбата меѓу Европската Унија и Турција, повторно се соочуваме со насилство причинето од миграционите политики насочени кон безбедност. Од минатиот четврток (27.02.2020) илјадници лица се движат кон грчко-турската граница по изјавата дека мигрантите што сакаат да пристигнат во Европа повеќе нема да бидат запирани од турската страна на границата. Изјавата на турската влада пристигна по смртта на 33 турски војници во областа Идлиб, каде ескалацијата во конфликтот резултираше со нагол пораст на смртта на цивили на секојдневно, по бесрамното пукање врз објекти од основната инфраструктура и здравствените установи. Турската влада сé уште ги држи границите со Сирија затворени, при што не гледа ништо лошо во тоа да ги притиска илјадниците мигранти кон вратите на Европа, во сивата зона.

Мигрантите и азилантите од Сирија, Авганистан, Пакистан и неколку африкански земји пристигнуваат на граничните премини во Едрене, Чанаккале и Измир; дел од нив пристигнале со јавни автобуси, други со такси, додека трети со пешачење. Во областа на Едрене, од страна на турските власти им се дозволува да продолжат кон граничната зона, но грчката полиција ги спречува да преминат со употреба на гасни и звучни бомби. Истовремено, турските власти го ограничија пристапот на новинари и известувачи. Беглаците заглавени во сивата зона меѓу двете држави во услови на пороен дожд и со оскудни залихи на храна извикуваат и бараат отворање на границите. Властите им велат на лицата што пристигнале до копнената граница да преминат преку море и покрај влошените временски услови.

Во Грција сценариото исто така се влошува. Владата неодамна усвои построг, па дури и понечовечен закон за азил со кој се дозволува задржување по пристигнувањето на грчка територија на сите нови баратели на азил. Во минатото, локалните заедници на островите Киос и Лезбос се судираа со полицијата во знак на протест против градењето на нови објекти за задржување. Погодени од товарот на таканаречената „бегалска криза“ по договорот меѓу ЕУ и Турција, тие протестираат против влошувањето на животните услови во кои самите живеат, како и животните услови на барателите на азил таму. Сепак, ксенофобијата и расизмот успеаја да го преплават јавниот дискурс. Како реакција на неодамнешните настани, претставници на грчката влада ја подгреваат омразата и стравот со ширење на митот за инвазија на „илегалците“ по наредба на соседната земја.

Неопходно е да им се спротивставиме на ксенофобијата, расизмот и нивната нормализација, без разлика каде се појавуваат, во Турција, Грција или во друга земја. Инструментализацијата на животите на мигрантите, барателите на азил и бегалците сведени на закана и точка на преговори мора да престане, во националните изборни кампањи, но и во односите меѓу турската влада и Европската Унија. Безбедносните политики со помош на кои се притиснаа илјадници веќе раселени лица кон сивата зона и граничните режими со кои се предизвикува постојаниот циклус на насилство против истите мора да престане. Бараме мир, основни права и слободи за секоја личност во движење.

Границите убиваат, отворете ги границите!

Запрете ја војната против бегалците и мигрантите!

Транснационална солидарност против расизмот и војните!

За слободен свет без граници, експлоатација и прогон.

ИЗВОР